Култура

ДММ – Концерт на акузматична музика со современ танц

Вечерва, 3 април, во Македонска опера и балет ќе се одржи концерт на акузматична музика, во рамките на 40. Денови на македонска музика, со почеток во 20 часот. Концертот е замислен како танцов перформанс во кореографија на Елена Антонова – Петровиќ и во изведба на ученици и студенти по современ танц од МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и Факултетот за музичка уметност во Скопје. Публиката ќе има можност да ги слушне премиерно, новите акузматични композиции,наградени на Конкурсот за нови музички дела на Министерството за култура од авторите Кокан Димушевски, Дарија Андовска, Влатко Георгиев и Андреј Блажевски

Аpoptosis (апоптоза) е контролиран процес на програмирана смрт на клетките, кој се случува во мултиклеточни организми во текот на нивниот животен циклус. Бидејќи откако ќе започне, не може да се сопре, овој процес е строго регулиран и може да биде инициран на два начина: во случај на заболување на ткиво, клетката се самоуништува зашто чувствува опасност или, во случај на развој на ткиво, клетката се самоуништува поради сигнал од другите клетки – ја објаснува идејноста на делото „Apoptosis – a brief history of deaths“ реномираната композиторка Дарија Андовска, која дополнува дека референцата кон “A Brief History of Time” (Кратка историја на времето) од Стивен Хокинг само ја надополнува метафората за личниот микро – и макро – космос и внатрешните превирања.

– Делото „Ладно уништување“ е инспирација и резултат на случувањата во земјава, но и пошироко во светот. Елементите искористени во ова музичко дело ја „раскажуваат“ приказната на вечниот процес на создавање: распаѓање и повторно создавање, на акција и реакција, фузија и фисија… Музиката, звуците, музичката структура на ова дело, ја изразуваат мојата индивидуалност и сензибилитет и говорат за состојбата во која се наоѓам како автор во мојата почетна музичка кариера – вели младиот композитор Андреј Блажевски, кој смета дека танцовиот перформанс креиран врз звучната структура на делото ќе придонесе за поголемо музичко доживување меѓу посетителите, стои во соопштението на СОКОМ

Елена Антонова – Петровиќ е балетски педагог во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ по предмети од областа на современиот танц. Таа е и стручен соработник на катедрата за балетска педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје по предметот модерен танц. Дипломира на Академијата за музика и танц во Пловдив, Бугарија, а стручно се надградува во Македонија и низ повеќе европски земји. Реализира бројни проекти како танчер и како кореограф. Нејзините кореографски дела во последните години се одликуваат со внимателно одбрани и оригинални идејни решенија во поглед на тематиката, лексиката, музиката и костимографијата. Антонова – Петровиќ работи со танчери од различни возрасти и на различно едукативно и интерпретативно ниво.

Консултант за актерска игра е Драгана Босниќ, дизајн на светло е Васко Лисичов. Балетскиот ансамбл ќе настапи во состав: Христина Ангеловска, Марија Ристеска, Теодора Ежовска, Бојан Мицев, Фросина Шуман, Исидора Краљевска и Ангела Михова.

Влезот е слободен.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *