Култура

„Златна петорка“ избран за најдобар странски филм во Индија

Филмот „Златна петорка“ на Горан Тренчовски продолжува да бележи успеси на меѓународен план и да освојува награди. На фестивалот во Мумбај во Индија, на„Јагран филм фестивал“, филмот ја освои наградата за најдобар странски филм. Овој филмски фестивал важи за еден од нсјпосетени филмски фестивали во Јужна Азија и се одржува во 16 градови во Индија.  Пред прикажување на филмот на фестивалот во Мумбај, филмот бил прикажан во официјалната програма на 36. Интернационален филмски фестивал во Њу Џерси, воедно тоа беше и американска премиера на „Златна петорка“.  На премиерата, меѓу другите, присуствувале и бројни претставници од американската филмска индустрија, како и од македонската заедница во САД. 

„Златна петорка“ кој е во продукција на Револушн од Скопје, наскоро ќе учествува и на фестивали во Варшава, Санкт Петербург, Брно, Софија и Нови Сад, а странски дистрибутери се заинтересирани за правата за прикажување во Америка, Европа и Азија. Досега е селектиран на над 20 фестивали, освои шест интернационални награди и е најгледан македонски филм изминатата сезона. Само во Струмица филмот го виделе филмот виделе околу 9.000 гледачи за десет дена колку што се прикажувал.

Приказната на филмот започнува помеѓу верните другари Маки, Ката и Џиџи, кои веруваат во своите младешки идеали, сè до моментот кога се случува неразјаснетото убиство на петтемина прогресивни струмички студенти. Половина век подоцна, Алавантие, како сведок и истражувач, се враќа во родниот град со копија од досието „Златна петорка“. Неговите тајни и сознанија внесуваат дополнителен немир во брачниот живот на веќе старите Ката и Џиџи. Сценариото за овој македонски филм е инспирирано по вистинит настан од 1951 и е работено по мотиви на Братислав Ташковски. Продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, монтажер Андрија Зафрановиќ, сценограф Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез. Во филмот улогите ги толкуваат актерите Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Билјана Таневски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Дине Дрваров, Стојан Велков, Александар Ристоски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски и други.  

Слични статии