Култура

Ќе биде тешко да се најде решение за сите грди слоеви на Скопје 2014

Себастијан Цихочки: Архитектурата и уметноста се моќни политички алатки и тоа се случува овде. Ова е најочигледнен визуелен пример во светот за тоа што може да му се направи на еден град со креирање лажни материјални докази.

На шестиот Интернационален симпозиум „Кураторски размени: Простори, функции, фикции и други заеднички именители“ организиран од Проектен простор Прес ту егзит, гостуваше Себастијан Цихочки, куратор, писател и уметнички критичар. Тој е водечки куратор во Музејот на модерна уметност во Варшава. Главниот фокус на истражувањето на Цихочки е пост-уметничкото. Тој е куратор на голем број самостојни и групни изложби, вклучувајќи го претставувањето на Моника Сосновска на полскиот павилјон на 52-то, и Јел Бартана на 54-то Биенале во Венеција во 2013 година. Има реализирано голем број експериментални изложби во форма на книги, либрета, како и резиденциски програми и предавања. Во Скопје прв пат бил во 2005 година проучувајќи ја историјата на постземјотресната изградба на градот.

Го прашавме што мисли за „Скопје 2014“.

 Прв пат го посетив Скопје пред да се случат сите овие промени и се разбира, се вљубив во градот со сите негови архитектонски карактеристики, со наследството на бруталистите, со мастер-планот на Танге. Ја проучував историјата на изградбата на градот по земјотресот, во светло на предлогот на Оскар Хансен, полскиот архитект кој сакал да изгради музеј на современа уметност, како апарат што ќе ги предизвикува уметниците, како концептуална скулптура, не како кутија за уметнички дела, туку како нешто што е повеќе перформативно и што би било анимирано од граѓаните на Скопје… А потоа ги откирив и другите бисери: Универзитетот, Библиотеката, Поштата и одеднаш, по 12 години не можам да го препознаам градот, како да сум дошол на некое друго место. Не само што се демолирани одредени објекти, туку е направено многу чудно таканаречено реновирање на зградите со некакви фасади што треба да имитираат барок и неокласицизам и мора да кажам дека сум длабоко разочаран, зашто Скопје за мене беше едно од најубавите места на овој континент и требаше да се негува и заштити модернистичкото наследство, меѓународното архитектонско и уметничко богатство. А проектот „Скопје 2014“ е лажен, тој ја фабрикува историјата, ова се фабрикувани траги. Наместо да се капитализираат најдобрите карактеристики на модернизмот кои веќе постоеја во градот, се креирал овој чуден, артифициелен слој и не знам што може да се направи со него во иднина, тоа ќе биде тешка одлука.“

Според ваше мислење, каква иднина треба да има овој проект?

„Некои од објектите се завршени и тоа ќе биде вистински проблем, се прашувам која е иднината на овој проект, да се остават градбите недовршени или сосема да се поништи? Навистина сум загрижен. Архитектурата и уметноста се моќни политички алатки и тоа се случува овде. Ова е најочигледнен визуелен пример во светот за тоа што може да му се направи на еден град со креирање лажни материјални докази.

Ќе претстои јавна дебата што да се прави со последиците на Скопје 2014.

Мислам дека во дискусијата за сите идни сценарија треба да се има едукативен приод, а работата ќе биде уште потешка и заради тоа што во проектот се вклучени големи криминални активности и тоа е уште еден грд слој на Скопје 2014. Па сепак, за некои луѓе овој проект ќе изгледа како напредок, како луксуз што го разубавел градот.

Но, најважното овде е да се сочува модернистичкото наследство, тоа е прекрасно, ова е интернационален главен град на модернизмот, треба луѓето да се едуцираат за тоа, треба повеќе книги да се пишуваат и да се промовира тоа модернистичко богатство.“

Цихочки во Музејот на современа уметност го одржа предавањето „Ова е уметност и уметноста е многу нешта“, во кое поставувајќи го прашањето што да се прави со музеите кои се застарен концепт во сегашната социјална и политичка реалност, говореше за иднината и на уметничките институции и на уметноста која треба да е генерирана од корисниците.

„Што е музејот, дали е тоа зградата каде се чува уметноста или тоа се луѓето што работат во него, или можеби воопшто не се работи за нас, туку за посетителите што доаѓаат во музејот и препознаваат нешто што е наречено уметност. Но, последните години се создадени голем број проекти кои многу тешко може да ги препознаеме како уметнички дела, кои не се создадени од уметници професионално образовани, што не се дела или објекти што можете да ги врамите или собирате и да ги ставите во стаклена кутија, туку се повеќе базирани на други текови на човечка енергија, што имаат многу интердисциплинарно потекло.“

Во контекст на едно ново гледање на уметноста, тој го поставува прашањето: како може да се измери коефициентот на уметноста во еден уред кој собира магла и кој ги снабдува со вода жителите на пустината во Чиле?

„Прашањето што навистина вреди да се постави е дали има повеќе уметност во или надвор од ѕидовите на музејот? Затоа ќе зборувам за еден концепт кој повеќe е ветување, фантазија, а тоа дека музеите во иднина може да бидат генерирани од активностите на посетителите. Помислете на Википедија, дали истото може да се примени и кога се работи за структурата на музејот? Не знаеме, можеме да се обидеме. Во 2017 се соочуваме со супер проблематични политички прашања и зошто да не ја преиспитаме улогата на музејот, што е многу демократска идеја.

Во седумдесеттите години Јиржи Лудвински, полски уметник, теоретичар и критичар, го најави доаѓањето на пост-уметничкото време. Тој забележа дека трансформацијата на уметноста е резултат на преземање сосема нова форма; онаа која критичкиот јазик на неговото време не бил во можност да ја толкува. Лудвински тврдел дека пост-уметноста има неспорно поголем потенцијал отколку активностите кои се традиционално признаени како уметнички. Тој напишал: „Сите претходни концепции кои се однесуваат на уметноста се надминати, дури и онаа на авторството. Она што е важно се тензиите креирани преку колективен труд на многу индивидуи што придонесуваат за донесување систем кој пулсира со живот, како некое гигантско дело на природата. Уметност = реалност.“

Пост-уметничките времиња ја најавуваат ерата во која високиот „коефициент на уметноста“, како феномен кој канадскиот теоретичар и активист Стивен Рајт го опишал повикувајќи се на различни области и на предавањето на Марсел Дишан „Креативен чин“, е присутен во многу области од животот; кога работата на уметникот не секогаш се материјализира во форма на уметничко дело; кога и самата уметност се создава во реален размер наместо да производува модели за ситуации и нешта.

Рајт вели дека ние употребуваме многу стари орудија кои не се компатибилни со нашиот свет. Тој се обидува да ги преобликува орудијата, а тоа се зборовите.
Колкав коефицент на уметност може да се најде во алтернативната економија, уличните протести, кооперациите за производство на храна и урбаното градинарство, критичкиот туризам, курикулумите на летечките факултети.

Според Цихочки, во денешната состојба на уметноста треба да се преиспитаат идеите за автономијата на уметноста, за авторството, на кое сме навикнати и другите концепти кои го организираат нашиот однос кон уметноста.

„Но како да се измери коефициентот на уметност? Тоа е како ниво на нешто, како коефицент на висока или ниска количина. Како, на пример, колкава количина вистина има во еден говор на политичар, Стивен Рајт тоа се обидува да го примени на уметноста. Уметноста е како неков вид течност или супстанца, тоа не е поврзано со некој одреден објект. Тој сугерира нешто многу ризично, но привлечно. Помислете на сите концепти за уметноста. Што е уметност? Дали ако коефициентот на уметност е висок во некој вид објект или активност можете да разберете што е уметност? Не можете. Во антиката уметност беше вештината да се репродуцира реалноста. Потоа, имаше ново разбирање на уметноста, тоа веќе не беше репродуцирањето на реалноста, туку уметноста е израз на емоциите на уметникот.

Но потоа дојде 20-от век и има голем број дефиниции на уметноста. Што е заедничкото на сите дефиниции? Рајт предлага кога се зборува за уметност да не се мисли на збир на објекти или настани одвоено од поголем сет објекти или настани што не се уметност, туку за степен на интензитет. Понатаму, дали е можно уметноста да не е или никогаш да не била активност на малцинството, туку она што отсекогаш го правело мнозинството. Овој концепт кој е многу ризичен и бласфемичен за уметноста како нешто заедничко е можеби почетна точка на концептот за коефицентот на уметност. Не постои само еден свет на уметноста за кој знаеме; музеи, галерии, критика, списанија, разни експерти итн. Можно ли е да има и други светови на уметноста, дали може да си го замислите тоа?“

Цихочки го поставува прашањето како уметноста да биде корисна. Тој покажа фотографии на слика од познатата авторка на апстрактна уметност Катерина Гросе и од Шарената револуција во Скопје. Истите бои, истата техника, тоа е пример како уметноста да се направи полезна, како да се користат нејзините стратегии. Апстрактната слика не мора да биде автономна, не мора да биде дело на некој познат уметник. Таа може да има влијание врз реалноста и да направи промена.

Шестиот Интернационален симпозиум „Кураторски размени“ е годишен симпозиум кој ја третира локалната и регионална потреба од квалитативна размена на знаење и искуства кои се однесуваат на теоретски и уметнички истражувања, кураторски практики и едукација.

Симпозиумот е куриран, организиран и реализиран од историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, и уметниците и коосновачите на Проектниот простор Прес ту егзит, Јане Чаловски и Христина Иваноска. 

„Поканивме гости кои се занимаваат со јавниот простор со различни начини на продукција на идеи, различни концепциски парадигми, како се создава, како се осознава, како се разложува и теорискиот и уметничкиот пристап кон јавниот простор денес. Тоа беше нашиот избор на добрите европски практики.“, вели Јане Чаловски.

Автор: Александра Бубевска

Извор: Окно

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *