Култура

Во Македонија владеат големи заблуди за енергетската ефикасност. Мора да се разбијат!

Што е тоа пасивна куќа, кои се најголемите заблуди во Македонија во однос на енергетската ефикасност на објектите за домување и кои се најчестите грешки кои се прават зборуваме со Андреј Андреев, менаџер во градежната компанија “Цивкон АГИ“,  експерт за пасивни објекти сертифициран од Институтот за пасивни куќи во Дермштад во Германија.

Една од најжешките теми во последно време е темата „енергетска ефикасност“. Како меѓународно признат експерт можете ли да ни кажете кои се најголемите заблуди во врска со енергетската ефикасност?

Не би можел да кажам дека се најголеми, но со сигурност можам да кажам кои се најчестите заблуди тука кај нас, па и во регионот, се пренесуваат  од колено на колено,. Секако ќе зборувам за енергетската ефикасност во градежниот дел на објектите, бидејќи тоа е моето поле на знаење. Грижата за енергетската ефикасност, а со самото тоа и знаењата на оваа тема, кај нас се во самиот зародиш.

kuca1

Мора да бидеме самокритични и да кажеме дека до скоро воопшто не се обрнуваше внимание на енергетската ефикасност и тоа токму од оние кои се клучни во тој процес, а тоа се факултетите, институтите и останатите научни центри. За среќа тоа забрзано се менува, а со тоа напредува и знаењето во оваа област. Сепак одредени заблуди се наследуваат и понатаму опстојуваат, како помеѓу народот, така за жал и помеѓу оние кои се сметаат за стручни. Она што уште повеќе мене ме иритира, што заради разни бизнис интереси, или заради незнаење, често пати на клиентите им се сервираат сосема погрешни информации.

Многу често можеме да слушнеме дека за висината на енергетската ефикасност кај ПВЦ прозорците клучен е бројот на комори (пет, шест, седум итн.), дека најдоброто стакло е т.н. „4 сезони“, или дека изолираноста се искажува со дебелината на изолацијата на фасадата. Верувам дека најголемиот број на читатели, додека го читаат овој текс, се согласуваат со овие вредности.

Сепак вистината е малку поинаква и науката кажува дека клучно за покажување на енергетската ефикасност е да ја знаете вредноста на коефициентот на топлинската проводливост на материјалот. Тоа значи дека кога купувате прозорци не треба да се интересираат за бројот на коморите на профилот, туку за „UW“ на прозорецот, кое кај енергетски ефикасните прозорци не треба да надмине 1,1 W/(m2K), додека кај врвните прозорци „UW“ може да биде дури и 0,85 W/(m2K). Ова се вредности за целиот прозорец, вклуувајки го и стаклото. Обично ваквите прозорци се со најмалку три дихтунг гуми, што не е случај со прозорците со понизок квалитет. Кога зборуваме за избор на стаклото кај прозорците, или за таканаречениот стаклопакет, од исклучителна важност се две големини. Едната е топлинската проводливост, а втората е онаа која кај нас најчесто се занемарува. Тоа е пропустливоста на светлина на стаклото и таа треба да е што поголема. Најдобрите стаклопакети, запазувајки го потребното „UW“ достигнуваат пропустливост на светлина и до 50%.

Зошто е ова важен фактор? Бидејки во зимските месеци, кај енергетски ефикасните објекти, од исклучително значење е да ја пуштите топлината од сонцето да влезе во објектот. Имаме случаи, тоа е посебно изразено кај пасивните објекти, каде од сонцето добиваме и до 30% од потребната енергија за згревање. Но секогаш треба да внимаваме дистанцерите на стаклопакетот, без разлика дали е двојно или тројно стакло, да бидат силиконски или пластични. Никако не смеат да бидат алиминиумски, бидејки со металните дистанцери, создаваме голем топлински мост.

Една од заблудите која често ја слушам, а е поврзана со многу чест проблем на нашите граѓани, е дека мувлата е резултат на влагата и непроветреноста. Како демант на ова ќе кажам дека мувлата е температурен феномен. На пример, во една просторија каде температурата е 20-тина степени целзиусови, со нормална влажност на воздухот, мувлата ќе се појави само на местата каде температурата на површината ќе биде 11,7 степени Целзиусови. А доколку тепературата на површините дојде на под 6 степени целзиусови, тогаш доаѓа до кондензација. Мислам дека со овие информации, читателите кои се соочуваат со ваквите проблеми ќе добијат идеја како да ги решат.

Се сретнувам и со голем број на други заблуди, од типот дека земјата е одличен изолатор и подземните простории не треба да се изолираат кон земјата. Па потоа дека дува низ прозорците, бидејки истите не дихтуваат иако се нови и квалитетни итн, итн. Не би можеле да се осврнеме на сите, но еве за крај по оваа точка од разговорот ќе ја споменам заблудата која е можеби и најпроширена, а воедно создава и најголема штета по енергетската ефикасност на прозорците и објектите воопшто. Тоа е начинот на монтажа на прозорците. Кај нас скоро во сите примери кои јас ги знам, прозорците се монтираат во тврдиот дел на зидот, со т.н. „пурпена“ или пена за монтирање. Со ваквиот начин на монтажа, се создаваат огромни топлински мостови околу прозорците, па колку и да се тие квалитетни и скапи, загубите на енергија низ тие топлински мостови се огромни.

Како тоа во реалноста се приметува? Ладни шалетни околу прозорците, па дури појава на мувла и на влага. Често пати при посилен ветар, има струење на воздухот за кој мислиме дека е низ прозорците, а реално дувањето е околу нив.

Од тука произлегува прашањето, како треба да се монтираат прозорците. Тука немаме доволно ниту време, ниту простор за да ги разгледаме сите можни начини за монтажа на прозорци без топлински мостови, но ќе ги наведам основните постулати кои се важни: најнапред уште при градењето на ѕидовите важно е да се превземат подготвителни работи за монтажата на прозорците, со што ќе се овозможи најважната работа, а тоа е прозорецot да лежи во изолацијата на ѕидот, а не во тврдиот дел од ѕидот. Следна важна работа е да се постават дихтунг ленти, со посебни карактеристики за внатрешната и надворешната страна на прозорот, кои во целост оневозможуваат проток на воздух и вода и притоа се паропропусни за да се избегне создавањето на кондензaција  во меѓупросторот. На прв поглед звучи сложено, но се работи за едноставна процедура, доколку се имаат потребните материјали и знаење. Ние во Цивкон АГИ веќе четири години тоа го работиме на нашиот пазар, како дел од комплетната енергетска ефикасност на објектите.

– Во моментот работите на интересен проект во Скопје- пасивна куќа. Може ли да ни кажете што значи пасивна куќа и повеќе околу самиот проект?

kuca2

Пасивна куќа не претставува објект, како што тоа првиот впечаток го кажува, туку тоа е стандард на градење. Со ваков стандард може да биде изграден секој објект, без разлика на намената, големината или материјалите од кои е изграден. Ова е највисокиот стандард на енергетска ефикасност во светот, или поточно највисокиот економски исплатлив и применлив стандард. Постои уште еден кој е се уште во развивање, повисок стандард од овој, т.н. „Zero House“. Но за инвестирање во таква градба се уште не може да се најде економска исплатливост. Како и кај сите високо енергетски ефикасни објекти, така и кај објектите кои треба да ги задоволат условите од стандардот Пасивна Куќа, неопходна е добра изолација на обвивката на објектот. Под изолацијата на обвивката подразбира изолирање и кон земјата, во подрумските простории, дури и под темелите, што е спротивно на верувањето меѓу народот дека земјата е најдобар изолатор.

Прозорците се „специјални“ и потребно е да поседуваат сертификат дека се сообразни со критериумите за Пасивна Куќа. Она што е специјално кај нив е тоа што покрај високата изолирачка моќ и потребната воздухонепропустливост, тие се застаклени со стакла низ кои во објектот влегува голем дел од потребната енергија за загревање. Тоа се стакла со висок коефициент на пропустливост на светлина. Тука сакам да нагласам дека ова се критериуми кои се значајни при изградбата на секој енергетски ефикасен објект, а кај пасивниот објект вредностите и критериумите се далеку построги.

Постојат неколку работи по кои пасивниот објект се разликува од останатите високо енергетски ефикасни објекти. Најпрво ќе ги спомнеме топлинските мостови. Тоа се места, каде и покрај добрата изолација на објектот, не е можно да се прекине протокот на студ или топлина. Карактеристични примери за топлински мостови се бетонските плочи кај балконите, ѕидовите околу прозорците, разни бетонски елементи на фасадата, вентилационите и оџачките канали и др. Сите оние црни „флеки“ од мувла кои се појавуваат во просториите и посебно во бањите се знак дека таму најверојатно има нерешен топлински мост. Кај сите енергетски ефикасни објекти неопходно е да се намалат до минимум можно ваквите „слаби места“, но кај пасивните објекти со пропис истите се ограничени на толку мала вредност, што по литературата овие објекти често се нарекуваат „објекти без топлински мостови“. Следна карактеристика е воздухонепропустливоста. И ова е важен критериум кај сите енергетски ефикасни објекти, но кај пасивните е наложена скоро целосна запечатеност. Внатрешноста на објектот е потполно одделена од надворешноста, т.е. нема никаква неконтролирана размена на воздухот надвор-внатре. Ова се постигнува со специјални материјали и зафати, но неопходно е и големо знаење и искуство.

Ваквата запечатеност на објектот, не води до третата специфика кај стандардот Пасивна Куќа, а тоа есистемот за вентилација. Се работи за еден исклучително софистициран, а воедно и многу едноставен систем, преку кој се врши замена на воздухот во објектот. На секои 3 до 4 часа воздухот целосно се заменува, а при тоа скоро и да нема струење на воздухот низ просториите т.е. нема промаја. Овој т.н. „систем на крос вентилација“ овозможува да се одземе енергијата од воздухот кој се исфрлува и истата да се предаде на воздухот кој се внесува и тоа во реално брзо време. Со тоа загубите на енергија се сведуваат на многу мали. Преку овој систем се доставува онаа сосема мала енергија која е потребна за одржување на температурата. Свежиот воздух поминува низ систем на прочистувачи и овлажнувачи, па така во објектот има идеални климатски услови, нема прашина и нема алергени.

Токму заради сите овие карактеристики, пасивните објекти ги задоволуваат и највисоките комфорни услови во светот, или поеднставно кажано, во ваквите објекти се престојува во најдобри можни услови. Уште само да нагласам дека по стандард Пасивна Куќа може да биде изграден секој објект, без разлика дали е за живеење, работење или индустриска намена. Заштедите се огромни и достигнуваат и до 95% од просечните трошоци, а условите за престој се совршени за здравјето.

– Колку електрична енергија ќе троши една пасивна куќа?

Еден од клучните елементи кои се мерат при сертифицирањето на еден објект дека го задоволува овој стандард е потребата за енергија за загревање и ладење и таа не смее да надмине 15 kWh/m2 годишно. Од досегашното искуство најчесто овие потреби не надминуваат 11 kWh/m2 годишно. Со каков енергенс, т.е. со каков вид на греење ќе се испорача оваа енергија е избор на инвеститорот, нормално во координација со стручни лица. Може да биде електрична енергија, може да се пелети, нафта или кој било друг извор на енергија.

Секако најдобро е кога се користат т.н. зелени извори на енергија како што се сонцето, ветерот, подземните води, па дури и отпадните фекални води. Но ајде ние тука да одиме чекор по чекор и најнапред да го омасовиме градењето на вакви објекти, а потоа да размислуваме и за ваквите алтернативни извори на потребната енергија.

Сакам да напоменам, дека кај пасивниот објект потребите од енергија се толку мали, што од алтернативните извори може да се произведуваат и вишоци на електрична енергија, која понатаму може да се продава на пазарот, Со тоа, од ваквите објекти може и добро да се заработи.

– Може ли да направите една споредба помеѓу потрошувачка на „пасивна“ и “обична“ куќа?

Таквата споредба е многу релативна, зависно е со каков тип на објект споредуваме. За да бидам разбран ќе дадам пример за еден стан со површина од 100м2. Доколку е изграден по овој стандард, годишните потреби од енергија за греење и ладење не смеат да надминат 1500 kWh, но од искуство ви кажувам дека ќе се движи околу 1100 kWh. Тоа е трошок од околу 5.500 денари годишно за ладење и греење, доколку загревањето е на електрична енергија. Ова е вредност под услов просечната зимска температура, говорам за скопскиот регион, да биде минус 6,7 степени целзиусови.

Сведоци сме дека во последните 10 години просечните зимски температури се далеку над оваа, што значи дека и трошоците ќе бидат и помали. Колку троши еден „обичен објект“, како што вие го нарековте, најдобро ќе знаат читателите и овие бројки ќе си ги споредат со трошоците кои тие ги имаат.

Важно е да нагласам дека рокот за враќање на дополнителната инвестиција, над „обичното градење“, изнесува од 3 до 7 години. После овој период, заштедите се во полза на корисникот. Треба да се знае дека животниот век на системите во пасивниот објект е 100 години.

– Вие сте експерт за пасивни објекти сертифициран од Институтот за пасивни куќи во Дермштад во Германија. Колкава е побарувачката на вакви објекти во другите земји? И на што се должи интересот- желбата за заштеда во енергија или високото ниво на свесност за алтернативните начини на живеење кои не трошат големи енергетски ресурси?

Светот е многу напред. Таму веќе минималните стандарди се подигнати многу високо. Како што споменав, веќе се усовршува стандард „нулта куќа“, каде нема да има потреба од дополнителна енергија. Материјалите и опремата кои се користат секојдневно напредуваат, во интерес на што пониска цена и што поголема ефикасност.

Пак ќе напоменам, ние во Цивкон АГИ во Македонија ги донесовме сите овие нови технологии и материјали и веќе се достапни на секој. Со наша помош, клиентите се одлучуваат дали ќе инвестираат во енергетски ефикасен, високо енергетски ефикасен, или можеби во пасивен објект. Важно е на крајот клиентот да биде задоволен и да штеди пари.

За жал, кај нас се уште не постои навика да се пресметува идната вредност на еден објект. Тука тоа го прават само банкарите во своите пресметки, но и ретко кој друг. Тоа е вредноста на објектот после одреден временски период. Вие можете да добиете објект со релативно ниска цена, но со огромни месечни трошоци, или обратно. Нешто поскап, но со многу мали трошоци. После период од, да кажеме 10 години, поголемата инвестиција ќе ви донесе крајно поевтин објект.

Жителите на напредните земји во светот се богати и живеат со висок стандард, но и тоа како се економични. Никогаш не би инвестирале во енергетската ефикасност, доколку тоа не им носи добивка. А инвестираат многу и мислам дека тоа е добар пример и за нашите граѓани.

Во изградбата на вакви објекти предничи Германија, а веднаш зад неа се наоѓаат скандинавските земји. Во свеот многу напред се отидени Нов Зеланд и Австралија, додека Балканските земји иако се дел од Европа прилично заостануваат. Искрено се надевам дека доаѓа време кога ова ќе се промени, не само заради економската исплатливост, туку и заради намалувањето на емисијата на стаклиничките гасови, како резултат на помалата потреба од енергија.

Извор:off.net

 

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *