Култура

Почина Есма Реџепова

Кралицата на ромската музика Есма Реџепова утрово починала во Скопје. Таа пред две недели беше примена во една болница во Скопје во тешка состојба. Есма е носител на титулата Национален уметник на РМ од 2013, а на 30 октомври годинава во Торонто беше промовирана монографија за нејзината 55-годишна кариера. Монографијата е посветена на Есма, на нејзиниот покоен сопруг СтевоТеодосиевски и ансамблот „Теодосиевски“ и на сите генерации музичари што тие ги одгледале. Есма Реџепова Теодосиевска е родена на 8 август 1943 година во Скопје. Потекнува од сиромашно семејство и уште од мали нозе била принудена да преземе работни обврски. 

Нејзиниот живот добил нов тек благодарение на Стево Теодосиевски, кој кај неа препознал голем талент за пеење и ја поканил да се приклучи во неговиот ансамбл. Она што започнало како музичко партнерство, подоцна прераснало и во брачна заедница. Есма и Стево беа во брак речиси 30 години, односно до неговата смрт во 1997 година.

И покрај големите успеси, Есма не заборави како e да се биде сиромашен, , а непрекинато нижеше хуманитарни мисии за кои ѝ беа врачени огромен број награди и признанија. Нарекувана и „мајката со најмногу деца во Македонија“, Есма не роди свои чеда, но посвои и израсна 48 дечиња. До крајот на својот живот таа доби повеќе од сто внуци и правнуци.

Во 1976 година на првиот „Фестивал на Ромска музика и песна” во Чандигар, Индија таа е официјално прогласена за Кралица на ромската песна. Во 1992 година е прогласена за „Примадона на европското пеење”. Годинава Есма имаше бројни настапи меѓу кои“ најистакнати беа оние во Конгресната библиотека и Кенеди центарот во Вашингтон во рамките на турнејата низ САД, а на крајот на август пееше и на хуманитарниот концерт за поплавените во скопскиот регион.

 

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *