Култура

Фрида Кало е симбол на многу мексикански жени

“Се надевам дека никогаш повеќе нема да се вратам”, запишала познатата мексиканска сликарка, Фрида Кало, (6 јули 1907 – 13 јули 1954) во нејзиниот дневник, 1954 година, живеејќи ги последните денови, исцрпена од болката која ја трпела со години од повредата на нејзиниот рбет.  Мексиканската сликарка Фрида Кало, стана многу попозната во светот по  филмот “Фрида” со кој беше отворен Венецискиот филмски фестивал во 2002 година. Од оваа сликарка денес се одушевуваат многумина во светот, меѓу кои и Мадона, којашто поседува завидна збирка од оваа сликарка и  која ја посакуваше главната улога, но и Салма Хаек, која ја глумеше славната сликарка, била одушевена од неа уште како девојче. Годинава, по повод  100 години од раѓањето на оваа сликарка,  градот Мексико отвори иизложба со дела на Фрида Кало, од кои голем дел беа позајмени од музеите и колекциите во САД, каде таа заедно со нејзиниот маж, познат сликар Диего Ривера, живеела неколку години. Покрај сликањето, таа активно се занимавала со политика, ја сакала својата земја Мексико, била комунист исто како и нејзиниот маж. 

Фрида Кало денес е икона на припадници на маргинални општествени групи, почнувајќи од хомосексуалците и феминистките, до хендикепираните и хипохондрици кои во неа препознаваат хероина по нивна мерка. Двојниот портрет на Фрида и нејзиниот сопруг Диего Ривера насликан во 1931 година, а изложен во Музејот на модерната уметност во Сан Франциско, денес со големо воодушевување го посетуваат голем број на обожувачи, исто како што на другиот крај од светот во Музејот во Лувр, многумина се восхитуваат на насмевката на Мона Лиза.  Нејзината изразена страст да се занимава со самата себеси, како што забележуваат историчарите, претворање на нејзиниот живот во театар, а најмногу од с¢ успешно создавање на сопствен внатрешен свет, многу добро кореспондира со денешниот модерен сензибилитет. Од нејзиниот живот, кој наликува на возбудлив роман, секој може да извлече по некоја поука, утеха или во него може да се препознае.

Фрида Кало е родена од татко евреин кој бил фотограф и сликар додека нејзината мајка била од шпанско-индијанско потекло. Уште како мало девојче му помагала на татко и во фотографскиот дуќан во градот Мексико, но тогаш не се насетувала нејзината сликарска определба. Дури на таа возраст посакувала да стане лекар. Нејзината борба со болеста започнува во шесттата година кога заболува од детска парализа. Последиците биле трајни: пократка десна нога и неразвиено стопало. Во периодот на адолесценција оваа мана ја прекривала со носење на машки костуми, со залижана и затегната коса на тилот. Машкиот изглед подоцна го заменува со долгите и широки традиционални мексикански сукњи, кои исто така одлично и ја сокривале слабата нога.  Поради болеста родителите и посветувале поголемо внимание. Како што самата признала тие со нивната љубов потполно ја размазиле. Тие и овозможиле да се школува, да посетува курсеви за сликање, што во тоа време не било вообичаено за девојчињата. На 15-годишна возраст во училиштето доаѓа познатиот сликар Диего Ривера, за да наслика мурал. На таа возраст Фрида, која веднаш се одушевила од познатиот сликар, посакала  и да го освои и да му стане сопруга.

Нејзиниот пат како сликарка започнал на 18 годишна возраст, кога  таа доживеала тешка сообраќајна несреќа во која рбетот и бил тешко повреден на неколку места. Оттогаш таа можела да стои само со помош на шипка која и го држала кичмениот столб. После неколку операции и претстоел долг период од девет месеци лежење и потполно мирување во гипсен оклоп, со мали шанси дека повторно ќе застане на свои нозе. Во тие денови на болка и досада единствена радост и причинувало сликањето. Таа со голема жар почнала да слика. Со часови се гледала во огледало, и во тој период настанале првите нејзини портрети со кои ја започнува нејзината сликарска кариера. Дури после три години таа почнала некако нормално да живее, и тргнала во потрага по Диего Ривера, кого го сметала за најдобар сликар, со желба да му ги покаже нејзините слики и да го заинтересира за себе. Сликарот покажал интерес и за неа и за нејзините слики. Нејзиниот татко бил против неговата ќерка да се омажи за џин од 150 килограми, покрај кого Фрида делувала уште послабо и понежно, и кој зад себе имал два пропаднати брака и безброј љубовни врски. Сепак тие се венчале во 1929 година кога сликарката имала 22 а сликарот 43 години. Тие наликувале на слон и гулабица, како што ги нарекла нејзината мајка.

Мажејќи се со Ривера, Фрида добила шанса да запознае многу познати луѓе, на тој начин и се отвориле многу врати, што секако и би биле затворени ако останеше во тоа време, само млада и анонимна сликарка. Веќе следната година тие се селат во САД, каде Ривера го работи познатиот мурал за Рокфелер во Њујорк, а Фрида воспоставува контакти со уметничкиот свет.

Фрида Кало и Диего Ривера

Ривера не се изменил во бракот со Фрида.Продолжил со неговите љубовни врски, а на списокот на Фрида Кало и Диего Ривераљубовници се нашла и сестрата на Фрида. Но и таа не му останувала должна. Водела љубов со жени но и со познати мажи.  На списокот се Лав Троцки, во 1937 година, кога тој престојувал во нивната куќа, потоа Андре Бретон, сликарот Дејвид Алфар, фотографот Николас Муреј, глумиците Марија Феликс и Долорес дел Рио, сликарката Џорџија О’Kифи.

Во 1939 година заедно со 60 уметници од светот учествува на изложба во Париз. Иако таа доживеала голем успех и стекнала обожаватели меѓу уметниката фела, градот не и се допаднал, а западната култура ја оценила  како неосетлива спрема сиромашните. Пикасо исто така бил одушевен од нејзиното сликање како и од нејзините раце, што било инспирација за него да и креира обетки со  форма на раце. 

По првиот развод Кало и Ривера одлучиле повторно да се венчаат и се преселуваат во Сината куќа, каде познатата сликарка е родена. Таму биле домаќини на многу гости меѓу кои најчесто ги посетувал американскиот милијардер, Рокфелер, кој им бил нивен најверен мецена.

Речиси целиот нејзин живот бил исполнет со физичка болка. Таа само во последните 10 години сменила 22 ортопедски помагала, кои и го држеле нејзиниот рбет. Во овој период таа и ги насликала нејзините најубави дела. Првата самостојна изложба ја имала во 1953 година, а на отворањето ја донеле легната во кревет, бидејќи и била ампутирана едната нога. После оваа операција таа запаѓа во тешка депресија, и се обидела два пати да се убие. Умира следната година од емболија на белите дробови. Иако насловот на нејзината последна слика бил “Viva la vida”- “Да живее животот”,  таа во последните денови од животот во нејзиниот дневник запишала: “Со радост го чекам крајот и се надевам дека никогаш нема да се вратам”.

 

 

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *