Култура

Фридом Хаус: Демократијата во Македонија на ниво ниско речиси колку во 2001-ва

Според годишниот извештај на Фридом хаус, „Земји во транзиција 2017“, Македонија има влошена оценка, а демократијата е на речиси исто ниско ниво колку што била во 2001 година. Освен внатрешната политичка криза, која трае повеќе од две години, за падот на демократијата во нашата земја влијаел и глобалниот раст на популизмот, како и Брегзит и изборот на Трамп.

Во извештајот, оценката 1 е најдемократска, а 7 најмалку демократска оценка. Извештајот нагласува дека демократското  владеење во Македонија се влошило, а оценката од 4,75 пораснала на 5,00, поради ескалација на политичката криза предизвикана од претседателските аболиции, недостатокот од политички дијалог и контроверзното и конфликтно функционирање на националните политички институции.

Слободата на изборниот процес е исто така намалена, односно оценката од 3,75 преминала на 4,00. Ова е резултат на сериското презакажување на редовните избори и постоењето на изборни нерегуларности и покрај договорот потпишан во јули 2016.

Судството и неговата независност имаат исто така „подобра“ оценка – од 4,50 на 4,75, поради зголеменото политичко влијание врз судството и опструкциите врз работата на Специјалното Јавно Обвинителство.

Корупцијата е подеднакво влошена – пред сè поради неказнивоста на случаи на сериозна корупција, за која се откри дека е повеќе присутна одошто се мислеше порано.

Како резултат, демократската оценка на Македонија сега е 4.43, за разлика од минатогодишната – 4.29.

Причина за влошувањето на демократската состојба на државата, според извештајот, е исходот од аферата „Бомба“ во 2015 и политичкиот договор од Пржино истата година. Во 2016, Македонија „се најде на политички крстопат“, пишува во извештајот.

Од една страна, државата речиси прогласи неказнивост за сите потенцијални кривични дела откриени во прислушкуваните разговори, а од друга, новововедениот систем на проверки и баланс во извршната власт и правосудниот систем почнаа да покажуваат резултати. Поради тоа, стана понагласена политичката поларизација меѓу владата и опозицијата, како што владејачката елита се трудеше да остане на сила.

Статусот на слобода на медиумите на Македонија е – „нема слобода на медиуми“. Во извештајот е забележано и дека државата сè уште има контрола над најголем дел од медиумите, што го попречува демократскиот пат на Македонија.

Предвидувањата за Македонија во 2017 година, се дека нејзината демократизација и патот до Европската Унија ќе зависат од способноста на државата да ги примени системските реформи на најсериозните проблеми.

За да се случи ова, Македонија мора да формира стабилна, ориентирана кон реформи влада. Сепак, декемвриските изборни резултати покажуваат дека ова ќе биде тешка задача. Работата на СЈО, која и сега е отежната и опструирана од политичките центри на моќ, ќе биде многу важна за враќањето на владеењето на правото и повторното разгорување на борбата против корупцијата.

Граѓанското општество, повторно оживеано преку Шарената револуција, може да одигра конструктивна улога доколку ѝ се овозможи простор за акција, се напоменува во извештајот. Локалните избори се очекуваа за првата половина на 2017 година, но може да бидат одложени поради политичката неизвесност, по парламентарните избори во декември.

Популистичките победи во Обединетото Кралство и САД го пореметија редот воспоставен по Студената војна и ги зголемија стравовите од нестабилност во Европа и Евроазија, според извештајот за Земји во транзиција 2017, 22-ри по ред за демократија во Балканот, централна и источна Европа и Евроазија.

На Балканот, освен во Македонија, демократската оценка опаднала уште во четири држави, а само две имаат подобра оценка, што го покажува севкупниот тренд на постепено опаѓање на квалитетот на владеење.

Влошени оценки има и Србија, која е на исто лошо ниво колку и во 2003 година и покрај нејзиниот напредок во преговорите за влез во ЕУ.

Косово има позитивни промени, а се движи од полупризнаен авторитарен режим, во категоријата транзициски/хибриден режим.

„Брегзит и новата администрација во Соединетите Американски Држави ги зацврстија анти-демократските популисти во централна и источна Европа и Балканот“, вели Нејт Шенкан, проектен директор на извештајот Нации во транзиција.

„Критична маса лидери во регионот отворено ја одбиваат идејата на либералната демократија. Популизмот во раст се комбинира со суров етнички национализам, на начин на кој тоа е закана за мирот во Европа“.

„Лидерите и обичните граѓани треба да одговорат на директниот предизвик со демократија, преку зборување гласно за нејзините основни принципи: слобода на размислување и идентитет, придржување кон волјата на мнозинството и проверки на извршната моќ“, додава Шенкан.

Извор: Радио МОФ

Автор:

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *