Култура

Завршија истражувањата на локалитетот Градиште кај Младо Нагоричане

На годинашните истражувања на локалитетот Градиште, археолозите пронајдоа увезена керамика од Егејот, декоративна камена пластика и делови од јонски столбови.  На локалитетот којшто се наоѓа кај село Младо Нагоричане, работеа стручните екипи од Иститутот за историја и археологија од Филозофскиот факултет од Скопје во соработка со кумановските археолози .

И годинава бил истражуван каналот кој бил пронајден во изминатите години. Во наредниот период ќе следи обработка на пронајдениот материјал и документирање. Археолозите под водство на проф. д-р Марјан Јованов овој пат се концентрирале кон поширокиот простор околу репрезентативниот објект, палата која е пронајдена во претходните истражувања.

– Локалитетот е важен за македонската археологија затоа што веројатно претставува најсеверната точка до каде што се констатирани медитеранските, хеленистички елементи на културата и додека не се откри Градиште, никој не претпоставуваше дека на овој дел од Македонија се живеело толку цивилизирано во палати со столбови кои што се во стилот со оние кои се наоѓаат во Егејот, изјави Дејан Ѓорѓиевски, археолог и директор на НУ Музеј-Куманово.Ѓорѓиевски.

Повеќеслојното наоѓалиште археолозите го истражуваат четири години по ред и досега откриени се делови од градби, меѓу кои значајни се остатоците од градбата кои најверојатно припаѓале на луксузна резиденција или палата, која датира од 4 век п.н.е.

Пронајдена е и богата декоративна камена пластика и капители од јонски столбови. Локалитетот Градиште во Младо Нагоричане првпат е откриен пред околу 30 години, а уште при самото прибирање на површинскиот материјал увидено е дека станува збор за богата населба лоцирана на левиот брег на Пчиња, која егзистирала во периодот на енеолитот, железното време, раната антика и хеленизмот.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *