Култура

За сложувањето и согласувањето

Се согласувам дека понекогаш сложувањето треба да се смени со согласување во текст. Но, генерално, не се согласувам секое сложување да го правиме согласување. Јазикот треба да се шири, не да се стеснува; да се тегне и да се развлекува, не да се собира. Мора да има еластин и ликра во секој мисловен материјал. Подобро поголем, отколку помал број јазична облека. И да ја ослабнеме и да ја здебелиме својата јазична култура – поголемиот број ќе можеме да го облечеме; наспроти помалиот во кој би ја вотнале само ако значително ја истенчиме. Никогаш нема ниту да се согласам, ниту да се сложам со идејата два збора да се сведат на еден, доколку има и најмала семантичка, дури и само емоционална разлика во нив. Сложува мене ми доаѓа од слога, согласува од согласност. Слога и согласност не ми се исто. Слогата во себе ја поседува согласноста како преференција, не како нужност. Се сложувам со луѓе со кои не мислиме исто за милиони нешта; се согласувам или не се согласувам со нивно конкретно мислење. Согласувањето е повод, настан, миг; сложувањето е многу повеќе од сето тоа заедно. Сложувањето е состојба. Долга, трајна, напати и опасна емоционална сложувалка.

Не сакам зборови со точен број на емоцијата на говорителот, зашто во точните броеви нема можност за отстапка, а лексика без отстапка е пуризам, претерана и штетна јазична хигиена. Се облекувам во точен конфекциски и во широк, комотен лексички број.

(приватна лексикологија)

Автор:Оливера Ќорвезироска

Фотографија:Василиј Кандински

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *