Култура

Разрешена директорката на Македонската филхармонија

Досегашната директорка на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ, е разрешена од функцијата директор на оваа државна установа со решение за разрешување донесено од Министерството за култура. За вршител на должност директор во оваа установа е назначен Виктор Илиески, член на ансамблот на Филхармонијата. 

Како дел од причините за разрешување на директорката Чанаќевиќ, од Министерството за култура ги наведуваат недонесувањето на Годишна програма за работа на установата за 2016 и 2017 година, како и делењето на гратис билети, при што за свечениот концерт за отворање на новата концертна сала директорката поделила дури 636 гратис билети, од вкупно 960 билети. Овие и други неправилности биле утврдени од инспекциските служби, при што е констатирано дека директорката на установата не го усогласила работењето согласно со законските одредби и Статутот на установата, се посочува во соопштението на Министерството за култура. Во соопштението од Министерството се вели дека нема ниту евиденција на кого се поделени бесплатните карти за концертот на Симон Трпчески и маестро Владимир Ашкенази, за кои Чанаќевиќ тврдеше дека слободно се продаваат по цена од 2.500 и 3.000 денари. 

Сегашниот в.д. Виктор Илиески, како претседател на независниот синдикат на културата и како музичар во Филхармонијата, тогаш на својот фејсбук профил напиша дека отворањето на салата е посебен ден за институцијата која 73 години ја чека оваа концертна сала. Но, за информацијата дека вработените доделиле плакета на лидер на партија, тој рече дека „во работната недела што измина никој од уметниците од Македонската филхармонија немаше конкретни разговори со  со кој било политичар, пратеник или технички министер, уште помалку некој функционер јавно се се обрати пред целиот ансамбл во текот на пробите за отворањето на нашиот нов дом“.

Салата свечено се отвори на 21 мај, без технички преглед, со среден ентериер само во главното фоаје, и две гримиорни. Музичарите коментираа дека најсоодветно ќе беше отворањето на објектот да биде со отворањето на новата сезона, на крајот на септмври или почетокот на октомври, што не се случи. 

 

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *