Култура

Идеја за селски туризам во Македонија

Добро што директорот Александар Донев решил да ги врати парите за бизнис класа. Ништо страшно, сега ќе биде, се надевам, повеќе мотивиран да испорача резултати и да покаже дека функцијата не му била потребна заради удопства туку има визија да ги унапреди состојбите. Затоа сакам да споделам една идеја за која не треба да се оди до Аргентина.

Во време на масовно загадување на планетата, во светот е многу популарен еко-туризмот, а Македонија има извонредни услови за тоа. Кога следев економија, сум разговарала со луѓе во Министерството за економија задолжени за промоција на туризмот и знам дека имаше една ставка во Буџетот за промоција за оваа намена, но никогаш не се потроши за намената. Всушност, се работеше за субвенции што требаше да им се дадат на семејства кои ќе ги подготват своите домови да бидат места за прифаќање на туристи кои би сакале да преспијат во автентичен македонски амбиент. Парите беа наменети за занаети конкретно, да оживеат занаетите, да купат на пример вретено, ковачка работилница и слично, а да примаат и туристи, но мислам дека за идејата за која пишувам, сега тоа е вишок. Парите инаку никогаш не завршија за таа намена бидејќи, како што ми беше објаснето, секогаш при ребаланс на буџетот, ставката ја снемува, односно на неа остануваат нула денари и се пренаменуваат за друго. Верувам на таквото објаснување бидејќи после таа информација ги проверив буџетите и видов дека е вистина, што за мене беше разочарувачки.

Е сега за идејата: селата во Македонија се испразнети, а природата прекрасна. Особено во Мариово каде сум правела репортажа на тема Инклузивен раст (колку економскиот раст со кој се фалеше ДПМНЕ го чувствуваат сите граѓани, особено во селата) и знам колку е прекрасна природата, а колку се запустени селата и сиромашно населението. Како што знам, во Галичник веќе има тури со можност за преспивање и храна во автентични македонски куќи. Во Брајчино мислам исто, но не сум сигурна. Во Мариово каде што бевме во повеќе села со снимателот, од малкуте семејства останати таму, сите правеа мариовско сирење и кашкавал кои се многу квалитетни, популарни и држат цена. Мислам дека би бил голем бенефит, кога државата би дала субвенции за семејства во селата, кои би се зафатиле со туристичка дејност, односно да развиваат еко туризам. Храната која би ја наплатувале и за чиј квалитет би гарантирале, секако би требало да биде на нивен трошок, но за кревети, соби, постелнина и други потреби за да станат куќите подготвени места за преноќување, секако ќе им биде потребна поддршка.

Понатаму, може да добијат и поддршка за производство според одредени стандарди и да ги продаваат еко продуктите (сирeње, кашкавал итн.) бидејќи сега ги прават во домашни услови. Државата исто така би учествувала во ваков проект со подготовка на промотивни материјали и евентуално помош при транспорт, бидејќи ниту има редовни автобуски линии до овие места, ниту се соодветни за патување (сум ги видела и нив правејќи репортажа). Така, државата може да поддржи во некаква форма туристички автобуси до тие дестинации.

Тоа не е лесна работа, бара многу ангажман, но мислам дека ќе има многу полза. Кога би ги посетил директорот овие села, ем ќе види зошто го критикуваат за немање осет (кога ќе види колку немааат комоција жителите на селата, во некои нема ни вода, за училишта и амбуланти не станува ни збор), ем ќе добие идеjа како може да се развива туризмот во места кои го одземаат здивот од природна убавина. Истовремено, ќе му се помогне на сиромашното население кое нема многу можности за живот во селата, да развијат мал бизнис. Не мислам само на Мариово, Галичник и Брајчино, туку и на селцата околу Охридско Eзеро каде со поддршка на државата може да се подигне квалитетот на сместувањето, а со тоа и да се зголеми бројот на туристи.

Овде во Австрија во сите туристички скијачки места, сите куќи во селата се всушност мини хотели од чија дејност жителите живеат. Македонија нема можеби супер услови за зимски туризам, ама има одлична храна и природа која може да ја продадеме. Веќе имаше репортажи од странски новинари кои токму го промовираа овој вид на туризам со стории за Галичник и македонската кујна. Наместо кај нас во делот на туризмот да има стории за невкусно трошење пари, а во странство да пишуваат за нашите можности за ваков вид туризам, можеме и ние да се потрудиме да ги унапредиме состојбите дома нели?

Автор:Ида Протугер Вељковиќ

Извор: Фејсбук профилот на авторката

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *