Култура

Диференцијација

Јас многу добро знам дека македонската култура во принцип е добронамерна и мирољубива, дека лесно простува, дека често е некомпетитивна (за жал) и некомпатибилна, дека е затворена во некои свои „идеали“ во кои европскиот дух тешко продира. Често е и нестручна односно непрофесионална и тешко прифаќа критика, иако точно знае – или мислам дека знае – кои ѝ се слабите страни. Заради сето ова македонската култура можеше да биде подложена на таков безмилосен некултурен инженеринг, невиден во европски размери уште од времето на наципропагандата. И ја трпеше таа пресија прилично молчаливо, со ретки исклучоци, што ќе остане нејзина тешкооправдлива историска црна дамка.

Но, од друга страна, останува нејасно зошто и денес молчи – со ретки исклучоци, се разбира? Кои се тие самонаметнати стеги, каков е тој самотренинг да се игнорира сè што се случува и надвор и внатре, во културата мислам, кои се тие врски што ги држат на узда со бившиот режим? Зашто, извинете, но како е можно никој јавно да не се запраша што уште прават еминентните припадници на бившиот режим во нејзините редови, кој тоа им дава простор во медиумите, и зошто, кој воопшто има потреба од нив во новата македонска култура? И не само тоа туку водат манифестации, дури и меѓународни, делат лекции, директоруваат, солат памет, се закануваат …! Да ги набројувам? Можам и тоа, ама и онака сите ги знаеме, и предобро ги познаваме за да (повторно) трошиме зборови на нив. Но, што е уште полошо, ние на нив арчиме не само зборови, туку и време и пари! Што е невиден мазохизам.

Од друга страна, јасно е дека новата власт ќе ги разрешува овие прашања полека, политички, внимателно, (божем) сето тоа да не заличи на некаква (политичка) одмазда. Иако оние другите, односно оваа истава некултурна багра сосема отворено и без пардон се пресметуваше со сите кои им пречеа по која и да е основа. Но добро, тоа можеби треба да е (оправдан) пристап на политиката, во иста мера како што и справувањето со последиците од она грозоморно „Скопје 2014“ мора да оди внимателно, според закон и процедури, иако истото беше октроирано целосно незаконски, насилно и политички.

Меѓутоа, самата култура е таа што може и мора да се справи со гнидите во нејзините редови. Како што и архитектите, на сите рамништа – на ниво на асоцијација, поединечно, професионално, стручно – мораа да најдат начин да истапат и кажат што и како мислат за оној антипроект. Ако тоа не се случи, ако културата не постави барем неколку прашања, јавно, јасно и гласно, и ако сето тоа го препушти само на политиката, тогаш ќе докаже дека не заслужила ништо подобро од она што ѝ се случуваше во изминатите десет години. Ако, имено, ние, преку соодветни прес конференции (еснафски или какви и да се) не добиеме информации кој сè режимски жарел и палел низ македонската култура – во уметноста, во филмот, во издаваштвото, во заштитата на културното наследство итн. – а тоа проследено и со дистанцирање од гнидите и нивна осуда, тогаш македонската култура навистина не заслужила ништо подобро. Ако никој од заштитарите не каже јавно какви беа криминалните зделки во најкриминалната македонска институција наречена Управа за заштита на културното наследство, како тогаш Македонија утре ќе се справува со истите предизвици? И никој ли нема да каже дека сè уште луѓе, бивши функционери токму од таа Управа, шетаат низ локалитетите со металдетектори, а криминалните перјаници на истата институција комотно делат лекции што е заштита а што не е? Или ако никој од еснафот не побара финансиска и стручна ревизија на сите филмски проекти во изминатава деценија, а особено на гнидите кои работеа по диктат на политиката, тогаш за каков утрешен македонски филм ќе говориме? Или ќе се снима по стариот груевистичко рифеншталски терк? Ако, како што вели Магрели, некои современи италијански режисери ја разоткрија денешницата на Италија, која и каква денешница добивме ние од македонскиот филм: на пример, дека филмот може да служи како политички плакат, па дури и да биде политичка нарачка / памфлет за (ре)конструирање на едно грозоморно злосторство? Или нема ли некој од издавачите – а најдобро од издавачките асоцијации – да излезе со извештај како тоа се делеа буџетските пари, кој издавач колку добиваше, како тоа одделни издавачи станаа државни издавачи, кој колку заработи во македонската издавачка индустрија…? Зашто тоа беше индустрија, нели, во која одделни фирми заработија вистински богатства? Или сакаат да веруваме дека повеќе им е грижа колку книги ќе можат да пријават на актуелниот конкурс, а останатото нека оди по ѓаволите?

Навистина ли некој мисли дека заборавивме како нè убедуваа, како на пример „џезерон“ на пуфлата, дека прекрасно се живее во македонската култура? Се разбира, (не)културниот живот беше прекрасен, ама само за неколкумина. Или можеби има и такви кои навистина веруваат дека македонската визуелна уметност ја претставува онаа банда составена од улавион алуминизиран „сликар“, BMW-овскиот венециски манипулант, онаа „госпожа“ што ни го нагрди градот со нејзините “дела“ … и ним слични? И ќе се осоколи ли некој од фамознине ни плашливци на ФЛУ да каже како и зошто истата експресно ја примија во своите редови, и по кои и какви заслуги? Или по чија наредба?

И списокот и прашањата можат да се развиваат во недоглед, но: ќе има ли одговори? Ако и прашањата и одговорите не дојдат токму од македонската култура, тогаш таа самата си потпишува смртна пресуда. Тогаш таа не е ни култура ниту уметност туку само аморфна политикантска збирштина со која може бескрајно да се манипулира. Ако таа свесно и беспоговорно ја прифати таквата разврска на нештата – злосторниците да продолжат да виреат во нејзините редови како ништо да не се случило а политиката да биде главниот судија – тогаш воопшто и не заслужува да се нарекува култура. За неа, тогаш, (ќе) постојат низа други имиња / називи што поблиску (ќе) ја определуваат нејзината сушност!

Автор: Златко Теодосиевски

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *