Култура

Прв филмски фестивал посветен на истражувачко новинарство

Првото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје, ќе се одржи од 3 до 5 ноември во кино „Култура“ во организација на Платформата за истражувачко нoвинарство и анализи – ПИНА (pina.mk) во соработка со нашите партнери Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје.Ова е прв ваков фестивал во регионот, а тридневната фестивалска програма вклучува прикажување документарни филмови, работилници, дискусии и дебати со гости од Македонија, регионот и од светот. 
Отворањето на првото фестивалско издание, е посветено на укажувачите, храбрите поединци кои обелоденуваат информации во име на општото добро. По прикажувањето на филмот „Да се биде укажувач“ (Being a Whistleblower) на францускиот новинар и режисер Беноа Бринже, публиката ќе има можност да ја проследи дискусијата на тема „Укажувачи: „тајни“ играчи кои може да ја променат историјата“. Дебатата посветена на таканаречените „свиркачи“, ќе ја води македонската новинарка Сашка Цветковска, а во неа, преку Скајп ќе учествува и Бети Медсгер, легендарната американска новинарка која во 1971 година објавувајќи ги анонимно доставените документи земени од канцеларија на ФБИ, застана на страната на укажувачите и предизвика промена на законите и моќта што разузнавачките служби дотогаш ја имале врз народот. 
За промените до кои може да доведат укажувачите и храброста потребна за тој чин, на дебатата ќе зборува и Ѓорѓи Лазаревски, поранешниот началник од УБК, кој ги обелодени таканаречените „бомби“ со што директно влијаеше на промените кои потоа настапија во нашата земја. На истата дебата ќе говорат и Алесија Черантола и Беноа Бринже, истражувачки новинари кои беа дел од тимот репортери што работеше на истражувачката сторија „Панамските документи“, која освои Пулицерова награда.
Меѓу другите содржини на фестивалот за прв пат ќе има и гостин од Велес, Антонио – 19-годишен тинејџер, кој работел во индустријата за лажни вести, сега јавно ќе говори за тоа на дебатата посветена на лажните вести. Преку фестивалските дебати и работилници од низа различни аспекти учесниците ќе ги разгледаат предизвиците и проблемите врзани со новинарската работа денес. Британецот Крег Шо ќе зборува за значењето на фриленс истражувачкото новинарство, Дарио Јуричан и Саша Папарела ќе откријат како преку crowdfunding се финансира истражувачки филм, Роб Монтгомери ќе одржи работилница за нискобуџетни документарци снимени со мобилен телефон, Италијанката Барбара Скјавули ќе ја сподели својата приказна како долгогодишна фриленс воена репортерка, а група новинари од Македонија, Албанија, Србија, Косово, Хрватска и Словенија ќе дискутираат за предизвиците со кои се соочуваат истражувачките новинари од регионов.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *