Култура

Чудо од дете и Дворжак со Македонската Филхармонија

Во редовниот термин во четврток, Македонската Филхармонија ќе одржи концерт под диригентство на маестро Даниел Рајскин од Русија, а како солист ќе настапи „чудото од дете“, младиот виртуоз на пијано, Даниел Харитонов. Концертот „Лауреати“ е насловот на вечерашниот, прв концерт на Македонската филхармонија на почетокот на 2018 година.

За македонската публика, рускиот талентиран пијанист Харитонов ќе го изведе популарниот и раскошен Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Франц Лист.

Пијанистот Даниел Харитонов е роден во рускиот град Јужно-Сахалинск. Неговиот талент е препознаен на 15-от Меѓународен натпревар „Чајковски“ во 2015 година кога имал само 16 години и оттогаш неговата кариера рапидно расте, настапувајќи со престижни оркестри и врвни диригенти, соопшти Филхармонијата.

Вечерва на програмата на Македонската филхармонија  се и атрактивната увертира „Карневал“ од Антонин Дворжак, како и славната Симфонија бр. 2 од Јан Сибелиус.

Антонин Дворжак (1841-1904), славниот чешки композитор, бил син на месар. Иако од него се очекувало да го наследи занаетот на татка си, тој студирал музика. Дипломирал оргули, се развил како врвен виолинист и виолист во Бохемискиот театарски оркестар раководен од Беджих Сметана (автор на познатата симфониска поема „В’лтава“), предавал пијано, компонирал. Својата романтична душа ја вткал во своето творештво.  Широкиот дијапазон на неговото творештво опфаќа најразлични музички форми: величествениот „Стабат Матер“, нежната „Серенада за гудачи“, грандиозниот „Реквием“, популарните „Словенски танци“, романтичната опера „Русалка“, виртуозните концерти за виолина, за пијано, за виолончело, различните камерни дела, симфониските поеми, големите симфонии (најпозната е деветтата, насловена „Од новиот свет“)…

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *