Култура

Лиле Дирјан

Текст на  Синан Гуџевиќ посветен на Лилјана Дирјан

Демонот по име Утре одреди текстот за песимизмот на Плиниј да ѝ отстапи место на мојата жалост. Дента кога италијанскиот парламент ја подготвуваше одлуката за рехабилитација на поетот Овидиј и за поништување на казната со која поетот пред точно две илјади години Октавијан Август го протерал на Црното море, стигна вест дека од овој свет заминала Лилјана Дирјан. Поетесата која не сакаше ни да ја нарекуваат поетеса – се сметаше за женски поет. А чекав да ја слушнам чудната одлука на италијанскиот парламент, па да ѝ се јавам на Лилјана. Малку да ја погалам. Таа, која година и половина се мачеше со тумор маркери и вода во утробата. Таа, која пред петнаесет години, кога излегоа, во Загреб ги донесе македонските „Преобразби“ на Овидиј Насон, препев од латински на Љубинка Басотова.

За мене Лилјана беше кавал. Оној меланхоличен звук што те допира во жедното место во срцето, она што го имаш некаде од левата или десната страна под ребрата, знаеш дека го имаш, не ти се јавува често, но се јавува кога ќе засвири кавалот. Свиралото за кое си замислувал дека е направено од античкиот аулос, кога му се раздвоиле двете цевки, па оттогаш се довикуваат преку осамените пастирски усни во планината. А кога ќе засвири свиралото наречено кавал, целото тело со сè во него се опива, па ти се плаче од радост и што си и што не си. Па го слушаш и аулосот и појот на птицата од детството, иако досега не си дознал од која птица е, некоја темна голиска или митолошка кавал-птица. Па растреперените раце посегнуваат кон слушалките, ги ставаат на уши и потоа во нив ја пушташ Александра Поповска, во чиј глас се преселиле гласот на Нина Спирова и гласот на Васка Илиева, па Поповска со назалниот глас го наоѓа местото во срцето со песната „Учи ме, мајко, карај ме“, додека ја следи кавалот на момата Бајса Арифовска. Па кога ќе се извие местото „Лилјана ситен босилек“, почнуваш да офкаш, а кога ќе се придодаде она „Лилјана една на мајка“, се претвораш во капка.

За нас, Лилјана беше Љиљана. Ене, во Сараевски свески, во импресумот постојано пишува Љиљана Дирјан. И во југословенските списанија надвор од Македонија и на книгите стои Љиљана. Не обрнувавме внимание на тоа што во изворниот изговор на нејзиното име нема љ, го стававме нашето љ и таму каде што го нема. Тоа не го правевме кај Лилијана Ронкети, ни кај Лилијана Мисони, но го правевме кај Дирјан. А името на Лилјана е името лил плус јана, во песната јасно го пее волшебната Поповска. Во Македонија Лилјана ја викаа Лиле. А тоа лиле за мене беше уште една кавал калварија. Мајка ми Зејна ја имаше изреката лиле мој, нешто како „благош мене“, „лале мој“. Кога Вера Чејковска или Јовица Ивановски или Бети Шелева ја нарекуваа Лилјана Лиле, јас ја слушав мојата Зејна. Па кога и да бев во нивно друштво чекав и копнеев да ја лилнат Лилјана.

Лиле беше мојата лила пред Петровден. Кога еднаш, во станот на Билјана Јовановиќ во Нов Белград, ѝ зборував за санџачките лили, кои ги носеа муслиманските и православните деца и чијшто сјај од ноќта правеше ден, ме погледна со оној поглед што се противи на секој опис и ми рече: „Те гушкам мој сакан брату Синан“.

Лиле беше најчувствително суштество. Беше оној сончев часовник на кој, за часовите што ги мери, не би можело да стои: секој ранува, последниот убива; нејзе секој ја убиваше, а и секој ја оживуваше. Се запознавме на Струшките вечери на поезијата, пред триесет и девет години. Тоа беа најдобрите вечери на поезијата во мојот живот: покрај Лиле го запознав и Борис А. Новак, па Вера Чејковска и Катица Ќулафкова, Јордан Плевнеш и Илија Чашуле. А Лиле тогаш се вљуби во Богомил Ѓузел. Колку ли сродни души се најдоа тој август, додека толпата новинари го гонеше Рафаел Алберти околу хотелот „Дрим“.

Три месеци подоцна отидов во војска, во Љубљана. Во војничкиот клуб имаше маси и столчиња, а во еден агол имаше нешто помеѓу клупа и маса: малку повисоко од клупа, малку пониско од маса. Секогаш кога ќе добиев писмо од Лилјана Дирјан, адреса Пролеќе 16/32, ќе се шмугнев во поткровјето и ќе легнев попреку таа маса-клупа и додека главата и нозете ми висеа над подот, а крвта ми удираше в лице, го славев писмото од Лиле. Па ѝ пишував каде и како бегам со нејзиното писмо. Поминаа доста години, друштво кај Биљана Јовановиќ, во Студентска 8 во Нов Белград, тука се и Лиле Дирјан и Богомил Ѓузел, и Лилјана ѝ раскажува на Биљана за тоа како ги славев нејзините писма во касарната. А Биљана, рима од Лилјана, мангупски кажува како ѝ се чини дека нешто слично правел и Кафка и дека тоа можеби го читала во „Писмата до Милена“. Ајде Сине кажи ни сега дали малку го глумеше Кафка пред Дирјан? А Дирјан вели аман мори Биљано, таман тоа Кафка и да го правел во Прага, ама попречното легнување на Синан во Љубљана е поубаво!

Дојде во мојата куќа во Загреб, во март 2003 година. Ѝ раскажува на Сања: „Знаеш, стигнав во Белград и решавам да одам во Земун, да го најдам Синан. Беше недела, јас облеков пепито костим и свилен шал и некако ја најдов неговата улица и куќата и тоа негово поткровје. Тој нема поим дека ќе дојдам. Чукам, тој отвора и не може да верува. Влегувам, седнувам и ми вели дека нема ништо за јадење дома, ајде да одиме во ресторан, тука блиску е, тој ресторан на железничката станица Земун Нови град. Ручавме, по час-два вели, е сега ќе дојдеш со мене на едно место. Земаме такси и знаеш каде ме однесе: на стадионот на ЈНА да го гледаме натпреварот меѓу Партизан и Динамо од Винковци! Еј мори, сите гледаат во мене, во мојот пепито костим. А потоа отидовме кај Биљана Јовановиќ. Таа него го вика Сине, а тој неа Стари!“

Пред четири години, втори ноември. Гевгелија, сонце како во детството. Одам да купам разгледница од Гевгелија, да ја пратам на брат ми Хазби, кој во 1960 година побегна од дома за да го гради автопатот Братство – единство, делницата Нова Смоквица – Гевгелија. Една трафика, втора, трета, пошта – нема разгледници. Во поштата ми велат, нема тоа повеќе, кој уште пишува разгледници. Срам ме изеде, треба да се тргне за Дојран, сите мене ме чекаат: Богомил Ѓузел, Предраг Луциќ, Јовица Ивановски, Мијо Поповиќ, Еди Матиќ, Бети Шелева, Роберт Алаѓозовски. И Лиле. Очаен упаѓам во некое студио за фотографии и човекот ми вика, абе јас ќе ти направам разгледница на Гевгелија, бирај која слика ја сакаш. И ми направи четири различни. Истрчувам како да сум освоил олимписки медал. А Лиле вели: „Ама полека само, нема да брзаме, сега напиши ги тие разгледници па прошетај до онде: ја гледаш онаа статуа од трите во паркот? Тоа е Ристо Бајалски, се сеќаваш одамна во Земун ми рече дека тој е најдобриот новинар на Политика. Тој е роден тука“. Па сите заминавме во Дојран. Па Богомил со вино и дојрански специјалитети ни покажуваше од каде се неговите предци, од зад оние планини од грчката страна на езерото.

Лиле целата беше од љубов кон морето, кон Корчула, Хвар, кон Ластово, Зларин, кон боите, бадемите. Нејзините грижи за синот Борјан кој имаше јувенилна астма и благодарноста кон поднебејето на Корчула што му ја излечи болеста. Па нејзиното готварско умеење, зачинските билки, рецептите. Нејзините марами и тешката свила! Нејзината Матка, кањонот на Треска! А нејзиното ерменство и македонство, нејзиното далматинство и југословенство, мама миа! Жена Кајмакчалан, жена Арарат. А нејзините уникатни приказни, за Евгенија Демниевска, за Аца Секулиќ, за Џони Штулиќ! И неа таква да ја зграби демонот по име Утре, незаситен, без милост, на денот кога на луд начин беше рехабилитиран Овидиј!? А таа за еден од своите демони вака напишала:

СИ ОДАМ ОД ТЕБЕ

Ми рече утрово
зелениот демон на немирот
остани прошушкав
со последните лисја
Јас листокапна

Како да се преведе ова листокапна? Може листопадна, но тоа не е сè што го содржи зборот листокапна. И во македонскиот има листопадна, но Лиле Дирјан не го напишала. Јас, од која листовите капат… значи паѓаат како што паѓаат капките, а паѓаат како и листовите, па како и од листовите што би капеле капки. Да се остави листокапна. Тоа е јазикот и изразот на Лиле Дирјан, баран и најден, доживеан и длабок. Сите нејзини песни се такви. Никаво пренемагање и лажирање, мојот зелен демон и јас со жолти лисја, јас листокапна. Нашиот листокап ќе го однесе нашиот зелен демон по име Немир, па демонот по име Утре, празначот на овој и полначот на оној свет, ќе ги собори и сите листокапи и сите демони на нашево живување, и онака замотано во тага.

Синан Гуџевиќ

Извор:https://www.portalnovosti.com/lile-dirjan

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *