Култура

„Реквием за госпоѓа Ј.“ го отвори 20. „Скопје филм фестивал“

Годинашниот „Скопје филм-фестивал“ се отвори вчера во киното „Милениум“ со „Реквием за госпоѓа Ј.“ на режисерот Бојан Вулетиќ . Фестивалот ќој ќе трае до 28 април за ова јубилејно 20. издание, а нудат исклучително богата програма и содржини со повеќе од 75 филма, работилници, гостувања на реномирани филмски имиња. Ќе се одржи првата македонска филмска ретроспектива на Стенли Кјубрик како и програмата „Креираме заедно“.
Филмот „Реквием за госпоѓа Ј.“ годинава беше дел од официјалната програма „Панорама“ на 67. Берлински филмски фестивал. Станува збор за српско-македонско-руско-бугарско-француска копродукција што ја раскажува приказната за службеничката Јелена, која решава да изврши самоубиство, но сфаќа дека ништо не е едноставно во земјата што постојано оди напред-назад меѓу мака и транзиција. 
Филмовите се распоредени во осум програми: гала, авторски филм, панорама на светски филм и македонска продукција во која публиката ќе ја види најновата македонска филмска комедија во режија на Коле Ангеловски, „Ах љубов моја“, како и неколку краткометражни филмови од најновата продукција.
Ретроспективата на Стенли Кјубрик опфаќа  пет негови филма, а по тој повод специјален гостин на фестивалот ќе биде познатиот Јан Харлан, извршниот продуцент на филмовите на Кјубрик. Тој во Скопје, на 23 април ќе одржи предавање, а по проекцијата на филмот „Пеколен портокал“, ќе одговара на прашања од публиката. Во гала-програмата ќе биде прикажана новата комедија на оскаровецот Фернандо Труеба, „Кралицата на Шпанија“, со Пенелопе Круз, која се одвива за време на диктатурата на Франко. Филмот беше дел од официјалната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал, како и „Невидливиот гостин“ на режисерот Ориол Пауло, прекрасно снимен трилер, продолжение на прославениот „Тело“ од 2012 г. Меѓу другите, тука е и „Младиот Маркс“ на Раул Пек, беспрекорно снимена, класично замислена биографија што го прикажува создавањето на Комунистичкиот манифест. Најновото остварување на Бруно Думон, „Заливот Слек“ со Жулиет Бинош во главната женска улога, пак, е необична мрачна комедија за буржоаското и екстремно ексцентрично семејство Ван Петегем.
-Во програмата авторски филм се филмовите, „Загубени во Париз“, најновото дело на режисерите Фиона Гордон и Доминик Абел, новиот трилер и црна комедија „Кафуле“ на Алекс де ла Иглесија,  вториот дел од полуавтобиографска филмска трилогија „Бесконечна поезија“ на магот на контракултурата, Алехандро Ходоровски. Како дел од програмата панорама на светскиот филм ќе видиме шест остварувања, меѓу кои се рускиот филм „Ученик“ на режисерот Кирил Серебреников, американскиот „Каков што си“, импресивен филмски првенец на 23-годишниот режисер Мајлс Џорис-Пејрафит. „Вива“ е првиот ирски филм што влезе во потесна конкуренција за „Оскар“ за неанглиско говорно подрачје. 
Годинава, Фестивалот ќе и ги понуди на публиката и најинтересните француски филмови во програмата фокус на францускиот филм, а во рамките на програмата на краток филм ќе бидат прикажани 12 филма од европска продукција и уште 13 краткометражни шпански филма. Детската филмска програма „Креираме заедно“,  во соработка со здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“, која првпат ги вклучуваат и децата во креирањето на фестивалската програма. Детската филмска програма ќе понуди филмови наменети за сите деца што се обидуваат да урнат некои табуа и стереотипи за луѓето со попреченост. Автор на плакатот за годинашното издание е Ване Костуранов. Програмите ќе се одржуваат во киното „Милениум“, Кинотека на Македонија и киното „Фросина“.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *