Култура

Како да го „одбраниме“ интернетот од нас самите

Кога и да го вклучиме компјутерот или телефонот, се соочуваме со многубројни лични ставови најчесто изнесувани на социјалните медиуми. Веќе не постои место во интернет просторот каде нема да прочитаме нечиј став или мислење за одредена тема. Едноставно денес, секој има свој социјален медиум.

1. smartphone-1445489_1280

Се искажуваат различни мислења што е вистинско богатство, но многу често истите се толку наелектризирани што наместо кон конструктивна дебата, водат кон караница и дузина на навреди помеѓу луѓето. Се караме до „закрвување“ за домашните политички настани, регионалните случувања, изборот на светски претседатели, за религија, територии, имиња, потекло, песни итн. Се делиме на либерали и конзервативци во паушална смисла на зборот, на напредни и назадни, на паметни и прости…

Ако пробаш да се вклучиш во некоја „дебата“ со широкоград и конструктивен став нема да пројдат ни 5 минути кога од тебе некој ќе побара јасно да кажеш на чија страна си (?!), дали нештото според тебе е црно или бело. Едноставно, спектарот на бои од виножитото како да исчезнал, не постои.

Кога читаш, ти се чини нема крај на оваа „контаминација“ на скоро секое делче од интернет просторот. Не ни можеш да предвидиш до каде ќе оди сето тоа. Во желбата да се биде интересен, популарен и познат, не се бираат ниту зборови, ниту фрази кои ќе се употребат. Не се размислува дали некоја личност или група ќе се најде за погодена, засегната или повредена. Едноставно тоа како да не е важно. Најбитно е да имаш „публика“, аплаузи, ТИ да чувствуваш дека доминираш.

2. play-stone-1237457_1280

Свесно или несвесно сакаме да заборавиме дека интернетот е јавно место кое еднакво им припаѓа на сите. И сите луѓе треба да имаат пристап до него и да се чувствуваат комфорно во онлајн зоната која ја избрале. Впрочем, тоа е основната цел на интернетот, нели? Слободниот и еднаков пристап до информациите за кој со децении и векови се бориме да биде реалност за сите. Да поаѓаме сите од еднаква основа, никој да не биде лишен од информациите, а понатаму кој колку е умешен и има желба да напредува, да може да го постигне тоа.

Секој има и треба да има право на слободно изразување и тоа е неспорно. Но, да не забораваме и дека постои една тенка граница, а тоа е моментот кога ќе почнеме да користиме говор на омраза, омаловажување, ускратување на права на другите, ако клеветиме, навредуваме или дискриминираме. Впрочем постојат и низа на правни механизми кои овозможуваат заштита од ваквите однесувања на поединци, но доколку се дојде до разгледување на потребата од нивно активирање, значи веќе сме отишле предалеку.

Како да ги промениме работите или како да ги ползуваме само позитивните аспекти од Интенетот?

Ако сакаме да ги промениме работите, мора да почнеме од самите себе. Оваа позната изрека не е залудно кажана, ниту е клише. Потребно е да се менуваме како личности и да не заборавиме дека пред сè сме луѓе, а дури потоа економисти, физичари, директори, шефови, магистри на науки итн. Не заборавајте дека секој се однесува на социјалните медиуми, буквално исто онака како што се однесува во секојдневието.

Затоа, повеќе од било кога треба да научиме како да го „одбраниме“ интернетот од самите себе и од сопствените стереотипи и предрасуди. Сите сме различни и имаме свои веќе изградени вредности, ставови и мислења кои отсекогаш не биле исти. Да бидеме фер пред себе и да си го признаеме тоа.

3. mark-804935_1280

Речиси и да нема човек кој во текот на својот раст и развој не бил „надитрен“ со навидум едноставното прашање „Која река тече под Савскиот мост“ или во оригинал „Која река тече испод Савског моста“? Најверојатно знаеме во која година загинал, но колкумина од нас знаат кога бил роден Гоце Делчев?

На крајот на краиштата сите имаме и различни интереси и степен на знаења, но и искуство. Секогаш сетете се дека и вие некогаш не сте знаеле кои се правилата во фудбалот, што се тортиљи, а што тортелини, како треба да се нашминкате, правилно да ја сушите косата или, пак, каде се наоѓа Бакингемската палата.

Некои од нас сеуште не ги знаат одговорите на сите овие прашања. Но, вреди да потсетиме дека тоа не е воопшто срамота! Срамота е да не сакате да научите нови работи, а страшно е ако немате кого да прашате.

Затоа денес постојат и Google и уште цела дузина на интернет алатки и социјални медиуми кои во секој миг ќе ви дадат одговор на секое ваше прашање. Многу често дури и премногу одговори, спротивставени мислења, па дури и противречни резултати при пребарувањата.

Bojan Kordalov

На еден час додека студирав, професорот, меѓу другото, предаваше за моќта на информирањето, констатирајќи дека во денешно време има и многу неточни или непроверени информации. Јас го прашав кое е неговото мислење и како да се справиме со тоа.

Само со повеќе точни и проверени информации – гласеше одговорот.

Па, оставете секој човек да го искаже својот став или да ја пласира својата информација. Ако мислите поинаку, вие објавете го вашиот став на вашиот профил, страна или канал на социјалните медиуми. Бидејќи, сите сме во право и истовремено никој не е право. Дури и универзумот секоја секунда се менува, па да не дозволиме утре да се срамиме или каеме за некој наш искажан збор.

Автор: Бојан Кордалов, Специјалист за нови медиуми

Текстот е преземен од ХајдПарк

Автор:

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *