Култура

Зошто Култура?

Културата може да биде важен двигател на промените во едно општество.  Со промена на културата кај граѓаните, преку уметност и образованието, се менува свеста и перцепцијата што  води кон постигнување на одредена општествена цел, до одредена општествена трансформација. Културата е место или простор каде креативни, нестандардни и критични групи или поединци делуваат и го движат општеството кон понапредна и подемократска свест. Како таква таа делува во создавање на активни и освестени граѓани, делува и ги поттикнува алтернативните начини на размислување и креативност, поттикнува и води кон социјална интеграција во едно општество.

Таква каква што е, културата создава еден простор или состојба кога граѓаните се одлучуваат критички да делуваат кон одредени општествени појави. А издржана креативна критика доаѓа само од едуцирани, информирани и  ангажирани поединци. Свесни за своите граѓански права, тие не можат лесно да бидат изманипулирани, не прифаќаат статус кво состојби, свесни се за своите граѓански права и, како такви, тие можат да придонесат за едно поправедно општество. Културата е често локомотива која го повлекува општеството кон понапредни и подемократски случувања.

Овој портал ќе биде место за негување и промовирање на нови, современи и авангардни изразувања. Покрај културни содржини, голем простор на овој портал ќе биде посветен  на културното наследство и подигање на свеста за неговото значење.