Култура

Ѓорче Ставрески: Се надевам дека „Исцелител“ ќе ја намали стигмата околу медицинската марихуана

Ѓорче Ставрески е режисер и сценарист на филмот „Исцелител“, чија премиера се случи на 19 ноември затворањето на фестивалот Синедејс. За Радио МОФ Ставрески зборува за стигмата околу користење на медицинска марихуана, здравството во Македонија, но и состојбата на македонскиот филм, на кој, се чини, му фали исцелување.

Која беше основната идеја да го снимите „Исцелител“?

Почнав да пишувам сценарио за една нефункционална фамилија, кое беше замислено како драма. Меѓутоа, по испишани неколку верзии, сфатив колку многу уживам во хумор и си помислив дека ќе биде многу поефектна целата приказна доколку се пренапише како комедија.

Темата која ја обработува филмот – користењето на марихуаната како медицинско средство, во Македонија сè уште е стигматизирана. Стравувате ли дека можеби филмот ќе се соочи со критики во однос на содржината уште пред да биде премиерно прикажуван?

Слушам критики, меѓутоа зачудувачки, не од конзервативната македонска заедница, туку напротив, од поддржувачите на марихуаната кои имаат впечаток дека не ги бранам доволно нивните гледишта со филмот. За да ги расчистам сите сомнежи, мојот став е дека јас сум без сомнеж ЗА користење на марихуаната како медицинско средство. Меѓутоа, за разлика од фанатичните поддржувачи за кои марихуаната е „лек за сите болести“, моите размислувања се блиски до медицината, која тврди дека марихуаната помага за болки и го подобрува апетитот, а го намалува гадењето од користење на цитостатици. Може да има несакани дејства, како што е зголемена анксиозност и депресија. Има и позитивни резултати во тестирањето на глувци, кај кои се забележани намалувања на некои тумори, меѓутоа сѐ уште нема опсежно испитување на луѓе за да се потврдат или негираат тие наоди. Во меѓувреме, фанатичниот став е опасен и може да му даде на болен човек лажна надеж и тој да одлучи уште на почеток да го заобиколи здравството. Медицината е сепак најдобрата одбрана која ја имаме. Токму затоа фокусот на филмот е на распаднатото македонско здравство.

Филмот е трагикомедија, која преку приказната на едно семејство разработува поголем социјален проблем. Воедно, тематиката е свежа и нетипична за македонски филм. Како очекувате публиката да го пречека?

Се надевам ќе наидеме на позитивни реакции од публиката. Обработуваме неколку теми кои се еднакво битни за мене и правиме напори да ја донесеме публиката во кино, за да може да се отвори една поголема дискусија. Од 20 ноември гледачите ќе имаат можност да го видат филмот во кината низ Скопје, а набрзо потоа, се надевам и низ неколку градови во Македонија.

Медицинската употреба на марихуаната беше честа тема на дискусија во Собранието и медиумите во Македонија во изминативе години. Легализацијата на маслото од марихуана некои го сметаат за добар чекор, други за популистички трик за повеќе гласови, а трети за уште поголема застапеност на големите фармацевтски компании на пазарот. Оние на кои им е најпотребна – болните и нивните семејства, сепак не видоа голем прогрес. Мислите ли дека „Исцелител“ ќе помогне да се намали стигмата околу овој лек и можеби повторно ќе ја отвори оваа дискусија?

Како што кажав претходно, искрено се надевам дека филмот ќе помогне да се намали стигмата околу користењето на марихуаната во медицински цели и дека таа ќе биде достапна за болните како едно од оружјата од арсеналот на модерната медицина, која кај нас, за жал, средновековно се практикува. Мојата лична порака: заздравете го здравството, испоумревме.

Кој сè работеше на филмот? Што мислите дека е „тајната состојка“ која му донесе меѓународна премиера на престижен фестивал?

На филмот работеа посветени домашни и интернационални професионалци. Бевме мал тим, работевме брзо и ефикасно и мислам дека сме пример за домаќински сработен филм во рамки на буџетот и условите кои ни беа на располагање. Би го издвоил огромниот талент на главните актери Благој Веселинов и Анастас Тановски, фанатичната посветеност и чувство за ритам на монтажерот Мартин Иванов, беспрекорниот вкус за светло и композиција на директорот на фотографија Дејан Димески, емоционалната прецизност и нијансираност во музиката на Бранислав Николов, Пеце Трајковски – Брада и Гоце Јованоски, натуралистичката шминка на Мојца Горогранц – Петрушевска, како и вербата во филмот на нашите копродуценти од грчката продукција ГРААЛ: Константина Ставрианоу и Ирини Воугиоукалоу. Тајната состојка е сепак здруженоста. Целата екипа работеше сплотено, без нервози и со единствена цел: подобар производ.

Во изминатите неколку години, Македонија промовираше проекти за поддршка и развој на културата. Беа продуцирани филмови досега најскапи за македонската филмска сцена. Сепак, може да се каже дека остана сиромашна, или во најмала рака, ограничена. Кој е вашиот став за тоа?

Точно е дека не успеавме да се наметнеме како кинематографија, како што тоа му успеа на романскиот филм и во последно време на бугарскиот. Проблеми во македонскиот филм има многу. Во голем дел, заедницата е еден токсичен микс на луѓе со напумпани ега, епска завист и остри јазици на кои често квалитетот на филмот им е на последно место.

Примарно е да се наполнат џебовите и да се купат џипови со чија бројка им пркосиме дури и на МПЦ. За да се залечи целата дејност, мислам дека треба сериозен напор. Има многу работа, а би ги издвоил следните мерки: финансирање на квалитетни приказни во раце на талентирани и исполнителни режисери.

Понатаму, да има поддршка за продуценти кои на прво место ќе го стават успехот на филмот и кои ќе обезбедат оптимални услови за добар производ, кои ќе работат без злоупотреба на моќта и парите кои им се доверени, без користење закани, а проблемите кои неминовно ќе се јават, да ги решаваат без непотребни навреди и со почит кон целата екипа.

Тешка професија е, родителска, ризикот им е најголем, но производот останува во нивна сопственост понатаму. Следно, да се издвојат значајни пари за развој на сценаријата и да се оцени според интернационалниот успех во фазата на развој, кои филмови имаат потенцијал и тие да се финансираат. Потоа, да се укине смешната категорија „филмови од национален интерес“ и на крај да се најде начин да се туркаат младите и перспективни автори на површина.

Сметате ли дека во Македонија филмската критика е доволно застапена во медиумите?

Ни најмалку. Тоа е уште еден дополнителен проблем. Со повидлива филмска критика можеби дополнително ќе се направи притисок за поквалитетна филмска продукција. Ние сме мала земја, сите се знаеме и многу сме лицемерни. Како резултат на сето тоа, нема отворена дискусија и таа сива зона одлично ја користат луѓе кои и покрај објективниот неуспех на филмовите, постојано се домогнуваат до нови средства од Aгенцијата.

Дали можеби за ваквата состојба на нашата филмска сцена одговорност имаат и самите автори? Постои ли автоцензурирање при правењето филмови во Македонија?

Не сум сигурен дека го разбирам прашањето. Не би рекол дека постои автоцензурирање во некоја политичка смисла кај авторите. Би рекол дека дефинитивно има приклонување на авторите кон „жешките“ теми на таканаречените идентитетски политики кои ги диктираат домашните и интернационални фондови, но и селекторите на познатите фестивали. Немам цврсти факти, но генералниот впечаток е дека доколку филмот обработува некоја таква тема во фокус на фестивалските трендсетери, тогаш полесно е да се најдат средства и со помал квалитет се очекува влез на некој поголем фестивал. Да бидам искрен, не се за обвинување авторите, меѓутоа тоа не е алиби да се направи лош филм.

Може ли да очекуваме и нови вакви проекти во иднина?

Дефинитивно. Со една мала забелешка: нови филмови, не проекти. Баш го мразам „проекти“ употребено за филмови. Му дава на филмот еден административен агол, сосема различен од директната, фанатична борба до губење на здравје која секој сериозен филм ја носи со себе.

Автор:Стефанија Тенекеџиева

Извор: Радио МОФ

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *