Култура

Григор Прличев е македонскиот Хомер

Денеска се навршуваат 124 години од смртта на еден од најголемите македонски писатели од 19 век, Григор Прличев. Поемата „Сердарот“ , („О Арматолос“) му ја донела честа да го наречат „Втор Хомер“. Имено, на 25 март 1860 година, Григор Ставрев Прличев, со оваа поема ја освоил првата награда на традиционалниот книжевен конкурс во Атина. Во наградата спаѓало и студирање во Берлин или Оксфорд, но таа награда можел да ја добие само ако се откаже од се словенско во него – и тој ја одбил. Поетската творба „Сердарот“ (1860) се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот овој творец го дал. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. Други позабележителни негови творби се „Автобиографијата (1884) и словото-есеј „Чувај се себеси (1866). Тоа се комплементарни литературни дела и ја доречуваат на директен начин основната порака на „Сердарот“.Пишувајќи за него ќерката на Димитрија Миладинов, Церевна Миладинова ќе го нарече Прличев „првовенчан македонски поет“.

„Сердарот’ отпечатена во 1860 година

Григор Прличев е несомнено најголемиот поетски талент помеѓу македонските книжевници од овој период. Истовремено тој е типичен пример на македонските интелектуалци од XIX век, кај кого дојдоа до израз главните политички и културни струења и заблуди, настанати врз основа на општествено-економските прилики во Македонија. Врз основа на тогашните актуелни прилики во земјата Прличев се јавува како супериорен литерат кој според јазичната припадност е всушност тродомен автор: грчки, бугарски и македонски. Тој во себе истовремено ги обединува специфичните и карактеристични елементи на класицизмот и романтизмот, кои како стилски белези доминираат во времето во кое живее и работи. Прличев живеел и работи во повеќе балкански културни центри (Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Солун, Атина, Тирана, Цариград, Софија). Коректно владеел повеќе балкански и европски јазици.

Прличев е роден 1830 година во сиромашно семејство, како четврто и последно дете на Марија Ѓокова и Ставре Прличев, охридски занаетчија. Набргу неговиот татко починал, а Прличев останал сирак со шест месеци. Извесно време за фамилијата на Ставре Прличев се грижел неговиот дедо, хуманист по доша, кој собирал доброволни прилози за затворениците и бил голем љубител на книгата. Неговиот дедо, согледувајќи дека и кај неговиот внук се раѓа љубов кон книгата на рамо го носел во училиште, а пред неговата смрт оставил аманет на мајка му бездруго да го продолжи школувањето на Григор.

Мајка му и сестра му аргатувале по куќи, а тој продавал јајца, им давал часови на богаташките деца и препишувал книги. Освен овие податоци, во својата „Автобиографија“ Прличев го опишува основното училиште и тогашните учители, како и доаѓањето на Димитар Миладинов за учител на кого „мед му течело од устата“ кога зборувал. Во 1849 година се запишува како студент по медицина на Атинскиот универзитет. Но наместо да ги посетува часовите на маедицинскиот факултет,  најчесто тој пишувал песни и ги закачувал по зидните табли на универзитетската аула. Тогаш за првпат дознал за конкурсот за поема во Атина. Во текот на 1850г. повторно се враќа во Македонија и до 1859 година учителствува на повеќе места во Долна Белица, Струшко, Битола, Прилеп и Охрид, за да си обезбеди услови за продолжување на студиите. Две мирни години, исполнети со школска практика и пеење стихови поминал во убавото струшко село Долна Белица, кое што потоа ќе го опише во „Сердарот“  и во својата „Автобиографија“. Во Битола провел неколку месеци во барање работа, а во Прилеп учителствувал неколку месеци. Подолго време Прличев учителствува во Охрид и откако собрал доволно пари во 1859 година се враќа во Атина, како студент на втора година по медицина. Но,  наместо да се занимава со медицина, ја пишува поемата „Сердарот“ („Ο ΑΡΜΑΤΩΛΟΣ“) и ја освојува главната награда за  најдобра поема на грчки јазик, која се состои од паричен дел и лаворов венец. Резултатите од конкурсот ги надминуваат и најсмелите очекувања, а Прличев ќе биде прогласен за „втор Хомер“, нешто што дотогаш не се случило во Атина.

Се вратил во Охрид и веднаш ја започнал работата врз новиот поетски проект – поемата „Скендербег, далеку попретенциозен творечки зафат. Работи како учител во родниот Охрид, каде го чуствува народното движење за отфрлање на грчкиот јазик од училиштата и црквите. Пресвртница во животот на Прличев, според неговото раскажување, направила смртта на браќата Миладиновци во цариградските зандани. Во судирот со фанариотскиот митрополит во Охрид, Милетије и грст одродени чорбаџии, застанува на страната на својот народ и се ослободува од еленистичкото влијание. Со Јаким Сапунџиев ја започнал борбата за воведување на народниот јазик во училиштата. Со ова Прличев ја официјализира својата борба против грцизмот во Македонија. По  заслуга на Прличев, во Охрид се формира ќурчиска каса во 1866 година која како материјална база се користи во борбата за воведување на народен јазик во училиштата и црквите.

                      Григор Прличев

Чуствувајќи се слаб во словенското писмо, Прличев почнува да го изучува. Извесно време престојува во Цариград, каде донекаде се оспособува во словенското писмо. Има постојани контакти со бугарските културни дејци, а по враќањето во Охрид уште поинтензивно се ангажира за популаризирање на словенското писмо во Македонија. Поткажан од грчките фанариоти, набргу за Прличев започнале и мачните периоди од неговиот живот, прогонувања, малтретирања и апсења.

Во 1868 г. турската власт го затвора и го депортира во дебарската зандана, поради клевета од страна на грчкиот охридски владика. По затворскиот период го посетува манастирот „Св. Јован Бигорски и е восхитен што во него се служи на старословенски јазик. Пред народот држи беседи исполнети со борбеност, а ќе испее и неколку песни меѓу кои и песна за Охридската патријаршија. Следната 1869 г. во Охрид масовно се воведува народниот јазик во училиштата. Истата година се жени со Анастасија, ќерка на Димитар Узунов, со која има пет деца (Костадинка, Лијза, Кирил, Деспина и Ѓорѓи). Во ова време по покана од Редакцијата на цариградското бугарско списание „Читалише“ се зафаќа со препев на Хомеровата „Илијада“. За неговиот препев негативно се изразила бугарската критика, која го осудила Прличев дека не го познава бугарскиот јазик, што предизвикала кај Прличев револт и разочарување За извесно време се одрекува од преводот на „Илијада“ и започнал обид да создаде вештачки „општословенски“ јазик. На тој јазик тој ќе ги препее „Сердарот“, „Скендербег“, „Илијада“ и „Одисеја“. Се занесува со словенофилството и прави обид да создаде граматика на словенско есперанто. Слични примери можат да се сретнат и во другите словенски литератури.

Прличев соработувал со бугарските цариградски весници и списанија. Во Белград, а потоа во „Читалише во 1872 г. ја објавува песната „Во илјада седумстотин шездесет и второ лето, подоцна преобјавена и во неговата „Автобиографија“. Во цариградскиот весник „Право“ во 1872 г. е објавена вест дека Прличев подготвил за печат книга песни за деца под наслов „Воспитание или 12 нравствени песни“.

Во меѓувреме тој активно работи на издигнување на младото поколение во македонските училишта. Учествувал во свечениот пречек на првиот егзархиски владика Натанаил Кучевишки од Охрид. По тој повод држи и поздравен говор, а создава и една пофална песна во чест на Натанаил. Но набргу кај поетот настанува растрезнување. Прличев набргу доаѓа во силен судир со Натанаила и со црковно-училишниот одбор. Заради судирот Прличев е прогонуван. Во својата „Автобиографија“, Прличев опишувајќи го овој период ќе напише: „Колку чудно е што отечеството, коешто никогаш и никаде не ги оценува своите синови, и грчкиот владика Милетија, најнепомирливиот мој враг, цели осумнаесет години ги трпел моите лекции, приповеди, опомени и укори, и никогаш не ме падел“, а „првиот бугарски митрополит, очекуван месија, нечесно ме  протерува“.

Со заштедени пари од своето учителствување во Струга, заминува во Бугарија (Софија), каде што мнозина „родољупци“ го канеле да се зафати со каква и да е литературна работа и му ветувале секакви олеснувања и помош. Но по доаѓањето во Софија, истите „родољупци“ станале невидливи. За да може да преживее во школската 1879/1880 година работи во габровската гимназија. Прличев се соочил со неможноста да го усвои месното наречје. Идната година бил на служба во Народната библиотека во Софија, каде „вториот Хомер“ бил ангажиран со обична заморна работа – пишување картотека на библиотечниот фонд. Незадоволен од својата работа тој побарал да биде ослободен, по што бил назначен прво за учител во Битола, а потоа во Охрид. Во 1883 -1890 г. учителствува во бугарската машка гимназија во Солун. Во овој период ја пишува својата „Автобиографија“, објавена по неговата смрт во „Сборник за народни умотворениа, наука и книжнина“.

Разочаран, раздразлив заради одбивањето да му се испечати преводот на Илијада (1886-1887), поради „општословенскиот“ јазик. Прличев по пензионирањето во 1890 година, последните свои денови ги поминува во Охрид каде умира во 1893 година.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *