Култура

Годишна програма на МОБ прилагодена на јубилејот, 70 години постоење

Со три балетски и четири оперски премиери планирани за оваа година, Македонската опера и Балет ќе прослави 70 години од своето постоење, а Мајските оперски вечери ќе го одбележат својот 40-ти јубилеј. Годишната програма за 2017 година ја претставија уметничките директори на операта и на балетот Сони Петровски и Олга Панго.

Според програмата, во април ќе се одржи балетска премиера на данскиот кореограф Бурмон Вил која ќе ја пренесува Френк Андерсен, познат уметник кој долги години бил уметнички директор на Кралскиот балет во Данска, а чија премиера ќе биде во април. Во рамките на фестивалот „Скопско лето“ во јуни е планирана премиерата на Саша Ефтимова како нејзина дипломска работа. Во октомври кореографот Ицик Галили од Израел кој кариерата ја градел во Холандија ќе работи на два пократки балетски претстави, додека за декември е предвидена балетската претстава „Пипи Долгиот Чорап“.

Од четирите премиери, планирани за годинава, два од нив ќе бидат поставени во рамки на Мајските оперски вечери и тоа оперите „Паљачи“ и „Кавалерија Рустикана“ и двете во режија на Цветан Стојановски, информираше уметничкиот директор на Операта, Сони Петровски. Мјузиклот „Тајно моја“ ќе биде реализиран во март во чест на Тоше Проевски, во режија на Дејан Пројковски, сценографијата е на Валентин Светозарев и кореографијата на Олга Панго.. За мјузиклот се одржа талент кастинг шоу на кое жири комисијата ги избра учесниците Антонија Гиговска и Денис Димоски.  За на есен, пак, уметничкиот директор на Операта најави премиера на најпознатиот оперски наслов „Травијата“ од Џузепе Верди.

Во чест на одбележувањето на јубилејот, 40 години на Мајските оперски вечери, предвидени се бројни гостувања на оперски и балетски куќи од регионот и пошироко, односно гостувања на ансамбли од Србија, Хрватска, Бугарија, Албанија, Украина и Италија. Од детските претстави беа најавени „Операта на шумските животни“ за почетокот на февруари во режија на Десанка Глигориевич и проектот на детското хорче „Фалсето“ насловен „Пролетна приказна“ од македонскиот композитор Стојан Стојков чија премиера ќе биде на 20 март, на Денот на пролетта. По повод одбележувањето на јубилејот на Македонската опера и балет, 70 година постоење, ќе биде изработена монографија со историски и фактографски податоци чии автори се Крсто Скубев и музикологот Марко Коловски.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *