Култура

Никола Тесла, човекот кој го измисли 20 век

Никола Тесла починал на седми јануари во 1943 година пред 74 години,  на 87 годишна возраст.  Извонредниот интелект на Тесла бил  многу понапред од своето време и тој не бил  разбран секогаш а неговите идеи не биле прифаќани. Понекогаш Тесла изгледал речиси како да им пркоси на научните факти, што резултирало со тоа што овој гениј го ставале настрана, а наместо ова неговите наследници ги промовираа неговите изуми.

Во подоцнежните години, Тесла се „стекнал” со етикета на по малку луд научник, едноставно, како „смислен” за новинарите кои преферирале сензации. Со многу зајадлив критицизам биле дочекани неговите шпекулации во поглед на комуникацијата со други планети, неговото тврдење дека, кога би можела да се подели, Земјата би личела на јаболко, како и тоа дека зраците на смртта (Икс-зраци) можат да уништат 10.000 авиони на оддалеченост од 400 километри.

„Знам двајца извонредни луѓе, еден сте Вие, а вториот е овој млад човек”, напишал менаџерот во Париз во препораката што требало да му ја врачи Тесла на славниот Томас Едисон кога ќе пристигне во САД. По една година работа во компанијата на Едисон, Тесла понудил неколку профитабилни патенти и кога си ги побарал ветените 50 илјади долари за да ја реорганизира и да ја „подигне” компанијата, Едисон му одговорил: „Тесла, ти не го разбираш американскиот хумор”.

nikola-tesla

Понекогаш изгледало како Тесла да им пркоси на научните факти, па овој гениј го ставале настрана

Неколку години по пристигнувањето во САД, Тесла, сепак, се стекнал со висок рејтинг во американската научна јавност откако јавно го обелоденил својот изум за безжично пренесување енергија и комуникации. Во битката наречена „Војна на електриката” тој излегол како победник и станал херој во очите на американската јавност. Тесла бил главниот актер во таа војна, во која учествувале инженери кои ја поддржувале наизменичната струја, а од другата страна инженерите кои застанале зад директната струја. „Вестингхаус” наспроти „Џенерал електрик” – Тесла наспроти Едисон. Компанијата „Вестингхаус” со патентот на Тесла ги доби за експлоатација водопадите на Нијагара, од каде што потече струја за Бафало, Њујорк. Тесла стана славеник, се стекна со статус на суперѕвезда.

Никола Тесла, според многумина еден од најзначајните научници и инженери на новото време, верувал во технологијата, во материјализмот, но и во специфичното социјално устројство во кое нагласена улога треба да имаат експертите. Сметал дека таквото устројство ќе го постави во заедницата на научниците и инженерите на САД. За жал, аналитичарите забележале дека прагматичниот американски „индустриски мотор” не бил подготвен да се наполни од теоретските заклучоци на научник каков што бил Тесла. Оние кои подоцна го истражувале неговото дело и личност тврдат дека тој претставува големо отстапување од парадигмата на модерната физика.

Иако Тесла ја добил техничката војна со Едисон, инвеститорите – големите играчи, како што е славниот банкар Морган, сж уште биле доминантни. Подоцна, кога Тесла го изгубил рејтингот, тој го препознал фактот дека, всушност, бил поттуркуван зад сцената од финансиските моќници што го поддржувале дотогаш.

Инаку, според познавачите, главната причина поради која Тесла не успеал да ч се наметне на американската индустриска заедница било и тоа што некои од главните индустриски моќници сметале дека Тесла бил окултист, суеверен, па дури и псевдонаучник.

Тесла ја користел старата санскрит-терминологија во своето толкување на природните феномени и заклучил дека тоа е добар начин да ги опише физичките механизми на универзумот. Неговиот концепт по неговата смрт имал влијание врз учењето на една од јогинските школи, прво нешто што се инфилтрирало од Веда-филозофијата на Запад.

Меѓу другото, Тесла имал визија за космосот како соединение за безброј октави од електрични вибрации. Негова желба била да може да ја разбере заемноста на хармоничните осцилации, како основа на универзумот. Сметал дека ќе може математички да ги демонстрира силата и материјата и да ги сведе до потенцијална енергија.

Тесла успешно комбинирал неколку различни филозофии од источниот мистицизам, логичниот позитивизам, социјалниот дарвинизам, феноменализмот и егзистенционализмот, соединувајќи ги во една целина, на ниво на законик, успешно применувајќи ги во својот живот. Комбинацијата од источниот мистицизам и модерната висока технологија била неговото верување.

Тесла во САД пристигнал со четири долари во џебот и еден куп негови песни. „Нема да имаш ништо во џебот ако претходно немаш во главата”, била омилената поговорка на Тесла. За големиот научник и изумител не може да се каже дека немал ништо во главата, но, сепак, тој умрел сам и сиромашен во еден хотел во Њујорк. Денес, одбележувајќи 150 години од неговото раѓање, можеме да констатираме дека Тесла го задолжил човештвото со околу 1.000 различни патенти и пронајдоци. Самата бројка и не е толку значајна ако не се потенцира дека со своите изуми тој создал основа, отворил пат за нови пронајдоци и за нов технолошки развој на модерното време. Токму поради тоа многумина го нарекуваат – човекот кој го измисли 20 век.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *