Култура

Досега ниту една правна разрешница за честите шумски пожари на Галичица

Повторно пожар на Галичица и тоа сред зима. Овојпат е опожарена област меѓу селата Велгошти и Рамне, долж северозападната граница на Националниот парк. Со оглед на тоа што немаме никакви официјални информации, не можеме да бидеме сигурни дали пожарот зафатил и зона за активно управување или само зона за одржливо користење, се вели во соопштението за јавност, во врска со пожарот на Галичица од 22 декември 2016 година од Активисти на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ објавено во Окно.

galicica

Шумските пожари во овој дел од Галичица, односно Петрино, се многу честа појава и тоа е многу добро познат факт. Како причинител на истите, и тоа без исклучок, се посочува човечкиот фактор. Сепак, јавноста досега не чула за ниту една правна разрешница на овие случаи. Ова вклучително и за стравотниот пожар од 2007-ма кој се протегна на 7 километри. За илустрација, само во првите 8 месеци од 2007 г. на Галичица имало 15 пожари кои опфатиле површина од 450 хектари. Според ЈП Македонски шуми, бројот на шумски пожари на ниво на Македонија од 2009 до 2015 г. е зголемен за 3 пати, а во 95% од случаите причинител е човекот.

Зачудувачки е фактот што дури ни во стратегиската оценка за влијанието на овие проекти врз животната средина, ризикот од шумски пожари воопшто не е земен како фактор.Зголеменото присуство на луѓе во планинските предели носи и зголемен ризик од шумски пожари. Со најавените мегапроекти за урбанизација во Националиот парк Галичица, тој ризик ќе биде значително поголем. Зачудувачки е фактот што дури ни во стратегиската оценка за влијанието на овие проекти врз животната средина, ризикот од шумски пожари воопшто не е земен како фактор.Шумските пожари не само што се опасност за луѓето, тие потенцијално имаат исклучително лошо влијание врз сложените екосистеми со висока еколошка, но и економска вредност како што е Галичица. И не само од еколошки аспект, пожарите ја намалуваат и економската валидност на проектите, а претставуваат и значително финансиско оптоварување. Секоја година во просек тие ја чинат Македонија 5,3 милиони евра и тоа не вклучувајќи ги трошоците за гаснење на истите. Згора на тоа се и трошоците поврзани со обновување на земјиштето, заштита од наезда на инсекти, зголемен ризик од ерозии, итн. што евидентно се занемарува.

Во 2011 г. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство официјално започна национална кампања за заштита на шумите од пожари со акцент на подигање на јавната свест за штетноста и опасноста од пожарите, нивно спречување и навремено пријавување.

Во април 2014 г. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за хидрометеоролошки работи, Дирекцијата за заштита и спасување, ЈП Македонски шуми во партнерство со Јапонската агенција за меѓународна соработка ставија во употреба современ информативен систем за следење на шумски пожари според европски модел.

Во мај 2016 г. Противпожарен сојуз на РМ и ЈП Македонски шуми потпишаа Меморандум за соработка со кој ќе се гарантира „превентивна заштита со поголем ефект и брзо делување на терен при шумски пожари“.

Просечниот македонски граѓанин ќе си помисли дека вулкан да избувне во Македонија, искра нема да летне кај што нашите институции нема да дозволат.

И така е, но само на хартија и на зборови, а реално, на дело, е вака: локалците (најчесто овчари, козари и сл.) самите ги опожаруваат шумите за потоа да можат да ги искористуваат како огревно дрво. Пожарите некогаш неконтролирано се шират и претставуваат опасност по животот на сите мештани. Неповратно се уништува природниот биодиверзитет кој е од непроценлива вредност.

Бизнис елити сечат (или опожаруваат) со децении стари шуми за остварување на свои лични, тесни финансиски интереси, целосно занемарувајќи ги и грубо кршејќи ги законите, а со тоа нанесувајќи огромна и неповратна штета на квалитетот на животот на своите сограѓани.

јавните претпријатија национални паркови се финансираат од сеча на дрва за огрев од шумите кои наводно треба да ги штитатВо Македонски шуми има илјадници нови вработувања, но на крајно несоодветен кадар. Ако ова не е доволно иронично, има уште – јавните претпријатија национални паркови се финансираат од сеча на дрва за огрев од шумите кои наводно треба да ги штитат.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство нема изработено Стратегија за шумарство, а дури и по 25 години од осамостојување немаме Инвентаризација на шуми.

Најпросто кажано, Македонија буквално нема поим со што располага и тоа е така со една единствена цел: полесно да се крадат и злоупотребуваат јавните добра!

Затоа, бараме од Државниот инспекторат за шумарство и ловство и од ЈУНП Галичица итно да отворат истрага и во соработка со соодветни институции (Шумска полиција, МВР) да ги лоцираат виновниците за најновиот пожар на Галичица и да ги изведат пред лицето на правдата. Не бараме ова да биде само формално спроведено како што досега се прави. Бараме институциите еднаш во своето 25-годишно (не)работење да покажат резултати! На сите ни се смачи од „истрагата е во тек“. Веќе е крајно време „истрагата да заврши, а виновниците да се соочат со соодветна казна“.

Дополнително, ги повикуваме и граѓаните да ни се приклучат на барањето со свои реакции на:

Државен инспекторат за шумарство и ловство

тел. 02 3127 107 и 02 3241 826

е-пошта: disl@mzsv.gov.mk

ЈУНП Галичица

тел. 046/261473 и 046/260523
е-пошта: galicica@galicica.org.mk

Бидејќи, во крајна линија, нивните и животите на нивните сограѓани се во опасност!

Со почит,

Активисти на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *