Култура

Слободан Унковски: Моите претстави со Мира Ступица

. Слободан Унковски, еден од најреномираните југословенски театарски режисери, ги напиша за „Време“ неговите спомени за Мира Ступица, актерка на 20-иот век. Август е месец во кој е родена Мира Ступица и месец во кој минатата година почина.

Се наоѓам во жирито на МЕСС во Сараево една пролет, најверојатно во средината на седумдесеттите години од минатиот век. Бев млад и надежен режисер. А во жирито и Мира Ступица. Неа како и Марија Црнобора, не можевте да им се обратите со другарке, не затоа што некој одредил поинаку, туку дека тие беа госпоѓи по се, што беше факт.  Верувам дека таа беше првата личност на која и се обратив со госпого, замислувајќи притоа како судот на партијата ме критикува и исфрла од редовите, бидејќи го нарушив востановениот кодекс. 
Не знам колку тогаш години имаше Мира. Впрочем, никогаш не знаев колку години имала и во некои други прилики кога се дружевме. Имаше некоја внатрешна енергија, некој хаос кој вапи за ред, беше актерка, но пред се, една жена со став, со тешко преводлив внатрешен свет.

Се сретнавме во Сараево и додека срамежливо смислував за тоа како да ѝ предложам заедно да работиме на претстава, таа оддеднаш ми соопшти, ние мораме да работиме заедно. Тоа ми беше како орден, како да беше мојата професија како режисер заверена, и мојот евентуален талент потврден. Работата на претставата би можела само да го  доведе до сомнеж овој мој статус…
Нашето жирирање триумфираше со македонската претстава „Свадбата на Мара“ на Битолскиот народен театар, најмногу поради квалитетот на претставата, но и во значајна мерка поради сенсот на Мира за театар во провинција, коешто одлично го разбираше. Некаде на почетокот на фестивалот жирито имаше состанок со легендарниот директор на МЕСС, Лука Павловиќ. На влезот на управата на Фестивалот, Мира ме повлече на страна и ми нареди (нејзините кратки реченици имаа дефинитивна форма): “Ти ќе прашаш за нашиот хонорар!“  Не постои можност да кажам било што за тоа, дека јас не можам, дека сум најмлад во жирито и сите останати оправдувања. Конечно, зарем ние уметниците треба воопшто да зборуваме за пари?!
Состанокот со различни теми, се движеше кон крајот, јас гледам во масата и во најразлични правци но не и во Мира… И тогаш Павловиќ, повеќе од куртоазија, праша дали жирито има некое прашање. И додека сакав да кажам не, немаме, Мира ме удри со лактот во ребра, така што потскокнав. Лука Павловиќ ме погледна изненадено и на неговото прашално „Да?“, јас некако го изговорив зададеното прашање за тоа колку ќе биде нашиот хонорар. Лука непријатно се изненади: „Па зарем вие, Унковски, најмладиот овде, прашувате за хонорар покрај една Мира Ступица?“ Тука јас се согласив со него, навистина е во право и радо би побегнал од просторијата.  Но, Мира скокна и рече: “Зошто, нека си праша  детето! Лука тука не може да си дојде на себе од запрепастенот, бидејќи Мира ме поддржува, и по кратка пауза изговори, на пример, 300 (илјади) бруто. Пред да успеам веднаш да прифатам, Мира ме фати за рака и ме исфрли од канцеларијата во ходникот, па од врата дофрли 600 (илјади) нето и парите да бидат префрлени на сметка кога ќе се вратиме од МЕСС.  Тогаш можеби и ми рече подоцна надвор, гледаш дека не беше тешко!

Целиот живот преговарам со директорите на театри и со продуценти, го купив дури и харвардското издание „Прирачник за преговарање„ но всушност се дознав тогаш на МЕСС  и од Мира Ступица: побарај дупло од она што ти се чини прифатливо, имај јасен став и не останувај предолго во просторијата за договарање, бидејќи ќе направиш компромис. Можеби некој ќе рече дека ова не е битно за театар, иако театарот се состои од некои банални мали моменти, кои артикулираат поголема тема.

Еве не десетина години подоцна, на првата проба на Тетовирани души на Горан Стефановски во Звездара театар, една претстава која, по „Мрестење на краповите“ ќе го задржи подемот на овој  театар. Поделбата  совршена, само Гага не можеше да игра поради некои други обврски. Го викнавме Зија Соколовиќ да се приклучи на екипата од  соништата: Пепи, Пљака, Берчек, Гоца Гаџиќ, Жељко Гортински, Цвијета Месиќ, Зоран Цвијановиќ и други.  Ја одржав мојата прва проба, совршено, целиот се наежувам додека се слушам себеси, колку сум паметен, дека се’ знам, колку сум се спремил за овој текст.  Од радоста што и Мира е во екипата, се трудам и повеќе од што е потребно.  Таа седи карши мене, покрај долга маса, со темни очила, или не, сега не сум сосема сигурен. Сеедно, со темни или светли, Мира Ступица е во мојата екипа. 
Си одам од пробите како народен херој, утредента се враќам со уште подобри идеи и анализи, Мира седи покрај мене. И додека зборувам долго и талентирано, гледам дека коленото и е во дебел завој. Веднаш го прекинувам својот инспиративен говор, Мира вели дека има проблеми со коленото подолг временски период, болки, а ако продолжи да ја мачи, не знае како понатака! Ужас! Се разлеа тука на Звездара, мојот долго подготвуван концепт и евентуален талент. 
Продолжуваме со проби уште 45 дена, стигнавме речиси до премиера, гледаме дека имаме прекрасна претстава, сите заедно одиме на вечера. Мира седи од мојата десна страна. И одеднаш се сеќавам на нејзината болка во колено, на завојот… Мира на тоа ми вели изненадено “Кое колено? Ах тоа … не ми се допадна како започна со првите проби, па морав да измислам адекватен начин да излезам од поделбата а да не те навредам“! Толку од мојот фантастичен почеток на пробите!

Убаво ни течеа пробите, иако бевме многу различни во разбирањето на материјалот. Таа беше целосно посветена, голема актерка во најдобрата смисла на тој збор. Како не знаевме да го решиме нејзиниот однос кон фактот дека едни кажуваат дека Стрезо умрел а нејзината Алтана тврди дека тој е жив, еве ја Мира Ступица со венче за коса на кое се клатат две пинг-понг топчиња на спирали,  така што се што нејзиниот лик ќе го изговореше сериозно, овие топчиња го ставаа во знак на прашалник. Тоа беше нејзиното големо решение кое ја стави критиката на тест т за толкување.

Сеедно што повеќе не го врзуваше коленото, таа секогаш беше внимателна ккао игра и дали моите толкувања на материјалот се точни.  Нејзиниот брат, Бора Тодоровиќ, се појави на претпоследната генерална проба, а Мира доби огромна трема.  Бора многу сакаше некои мои претстави. Се собравме сите околу него, прв гледач од страна. Тој вели,  Унко – одлично, Берчек фантастичен, Зика, Пепи – се совршено, Миро, ти врска немаш. Која си ти мајка? И така натаму. Јас тргнувам да ја бранам, но не можам толку да ја одбранам, колку што Бора ја напаѓа. А, и да ја одбранам, гледам дека таа повеќе му верува на Бора отколку мене. Во тој момент се сруши нашето верување дека имаме фантастична претстава, бидејќи ако Алтана и Мира не се добри, тогаш што е добро?

Мира побара пауза. И давам 15 минути, нејзе и се потребни 30.  Зеде едно столче и отиде во аголот на фоајето. Нешто работи, не знам што точно, очигледно го поминува текстот, ништо не се слуша.  Тоа потраја повеќе од 30 минути. Потоа таа стана, се сврте кон нас и тоа беше друга Мира Ступица. Уште еднаш ја изведовме „Тетовирани души“. 

Имав можност да работам со едни од најзначајните актерки во регионот, со Чери Џонс во Америка, во Русија, во Грција, со актерки во Германија кои беа дојдени од славниот Талиј театар, но она што го направи Мира, го видов само тогаш, на таа последна генерална проба и никогаш повторно во мојата сега 46-годишна кариера. Таа ја сврте целата улога, држејќи се на претходната работа, но со комплетно нов пристап, со нов карактер и се тоа спроведено до најситни детали, од став на телото, гестови, боја на глас, до сменет однос кон некои други ликови, до работа со реквизити, СЕ.
Тогаш Бора дојде на премиерата и ја одобри. На сите ни олесна, на Мира најмногу. 
„Тетовирани души“ се изведоа повеќе од 70 пати во една ипол сезона. Би се одиграле и повеќе ако пипците за подготовка на распадот на Југославија, не се вовлекоа во нашата поделба.
Не се сретнавме повеќе на проба за некоја нова претстава. . Но, некако мислам дека останавме во една тајна врска којашто мене ми беше една значајна поддршка во понатамошните предизвици што ги имате постојано кога се занимавате со театар. 
И раскажував колку ми беше значајно кога се запознав со човекот на нејзиниот живот, Бојан Ступица. Како го замолив Беловиќ да ме претстави на Бојан,, кој тогаш беше управник на ЈДT,  а јас бев студент на втора година на ФДУ. Тој тогаш стана,  го закопча сомотското палто врз карираната кошула и ме погледна во очи преку полузатемнетите наочари. 
Од тој момент имав потреба да се натпреварувам, барем во мојот ум, со Бојан, кој подобро ќе направи улога со Мира, но мојата шанса дојде дури по многу години во „Тетовирани души“, коишто Бојан веќе не можеше да ги види.
И раскажував на пробите како бев кај Вава, семејство коешто се ми погоди, и тоа и се стори значајно и интересно. Не за претстава, туку за живот.
И, се разбира, ова мое сеќавање на Мира Ступица, не би било комплетно искрено ако не откријат барем еден момент кога зафркнав – кога и предложив да одиме на кафе во „Ступица“, место коешто тогаш беше ин. Како да ви ја опишам нејзината реакција, како да ви прераскажам се што не ми кажа  а се гледаше во нејзиниот поглед? Тој презир кон злоупотребата на името на Бојан, коешто беше адекватно за театар што го проектираше и изгради, но секако не и за кафуле… Секако дека немаше ништо од кафето!

Последен пат ја видов на телевизија, во едно интервју, во  дом ми се чини. Пушеше како и секогаш, нарогушена помалку како секогаш, но своја како ретко кој.
Понекогаш мислам дека мерка за успех во оваа работа е пред се средба се средба со посебни луѓе во посебни ситуации, каде само јас можам да ги видам како преминуваат од себе во некој друг или нешто друго. Тоа друго може да го наречеме карактер или креација, како ви е позгодно.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *