Култура

Герила акција: Џиновска пастрмка во Скопје

Граѓанската иницијатива „Урбани умеtнички акции“ во центарот на Скопје денеска ја постави скулптурата „Охридската пастрмка“ со цел да се алармира за нејзиното исчезнување пред нашите очи.

Охридската пастрма (Salmo letnica, Karaman, 1924), нејзините подвидови како и автохтоната македонска пастрмка (Salmo macedonikus, Кaraman 1924) стануваат се позагрозени и лесно може да се случи да исчезнат од водите во Македонија во нашиот животен век. 
Се поголемите гастрономски барања за овие исклучително квалитетни риби го разгоруваат криволовот и рибократството. Популациите на дива пастрмка во македонските води (Охридско Езеро, река Радика и нејзините притоки, реката Треска, езерата Маврово, Козјак и Шпиље) во последните години се десеткувани. Во Охрид се поретко се ловат полово зрели единки, а рибокрадците и концесионерите на пазарот пласираат полово незрели единки кои никогаш не се измрестиле. Состојбата е уште позагрижувачка бидејќи концесионерите (кои имаат дозволи за стопански риболов) ловат масивно над пропишаните квоти. Порибувањето на подмладок од мрестилиштата за пастрмка за жал во најголем број случаи е сведено на трговија со фактури, а Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство никогаш не водело сериозна контрола дали количините на риба кои концестионерите ги прикажуваат дека се порибени се реални и вистински или само се водат на хартија, односно постојат само на лажирани фактури. 
Со ваков однос кон пастрмката голема е веројатноста и овие врсти на пастрмка да исчезнат во скоро време. Колку за потсетување некогаш бројната врста на пастрмка наречена Главатица (Salmo marmoratus Cuvier, 1829) која до пред 40-тина години ги населувала долните теченија на Дрим, Дебарското Езеро и долниот тек на Радика денес е потполно исчезната. 
Затоа секогаш размислете пред да купите дива пастрмка. Со купувањето диви пастрмки директно ги подржувате рибокрадците и ги уништувате нејзините шанси за преживување! 
Размислете дека можеби токму вие ќе ја изедете и последната дива пастрмка. 
Вреди ли?

Автор:

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *