Култура

Распад на рускиот ПЕН центар

Се сеќавате ли на описот на МАССОЛИТ во романот „Мајсторот и Маргарита“ на Булгаков? Или на театарската претстава „Домашен мачор, со средна влакнетост“ на Владимир Волнович и Григориј Горин? Повторното читање на овие книжевни дела би можело да биде одличен увод во разбирањето на она што се случи во рускиот ПЕН центар кон среднината на декември 2016, а заврши на 10 јануари 2017. Тој ден поетот и публицист Лев Рубинштејн ја објави својата одлука за напуштање на рускиот ПЕН центар. Во своето обраќање до колегите, тој го обелодени своето „суштинско несогласување со стилот“ со кој оваа организација ѝ се обраќа на јавноста. Ова „стилско разидување дефинитивно ми укажа на крајната неумесност и за мене неподносливата и објективно проблематична двосмисленост на членството во организацијата чие раководство, без трошка срам – меѓу другото и во мое име – се изразува со ваков јазик“, напиша поетот Рубинштејн.

Писателот Александар Иличевски од рускиот ПЕН центар излезе тивко, речиси без зборови. Просто стана и рече дека си заминува. Григориј Чхартишвили (Борис Акунин) својата разделба со рускиот ПЕН центар ја образложи со тоа што тој (ПЕН центарот, а не Чхартишвили) не е она за што се декларира. Задачата на светското ПЕН движење е борба за слободата на изразување и заштита на прогонуваните писатели. „И бидејќи рускиот ПЕН центар не се занимава со тоа, јас со таа организација повеќе не сакам да имам ништо заедничко“, соопшти Чхартишвили во своето барање за бришење од членството.

47 членови изјавија дека ги прекинуваат сите односи со актуелниот извршен совет на оваа организација и поради избор на нов, побараа итно свикување на вонредна седница на рускиот ПЕН центар.Уште 47 членови изјавија дека ги прекинуваат сите односи со актуелниот извршен совет на оваа организација и поради избор на нов, побараа итно свикување на вонредна седница на рускиот ПЕН центар. Меѓу нив се и Александар Архангелски, Михаил Берг, Александар Гелман, Денис Драгунски, Тимур Кибиров и Владимир Сорокин.

Причината за расколот најлесно може да се согледа со читање на Протокол бр. 12, документ кој извршниот совет на рускиот ПЕН центар го изгласа на својата седница на 28.12.2016. Во точката со наслов „За членовите на ПЕН центарот кои грубо го прекршиле Статутот“ пишува дека поради обид за попречување на нормалниот тек на состанокот и навредување на колегите-писатели, Григориј Петухов е казнет на една година исклучување од членството, дека М. Вишневецкаја е казнета со строга опомена поради снимање и дистрибуција на тенденциозни видео снимки и на крајот, дека Сергеј Пархоменко, поради постојани провокации е казнет со највисоката казна – трајно исклучување од рускиот ПЕН центар.

Извршниот совет посвети посебно внимание на Сергеј Пархоменко и во негова чест состави специјален прилог кон протоколот напишан на висок јазичен стил, токму со онаков каков што на поетот Лев Рубинштејн од сосема раазбирливи причини не му се допаѓа. Се плашам дека станува збор за завист, затоа што знам дека тој стил на Лев Семјонович му е апсолутно недостижен. Еве, проценете сами: „Блогерот Сергеј Пархоменко, некогашен питомец во Комсомол кој во круговите на правосудните органи има репутација на провокатор од митинзите на плоштадот Болотни, стапи во нашата организација само за да ја подрива одвнатре и, против правилата на нашиот Статут, да ја претвори во опозициска партија… Тој сега живее во Америка, но одонде, преку радио и понатаму продолжува да сее навреди и лаги“. Крај на цитатот.

Ова е вистинско ремек-дело на поткажувачката уметност. Во само неколку реда има цели пет достави истовремено упатени на пет различни адреси.Ова е напишано од рака на вистински мајстор, а Вие, драг мој Лев Семјонович, никогаш нема да достигнете такво мајсторство. Ова е вистинско ремек-дело на поткажувачката уметност. Во само неколку реда има цели пет достави истовремено упатени на пет различни адреси. Она „блогерот Пархоменко“ е упатено до руската книжевна заедница. Тој и не е писател. Тој е некаков самопрогласен кој нема врска. „Питомец на Комсомол“ е наменето за руската либерална публика – за да знаат кого всушност читаат и слушаат. „Провокатор од митингот на Болотни“ е наменето за поука на граѓанските и политички активисти (воедно и правосудните органи) меѓу кои со својата активна работа на Дисернет – проект за разобличување на лажните докторати – Пархоменко стекна завидно реноме. Што се однесува до неговата намера „да го претвори ПЕН центарот во опозициска партија“, тоа е директно предупредување до властите, а воедно и потсетување на главниот уредник на радио Ехото на Москва, Венедиктов, на повеќепати даденото ветување дека неговата радио станица нема да биде упориште на опозицијата. И на крајот вистинската посластица, шлагот на тортата, врвот на поткажувачкото кулинарство: „тој живее во Америка, а преку радио и понатаму продолжува да сее навреди и лаги“. По сè што е речено, веќе јасно знаете по чија задача тој таканаречен блогер се вовлекол во нашата книжевна организација да ја разурне одвнатре. Нема сомнеж дека адресатот на Лубјанка (поранешна КГБ, денс ФСБ) ќе умее правилно да ја прочита оваа шифрирана порака.

А Сергеј Пархоменко всушност и нема на што да се жали. Зашто со залагање на извршниот совет на рускиот ПЕН центар, тој одненадеж се најде во многу добро друштво. По славниот реферат на Жданов и согласно нему донесената резолуција „За списанијата Ѕвезда и Ленинград“, од Здружението на советски писатели биле исклучени Михаил Зошченко и Ана Ахматова. Во 1957 година, во знак на одмазда за објавување на романот „Доктор Живаго“ во Италија, од членството на Здружението бил исклучен и Борис Пастернак. По нив по ред биле истерани Синаевски , потоа Коржавин и Солженицин, а набрзо потоа и Галич и Ерофеев, така што на Сергеј Пархоменко треба да му се честита на тоа што и тој е вклучен во низата на овие големи имиња на руската книжевност, да му се посака да продолжи по нивните стапки и да не се вообразува.

Здружението на советски писатели (Союз Писателей СССР) пред самиот распад на советската империја имало 9.920 членови, што значи дека СССР имало отприлика по еден писател на 28 илјади жители. Според таа пресметка, во секој реон живеел најмалку еден писател, а некаде и двајца. Денес рускиот ПЕН центар има 429 членови. Во земјата постојат барем уште десетина разни книжевни здруженија, така што на душа на жител на денешна Русија паѓаат веројатно приближно ист број онакви кои имаат некаков официјален документ со кој можат да потврдат дека се писатели. Во советски времиња членството било наградувано со разни материјални добра, да речеме, право на патување, повремен паричен надомест, општествен престиж, како и оние веќе легендарни крзнени шапки. Но тоа е минато. Остана само престижот.

Традиционалните постсоветски зруженија на писатели со тек на време до таа мера се дискредитираа, што да се биде нивен член и не е нешто со што човек може да се пофали. Но ПЕН центарот е нешто сосема друго. Тоа е меѓународна организација на чие чело биле и величини како Џон Голсворди, Херберт Џорџ Велс, Морис Метерлинк, Алберто Моравија, Артур Милер и Хајнрих Бел. Но нема такво нешто на светот кое ние не сме во можност да го расипеме.

за сите оние кои не се согласуваат со ваквиот „протоколарен“ стил и поткажувачка етикета, постои само еден излез – вратата на која пишува „излез“Ова го велам затоа што мислам дека шансите да се надмине расколот во рускиот ПЕН центар се еднакви на нула. Луѓето кои го срочија и објавија Протоколот бр. 12 не можат да престојуваат под ист покрив не само со Рубинштејн, Акунин и Пархоменко, туку ни со Архангелски, Драгунски и Сорокин. Тоа значи дека за сите оние кои не се согласуваат со ваквиот „протоколарен“ стил и поткажувачка етикета, постои само еден излез – вратата на која пишува „излез“.

А што се однесува од рускиот ПЕН центар, е тоа е веќе прашање на грижа за својата репутација на меѓународниот ПЕН клуб. Можни се две варијанти: или тој гласно ќе се огради од рутинираната поткажувачка клика која се претставува пред светот како голем заштитник на човековите права и слободи, или нема. Не е исклучено и PEN International да се вброи во оние организации кои повремено испишуваат срамни страници во својата инаку чесна историја.

Автор:Игор Јаковенко

Текстот е преземен од ОКНО

Извор: Ежедневный журнал, 11.01.2017.
Слики: Алексис Арнолд

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *