Култура

Чарлс Симиќ: песните во голема мера се инстинктивни

Американскиот поет од српско потекло, Чарлс Симиќ, е роден во 1938 година во Белград, а подоцна емигрирал во САД. Важи за еден од најзначајните современи поети во светот.

Симиќ за своите дела е добитник на бројни реномирани книжевни награди, како што се „Пулицеровата награда“, наградата „Едгар Алан По“, наградата на Американската академија, меѓународната награда за поезија „Грифин“, наградата „Валас Стивенс“, наградата на Конгресната библиотека во Вашингтон, наградата на српскиот ПЕН-центар за превод на српска литература, медал „Роберт Фрост“ за животно дело во доменот на поезијата…

Неодамна, Чарлс Симиќ допатува во Македонија, за да ја прими наградата Златен венец на Струшките вечери на поезијата. Тоа беше повод да разговараме со него за односот кон оваа награда, неговите ставови за поезијата, творечкото искуство, предизвиците на преводот, иднината на поезијата…

-Во Струга дојдовте по многу години. Овој пат, поводот е тоа што сте лауреат на наградата Златен венец на СВП. Какво е чувството да се биде повторно во Струга, и каков е вашиот однос кон наградaта, денес, кога веќе ги имате добиено најзначајните награди за поезија во светот?

Ова беше пријатно изненадување за мене, дознав во март. И во изминатите години добивав покани повторно да дојдам во Струга, но не можев, ова е незгоден период за мене бидејќи започнуваат предавањата на универзитетот. Но, сега ќе почнат без мене. Кога ќе го погледнете списокот на добитници на наградата, јасно е дека станува збор за нешто што не можете да го одбиете. Бев во Струга во 1972, а потоа повторно дојдов во Македонија во 1982, престојував една недела во Скопје. Уживам кога сум во Македонија. Навистина сум среќен што сум овде.

-Во еден ваш текст, велите дека кога сте биле млад и сте почнале да пишувате песни, единствено ви било важно тоа да бидат песни од кои нема да се срамите пред вашите литературни пријатели. Денес, кога веќе сте признат како еден од најголемите современи поети, како изгледа вашиот творечки процес? Дали чувствувате страв или нелагодност пред белината на празниот лист хартија?

Не, не баш. Не ни мислам на тоа. Кога пишувам прво скицирам, фаќам белешки во бележници, пишувам на парчиња хартија, па потоа нештата полека се поврзуваат. Не седнувам на биро со празен лист хартија, па потоа да пишувам како да морам. Воопшто не е така.

-Ова прашање можеби е малку дрско, но, дали сте напишале песна од која сосема сте задоволен? И дали тоа е воопшто можно? Кога би напишале таква песна, дали тоа би била и ваша последна песна?

Има песни за кои мислам дека се прилично добри, во смисла дека не би сакал да сменам нешто во нив. На пример, „Шели“. Има и други такви песни, за кои сѐ што можам да кажам е дека не би сменил ни збор во нив. Постојат и обратни примери – песни во кои сакаш да интервенираш, да работиш на нив, но тоа е опасно, особено ако станува збор за постара песна. Многу е тешко да се вратиш во некогашната состојба на умот, која постоела пред многу години. Најдобро е таквите песни да се остават какви што се.

-Мигриравте од Србија во САД на шеснаесетгодишна возраст. Што значеше за вас мигрирањето од родната земја, односно мигрирањето од мајчиниот јазик, ако може да кажеме така?

Немаше некаква драма; мораш да го научиш јазикот за да живееш во новата земја каде има интересни и привлечни нешта во кои сакаш да учествуваш. Немаше момент во кој си велев „леле боже, зборувам само англиски, дали си го заборавам мајчиниот јазик“. Животот те води кон нешта што мора да ги направиш. Ако ти треба некој јазик, го учиш зашто просто е потреба. Понекогаш се случуваше во секојдневниот живот да не можам да се сетам на вистинскиот збор на англиски, па ќе се сетев на зборот на српски, т.е. српскохрватски, сега мртов јазик (се смее).

-Освен поет, вие сте и преведувач, што веројатно е очекувано и логично за човек кој напуштил една културна/јазична средина и заминал во друга. Како преведувачкото искуство влијаеше врз вас? Остави ли некакво влијание во смисла на творечки поттик?

Преводот е многу добар за поетите. Кога преведуваш поезија, треба да го направиш најблиското можно читање на песната, да влезеш во умот на поетот; многу е поинтензивно отколку кога предаваш за некој поет или објаснуваш некоја негова песна. Во овој случај, навистина мора „да влезеш внатре“. Откриваш како песните се напишани или составени, а знаењето за прозодијата, за вештината, за уметноста на поезијата се проширува. Преведуваш поети кои воопшто не се како тебе: пишуваат различно, размислуваат различно, чувствуваат различно… така се учи многу.

-Би сакал да позборуваме околу односот меѓу детството и вашата поезија. Многумина велат дека речиси сите деца се поети, бидејќи ја имаат способноста да ги видат нештата од поинаков агол, да воспостават неочекувани врски надвор од шаблоните и конвенциите. Вие таа моќ сте ја зачувале до денес. Дали би ја довеле во врска со детството? Дали да се биде поет, условно, значи барем малку да се биде и дете?

Претпоставувам дека можеме да го кажеме тоа, но… има толку многу возрасни луѓе кои имаат фантастична имагинација, па малку е ризично да се каже дека сите се некакви „возрасни деца“. Мислам дека кога бев дете и фантазирав, имагинацијата не ми беше толку моќна како подоцна. Што можеш да замислиш како дете? За што можеш да фантазираш? Не многу. Подоцна имагинацијата е поинтензивна, кога си тинејџер, или во дваесеттите…

-Велите дека многу години сте ги сакале надреалистичките поети, кои ја издигнуваат случајноста на пиедестал. Сепак, се чини дека во вашите песни не ѝ се препуштате целосно. Колку една ваша песна е резултат на свесен чин, намера, а колку нејзиното создавање е нешто несвесно, мистерија и за вас самиот?

Мислам дека песните во голема мера се инстинктивни, работа на имагинацијата. Во мојата песна „Шели“, која ја напишав во 1990, се сеќавам на моментот кога дојдов од Чикаго во Њујорк во 1958 година, осамен во градот, живеев во малечка соба… се видов како лик од книга, млад, невин и некако се сожалував, но, не ги составив сите тие нешта намерно. Од каде се појави кинескиот ресторан во песната? Има многу нешта што се чини дека излегоа од никаде. Како да се некакви сеќавања на тоа време, на тоа соседство… Како поет, сакаш да се изненадиш себеси. Ако нештата се премногу намерни, ако имаш премногу очигледности во песната, таа ќе биде здодевна, нема да биде жива. Како кога се шеташ низ градот, па решаваш да одиш по точна маршрута, шеташ и забележуваш некакви изненадувања зад аголот, а потоа не знаеш што ќе има во следната улица или зад следниот агол. Убава е прошетката низ таков град, што содржи многу мали изненадувања, гледаш различни луѓе, интересни и различни нешта. Така некако е. Така се движам низ песната, чекајќи го изненадувањето. Тоа е најзадоволителниот начин за мене.

-Освен песни, пишувате и колумни и статии поврзани со политика. Се чини дека не ја сметате песната како погодна форма за директно изразување политички ставови. Што мислите за ангажираната поезија која поентира директно? Ви паѓа ли на памет некоја добра ангажирана песна?

Секако дека има добри ангажирани песни. И јас имам песни за политика, пишувам за војни, за мачители, за различни други теми… Видете… песната која е некаков вид дидактичка песна, која сака да изјави нешто за политиката од типот „војната е лоша“, „политичарите се воени злосторници“ и слично, го „информира“ читателот… како да си напишал статија – како треба ова, како треба она, а на крајот поентираш со „и не заборавај го ова парче мудрост“. Може да се согласуваш со сѐ во песната, но нема потреба да ја читаш пак, зашто е како статија од весник, едноставна е, поентите се јасни… Добри песни се оние кои кога ги читаш, сфаќаш нешто, разбираш што се случува, каква е ситуацијата, но во кои има толку многу нешта кои можеш да ги откриеш и подоцна. Ја читаш песната и сфаќаш дека си нашол нешто друго. Има песни кои може да се препрочитуваат со години, и пак наоѓаш некој нов детаљ. Добрата песна ги ангажира интелектот и имагинацијата. Секогаш кога ќе ја прочиташ, интелектот и имагинацијата одново учествуваат. Во некои случаи, тоа е многу долго патување, што е навистина добро. 

-Вашите поетски збирки доста се разликуваат една од друга во поглед на стилот, формата, поетиката… како да се создадени да ги фрустрираат критичарите што ќе се обидат да ве категоризираат. Од друга страна, постојат поети чие творештво е монолитно, како цел живот да пишуваат една иста збирка. Го сметате ли тоа за слабост?

Повторувањето не е прашање на избор. Можеш да внесеш нешто поинакво во прозодијата, во формата, но за жал, сите имаме одредени опсесии кои ни траат цел живот, нешта што нѐ опседнуваат, а не можеме да ги разрешиме во својот ум. Како професор по литература, сум го прочитал целото поетско творештво на одредени автори, познати поети, и нивните песни содржат стотици различни теми и емоции… Но кога ќе прочиташ стотици страници од нивните книги, сфаќаш дека има нешто на кое постојано се навраќаат. Јас особено се навраќам на самракот. Зашто самракот е најчувственото време од денот. Онаа полусветлина отсекогаш ме инспирирала… Ми ги инспирира имагинацијата, мислите, мозокот… Имам многу песни со самрак и што да правам (се смее)? Беспомошен сум, не можам да се сопрам. Се трудам да не напишам нова песна со самрак, ама тука нема спас (се смее).

– Како поет, професор по литература, читател, сте забележале разни начини на кои поезијата се менувала низ годините. Во едно интервју велите дека не се согласувате со ставот оти поезијата мора да се менува за да се прилагоди на новата технологија и кусиот опсег на внимание на денешните читатели. Дали можете да ја замислите иднината на поезијата, да речеме, по сто години?

Не мислам дека можеме да ја замислиме иднината. Не можевме да ја замислиме денешната технологија пред само 15 години. Кога им раскажувам на студентите дека имаше време кога немавме компјутери туку пишувавме на машини за пишување, тие велат дека не виделе такво нешто… немаат поим што е тоа, по ѓаволите! Неверојатно. Тешко е да се замисли каква ќе биде промената и по десет години, а камоли по сто. Неизбежно е да се живее во технолошки поинаков свет, но поетот не мора да се прилагодува на тоа, туку може да го одрази. Песните мора да обрнат внимание на тоа како се менува светот… Гледам дека тоа веќе се случува со поезијата. Многу е поразлична… Зашто оваа реалност е реалност од поинаков вид.

Иван Шопов

Преземено од Окно.мк

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *