Култура

Мартинките станаа светско културно наследство

„Културните обичаи поврзани со прославувањето на 1 Mарт – Мартинки“ станаа дел од светското нематеријално културно наследство и се впишаа во репрезентативната листа на УНЕСКО.

 Ова светско признание Република Македонија, заедно со Република Бугарија, Република Романија и Република Молдавија го доби на 12.состанок на меѓувладиниот Комитет на УНЕСКО, Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото, кој се одржa од 3 до 10 декември на островот Чеџу, Јужна Кореја.

Центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус“ е еден од носителите врз чии активности се базира оваа апликација. Во март 2018 ќе се наполнат пет години како „Хаемус“ организира случувања за промоција и задржување на традицијата на мартинките во Македонија, бидејќи ги почитува верувањата и обичаите поврзани со нив и ги негува во духот на традицијата, во сите облици и начини кои би придонеле за нивната поширока промоција и популаризација.

Истовремено во април годинава „Хаемус“ го почна процесот на акредитација како советодавно тело за нематеријално културно наследство од Република Македонија во УНЕСКО. На годинешниот состанок на меѓувладиниот комитет заедно со уште 50 организации од целиот свет „Хаемус“ се најде и на списокот на организации кои бараат акредитација за лиценца од УНЕСКО за заштита на овој вид наследство. 

Извор: Cooltura

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *