Култура

Акузматичната музика е жанр што допрва го откриваат нашите композитори

Во издание на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) деновиве беше објавен компакт-диск со акузматични дела од македонски автори. На ова цеде, кое претставува прво издание од ваков вид во Македонија, има некои од најзначајните остварувања на подрачјето на акузматичната музика во Македонија што изминатите години беа изведени на фестивалот „Денови на македонската музика“, од авторите Кокан Димушевски, Дарија Андовска, Роберт Саздов, Влатко Георгиев и Андреј Блажевски.

Акузматичната музика е форма на електроакустична музика, создадена исклучиво за звучна презентација со помош на звучници, наспроти изведбите во живо. Акузматичната музика влече корени од т.н. конкретна музика, која се појави во доцните 40-ти години на минатиот век. Таа е една од најголемите придобивки на музичките технологии. Музичките елементи на акузматичните композиции вклучуваат звуци изведени од музички инструменти и глас, електронски генерирани звуци и аудиозвуци манипулирани со помош на мултипроцесори.
Како посебно подрачје на творечки израз, акузматичната музика во Македонија започна да се развива во последните неколку години, со зголемувањето на интересот на одредени автори кон овој специфичен жанр.

Концертите на акузматична музика на домашниот подиум континуирано привлекуваат нова и поинаква публика, а особено посветен на промоција и афирмација на оваа музика е фестивалот „Денови на македонската музика“, каде што редовно се одржуваат ваков тип концерти. Пред неколку години во рамките на ДММ се одржа и фестивал за електроакустична музика „Звучна имерзија – Фестивал на медиумски уметности“, на кој првпат прозвучи композицијата „Елеорп 76“ од македонскиот композитор Драгослав Ортаков. Оваа композиција е прва електронска музичка композиција од македонски композитор, која, иако напишана во 1976 година, првпат беше изведена дури во 2014-та.
– Континуитет речиси и немало, за да можеме да зборуваме за дисконтинуитет, со исклучок на неколку експериментални обиди во седумдесеттите-осумдесеттите години од минатиот век. Недостигот од соодветно образование, секако, е дел од причината за тоа, но во ерата на Интернет, кога од сѐ што нѐ интересира нѐ дели еден клик, можам да кажам дека и интересот е во прашање, ако не и стравот од непознатото, нељубопитноста и уживањето во комфор-зоната на она што полесно го прифаќа публиката. Крајно време е да се фати чекор, а веќе сме неколкумина што го разгазуваат патот – вели композиторката Дарија Андовска.

Според неа, за да знаат дали евентуално би сакале да пишуваат ваква музика, македонските композитори треба пред сѐ да ја запознаат.
– Стравот, според мене, е секогаш резултат делумно на игнорирање, делумно на индиферентност, но најмногу на непознавање и незнаење. Децата се плашат од темницата зашто не знаат што има таму. Како што изведувачите, за да изведуваат современа музика соодветно, треба да ја познаваат доволно за да успеат да изградат драматургија. Или, ако сакате, дури и да го изведуваат Моцарт или Бетовен, треба да ја познаваат нивната музика. Застанати сме. И од композиторски и од изведувачки аспект. Треба само доволно љубов и љубопитност, а со тоа и труд, за да постигнуваме многу повеќе. Зашто Македонија е вруток на таленти – смета таа.

Во 2014 година, кога се одржа првиот мини-фестивал на акузматична музика во рамките на „Деновите на македонската музика“, македонските композитори што пишуваат електронска музика беа едногласни дека недостигот од соодветно образование е главна причина за отсуството на дела од овој жанр во македонското творештво.
– Кај нас, за жал, нема соодветно образование за електронска музика на Факултетот за музичка уметност и веројатно тоа е причина што дипломираните композитори не истражувале, ниту, пак, пишувале ваков тип музика. Ортаков е исклучок, тој ја напишал првата електронска композиција во 1976 година – „Елеорп 76“, која првпат имавме можност да ја чуеме на отворањето на мини-фестивалот за електронска музика – изјави тогаш композиторката Ана Пандевска.

Помладите автори денес сѐ повеќе се интересираат за овој тип музика и по извесно време ќе имаме поголема продукција.
– Заложбата на СОКОМ да се поттикне ова творештво, преку фестивалска промоција и афирмација, е одличен потег и мислам дека ќе влијае на долгорочна промена на досегашниот недостиг од вакви дела – вели Пандевска.
Според композиторот Роберт Саздов, еден од основачите на Македонската асоцијација за електроакустична музика, нашите автори главно се заинтересирани и мотивирани да пишуваат акустична музика.
– Тешко е да се дефинира каде е проблемот. Веројатно има повеќе причини за тоа, недостигот од соодветно образование и недостигот од специјализирани организации за промоција на овој жанр се само некои. Сепак постојат неколкумина што работат во овој жанр, како Александар Пејовски, Дарија Андовска, Ана Пандевска – вели Саздов.

Композиторката Александра Поповска, чија композиција исто така прозвучи на мини-фестивалот на акузматична музика, истакна дека треба да се најдат модуси за афирмирање и за стимулирање на креативниот процес на создавање музика.
– Без да се фокусираме на стиловите во кои ќе се пишува, бидејќи изборот на стил или жанр често зависи и од индивидуалните референци на авторот – смета таа.

Според неа, поголем дел композитори во академските кругови сѐ уште не ги откриле можностите што ги нудат новите технологии.
– Секако, важен фактор се и вкусот на авторот и неговата потреба за експериментирање, отвореноста кон новите придобивки. Веројатно се плашат од стигмата дека новата музика е нехумана, што доминира како став во академските кругови веќе половина век – додава Поповска.

Ангелина Димоска

Преземено од Нова Македонија

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *