Култура

Филмот „Ла Ла Ленд“ освои 14 номинации за „Оскар“

Филмските награди „Оскар“ годинава ќе се доделат по 89. пат, на 26 февруари во „Долби театарот“ во Холивуд, а доделувањето ќе биде пренесувано во живо  во 225 земји. За најдобар филм оваа година ќе се борат девет многу различни остварувања меѓу себе. Фантастичната музичка драма „Ла Ла Ленд“ со Ема Стоун и Рајан Гослинг  е номиниран во 14 категории за наградата „Оскар“. За најголема конкуренција на „Ла Ла Ленд“ се смета драмата „Месечина“ на Бери Џенкинс, која освои осум номинации за „Оскар“. Филмот го прикажува  животот на едно црно момче кое расте во сурова околина, но кое мора да се соочи со својата хомосексуалност. Ист број на номинации освои и научно-фантастичната драма „Пристигнување“ на Денис Вилнев, приказна за  доаѓањето на „вонземјаните“. Филмот има номинација за најдобар филм, за режија и за адаптирано сценарио. Во номинираните девет филма се и семејната драма „Манчестер на море“ на Кенет Лонерган и воената драма „Гребенот на спасените“ на Мел Гибсон. Филмот на Гибсон е драма за хероизмот во Втората светска војна, номиниран за најдобар филм и режија, најдобра машка улога, како и за монтажа, за звук и звучна монтажа. „Манчестер на море“, покрај номинациите за најдобар филм, за режија и за сценарио е единствениот филм кој понесе три номинации за улоги. 

Во трката за Оскарите со добиени шест номинации е и  мелодрамата „Лав“ на Гарт Дејвис со Дев Пател и Никол Кидман, приказна за еден изгубен Индиец кој ќе биде посвоен во Австралија. По 4 номинации добија, филмот на Дензел Вашингтон „Огради“, сместен во 1950-тите години, потоа вестернот „По секоја цена“ („Hell or High Water“) на Дејвид Мекензи, а три номинации доби филмот  работен по вистинска приказна со вселенската мисија на НАСА насловена „Скриени лица“ во режија на Теодор Мелфи. 

За најдобра главна женска улога, покрај Ема Стоун и Рут Нега, ќе се натпреваруваат, Натали Портман за улогата во „Џеки“, Мерил Стрип, нејзина  20-та номинација по ред, (која досега има освоено три Оскари), за улогата во „Флоренс Фостер Џенкинс“ и Изабел Ипер за „Ел“. За најдобра машка улога, покрај Рајан Гослинг и Кејси Афлек (кој го доби „Златниот глобус“ за најдобра улога), номинирани се, Виго Мортенсен во „Капетан Фантастик“, Ендрју Гарфилд за „Гребенот на спасените“ и Дензел Вашингтон за „Огради“. Во трката, пак, за режија се: Дамиен Шазел за „Ла Ла Ленд“, Мел Гибсон за „Гребенот на спасените“, „Месечина“ на Бери Џенкинс, „Манчестер на море“ на Кенет Лонерган и „Пристигнување“ на Денис Вилнев. Ова очигледно е година на „мали“, независни, особени приказни.

Водител на доделуваето на Оскарите годинава ќе биде Џими Кимел.

Слични статии