Култура

Има разни закони…

Во целата тековна какофонија на распалените расправи по високо-октанските „национални“ теми, најмалку го разбирам аргументот дека „за предложените решенија недоволно е расправано“ или дека „во дебатата не се консултирани експерти“. Наскоро ќе бидат 30 години откако во независна Македонија ги расправаме на долго и на широко овие работи и не знам дали постои еден единствен експерт (може и со и без наводници) кој не дал свое мислење барем во десетина до сто наврати со изјава, интервју, кој не напишал колумна, не бил викнат на некоја конференција или коморска тркалезна маса, во дебатна емисија, не бил вклучен во некој ваков или онаков процес…

Ако, сепак, има некој таков што не бил „консултиран“, тогаш би можело да се тврди дека тој експерт (може со и без наводници) самиот одбрал да не биде „консултиран“, а не дека немал прилика да каже и да биде чуен што мисли.

На пример, скопскиот Правен факултет на УКИМ, белки откако постои, е една од главните централи и на македонскиот национализам и шовинизам, и (многу поскромно) на македонскиот либерализам – таму веќе трета генерација професори, доценти и асистенти ги наследуваат и артикулираат ставовите на своите мајки и татковци, баби и дедовци… Што е она што во „недоволната расправа“ не се кажало?

Токму од таа институција се произведени половина (важни) министри во последните три децении и барем 90 насто од македонската правна регулатива, од Уставот, до правилниците за употребата на писоари во тоалетите… Нема закон што не е напишан, корегиран, советуван и „консултиран“ на нашиот главен државен Правен факултет, а низ чии „дупки“ не се крадеше, прислушуваше, угнетуваше, злоупотребуваше, приватизираше, денационализираше, концесионираше, растураше, богатеше, осиромашуваше и што сѐ уште не што може да ви падне на памет во оваа држава во изминатите триесетина години независност. Како, сега, не биле слушнати нивните (и други) „експертски мислења“?!

Туку, проблемот е во нешто друго: оваа власт (како и секоја друга власт), имајќи ги предвид СИТЕ експертски ставови и мислења, решила да преземе политичка одговорност и да спроведе политики за кои е подготвена да плати одредена политичка цена. Се разбира, секој закон може да биде и подобар и полош од тоа како е предложен, но мене ми се чини дека правото не е средиштето на аргументацијата против ваквите политики.

Правото не е единствената важна наука според која се градат општествените односи. Напротив, правото треба да се сообразува со промените и напредокот во општеството, а не обратно, општеството да е „заробено“ во еднаш напишаното право. Инаку, до неодамна, жените немаа ни право на глас, а за различни мислења се апсеше – по закон! – што не значи дека на таа точка од општествениот развој требало да застанеме. Оти и тогаш на Правниот факултет некој тврдел дека се ближи крајот на светот и дека на нацијата ѝ е одброено ако нешто од тоа се промени!

Промените, додуша, се поврзани со нешто друго, далеку потромаво и поконзервативно за менување: колективните идентитети во кои живееме. Кога се, особено, мнозинствата во прашање, тие социјални категории се комотни, оти се правени да ве заштитат, да го сочуваат статус-квото во кое се чувствувате безбеден, што ви го прави животот предвидлив и помалку стресен, што ви го гарантира стекнатиот општествен статус од кој полесно се играат улогите коишто заедницата ги очекува од вас.

Но, времињата се менуваат, светот не стои во место, а новите околности бараат нови идентитети, што налага прилагодувања, флексибилност, промени… Тоа е „големиот“ општествен закон по кој се пишуваат „малите“ правни закони што ги одразуваат новите реалности.

Во спротивно, порано или подоцна, обично настапува еден друг закон, оној на физиката…

Извор: civilmedia.mk

Автор: Сашо Орданоски

Автор:

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *