Култура

Новиот културен бран без естрадни содржини

Проект со наслов „Нов културен бран“, кој има за цел да ја деметрополизира и деконцентрира културата од главниот град и да ја дисперзира во локалните средини, најави вчера министерот за култура, Роберт Алаѓозовски. Ова е всушност замена на проектот познат како „Топол културен бран“ за децентрализација на културните содржини.

За разлика од претходниот проект, кога општините се јавуваа како организатори, интенција на новиот проект е да се поттикне и активира независна културна сцена преку здруженија на граѓани, асоцијации, неформални групи и автори од областа на културата.
– Имаме обезбедено мал буџет за оваа културна манифестација, но ги покануваме сите фондации, стопански субјекти и компании да се вклучат во оваа програма. Манифестацијата ќе се реализира од крајот на август до почетокот на октомври – рече Алаѓозовски.

Според новите критериуми за избор на програми нема да доаѓаат предвид содржини што припаѓаат на естрадата, какви што во изобилство ги имало во претходниот период. Проектите можат да бидат од ликовната, музичко-сценската, фолклорната, театарско-филмската, литературната област, како и самостојни и групни изложби, солистички, камерни и симфониски, етнофолклорни, рок и џез-концерти, театарски претстави и филмски проекции. Исто така се вклучуваат и содржините со мултимедијален карактер. Локациите на нивното одржување можат да бидат во установите од областа на културата, но и други јавни и алтернативни простори, дури и нефункционални, руинирани објекти и простори, кои може да се „реставрираат“ како уметничка сцена.

Од областа на музичко-сценската дејност ќе се поддржат настани со интердисциплинарна жанровска содржина и тоа од класичната и фолклорната провениенција, а зависно од карактерот на настанот ќе се избира и локацијата на одржување.
Во рамките на театарската дејност, во предност би биле претстави адаптибилни за отворен простор, со малобројна актерска екипа и неоптоварени со масивна сценографија и техника. Така приспособени, претставите ќе имаат можност да гостуваат на повеќе места.

Ликовната дејност, освен преку вообичаени претставувања на нечие самостојно или групно творештво, ќе се застапи преку разновидни уметнички дејствувања во урбан и адаптиран простор, преку интервенции, акции, настани и други креативни форми. Во проектот би се прифатил и пристап на своевидно естетско преобликување на руинирани урбани делови од градот и објекти, кои би добиле ново уметничко видување и смисла.

Од областа на литературата, предвиден е пристапот на симбиоза на книжевниот и поетскиот збор со други видови уметнички изрази на локации каде што силно ќе рефлектира „ехото“ на пишаниот збор.
При изборот, предност би имале мали мобилни содржини, кои би биле реализирани барем во неколку регионални локални средини.

Извор:Нова Македонија

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *