Култура

Месец на бугарскиот филм – Турбуленции и креативна енергија

Во 1976 година во Софија, на симпозиум за бугарскиот филм, организиран од Меѓународната федерација на филмски критичари, избувна скандал. „Бугарија е мала и тивка земја. Најдобро е таа да прави мали и тивки филмови, непретенциозни, но сочни како зелено јаболко“, на трибината изјави Американецот Гидеон Бахман, стручњак за европскиот филм и близок пријател на Фелини. Тој им беше посебно драг на младите филмски работници, но дури и ним изјавата „тивки и непретенциозни“ им звучеше арогантно. Без да сака, господинот Бахман ја оплеска работата. Иако се побунија против Американецот, официјалните филмски фактори премолчено ја вклучија конструкцијата „мала, тивка и непретенциозна“ во идеолошка употреба. Тие успешно ја експонираа во досоцијалистичкото минато на бугарскиот филм, ја залепија како етикета на неговата иднина која сакаа да ја контролираат засекогаш.

Митот за тивката послушност на бугарскиот филм меѓу глобалните политички и културни турбуленции во 1950-тите и 1960-тите успешно се потхрануваше од пропагандата сè до падот на Берлинскиот ѕид. Но вистината го чекаше својот час, недопрена во забранетите бугарски филмски ленти, кои беа јавно прикажани со 30 години задоцнување – во 1988. Меѓу нив се еден од првите чисто дисидентски филмови во целиот комунистички блок („Животот си тече тивко“, 1957, режисер Бинка Жељазкова), уништениот бугарски нов бран („Понеделник наутро“, 1966, режисери Ирина Акташева и Христо Писков), потиснатиот филозофско-алегориски филмски модернизам („Заврзаниот балон“, 1967, режисер Бинка Жељазков); интелектуалната ироничност на потиснатиот авторски филм („Лакираните обувки на непознатиот воин“, режисер Рангел Валчанов, подготвен за снимање во 1963, но одобрен за реализација дури во 1979). Заедно со останатите сопирани филмски ленти, тие докажаа дека пристојниот број бугарски филмови зборува храбро, талентирано и остроумно за драматичноста на времето. Но цензурата во Бугарија го прекина секое слободоумие, посистематски, неселективно и поподмолно од сите други комунистички режими во централна и во источна Европа.

Филмска програма во Кинотека:

1 февруари (четврток) 20:00 ч.
ПИЈТЕ САМО ШУМЕНСКО ПИВО
(Пийте само шуменско пиво)
Документарен филм, Бугарија
1940 г., 15 мин., црно-бел, 35 мм
Режија: Спас Тотев

1 февруари (четврток) 20:00 ч.
ЛУЗЕРИ
(Каръци / Losers)
Игран филм, Бугарија
2015 г., 97 мин., црно-бел, ДЦП
Режисер: Ивајло Христов (Ивайло Христов)
Сценарио: Ивајло Христов (Ивайло Христов)
Улоги: Елена Телбис, Дејан Донков, Ованес Торосјан, Ненчо Илчев (Елена Телбис, Деян Донков, Ованес Торосян, Ненчо Илчев)

8 февруари (четврток) 20:00 ч.
МАЈМУН
(Маймуна/Monkey)
Игран филм, Бугарија
2016 г., 95 мин., колор, ДЦП
Режија: Димитар Коцев – Шошо (Димитър Коцев-Шошо)
Сценарио: Димитар Коцев – Шошо (Димитър Коцев-Шошо)
Улоги: Александра Костова, Радина Боршош, Јулијан Вергов (Александра Костова, Радина Боршош, Юлиан Вергов)

15 февруари (четврток) 20:00 ч.
СЛАВА
(Glory/Slava)
Игран филм, Бугарија
2016 г., 108 мин., колор, ДЦП
Режија: Кристина Грозева, Петар Валчанов (Kristina Grozeva, Petar Valchanov)
Сценарио: Кристина Грозева, Петар Валчанов, Дечо Таралешков (Kristina Grozeva, Petar
Valchanov, Decho Taralezhkov)
Улоги: Стефан Денољубов, Маргита Гошева, Ана Братоева, Надежда Братоева, Никола Додов (Stefan Denolyubov, Margita Gosheva, Ana Bratoeva, Nadejda Bratoeva, Nikola Dodov)

22 февруари (четврток) 20:00 ч.
Кинотечен филм по избор на Петар Карџилов
СКРШНУВАЊЕ
(Отклонение/Detour)
Игран филм, Бугарија
1967 г., 78 мин., колор, 35 мм
Режија: Гриша Островски, Тодор Стојанов (Гриша Островски, Тодор Стоянов)
Сценарио: Блага Димитрова (Блага Димитрова)
Улоги: Невена Коканова, Иван Андонов, Катја Паскалева (Невена Коканова, Иван Андонов, Катя Паскалева)

23 февруари (петок) 20:00 ч.
МАЛ-ГОЛЕМ 
(Little-Big)
Документарен филм, Бугарија
2011 г., 90 мин., колор, ДЦП
Режија: Јасен Григоров (Ясен Григоров)
Сценарио: Јасен Григоров (Ясен Григоров)
Улоги: Деси Слава, Борис Ковачев, Калин Христов (Деси Слава, Борис Ковачев, Калин Христов)

24 февруари (сабота) 20:00 ч.
НАСОКИ
(Посоки/ Directons)
Игран филм, Бугарија
2017 г., 103 мин., колор, ДЦП
Режија: Стефан Командарев (Стефан Командарев)
Сценарио: Симеон Венциславов (Симеон Венциславов, Стефан Командарев)
Улоги: Васил Банов, Иван Брнев, Васил Василев (Васил Банов, Иван Бърнев, Васил Василев)

25 февруари (недела) 20:00 ч.
МИСИЈА ЛОНДОН
(Мисия Лондон/Mission London)
Игран филм, Бугарија, Велика Британија, Шведска, Македонија, Унгарија
2010 г., 107 мин., колор, 35 мм
Режија: Димитар Митовски (Димитър Митовски)
Сценарио: Димитар Митовски, Делјана Манева (Димитър Митовски, Деляна Манева)
Улоги: Алан Форд, Ралф Браун, Томас Арана, Мето Јовановски (Alan Ford, Ralph Brown, Tomas Arana, Meto Jovanovski)

Во повеќето кинематографии од источниот комунистички блок, а особено во Бугарија, нормативната естетика на соцреализмот и жестоката цензура парадоксално одеа заедно со порастот на филмската продукција во индустрискиот план. Целосната национализација на филмската продукција и дистрибуцијата на филмови кај нас со Законот за кинематографија од 1948 година, заедно со идеолошките задачи зададени на седмата уметност, доведоа до брзо зголемување на количината филмови од сите видови и жанрови, цела низа на продукциски услуги и создавање на широка мрежа од кино-сали низ целата држава. Од друга страна, проширената продукција создаваше ретки, но вредни, од гледна точка на историјата, шанси да се заобиколи тоталната идеолошка контрола и покрај неа да се создадат ненадминатите филмови, како што е светата тројка на бугарскиот филм – „Крадецот на праски“ (1964), на режисерот Вало Радев, „Козји рог“ (1972) на режисерот Методи Андонов и веќе споменатиот „Лакираните обувки на непознатиот воин“ на Рангел Валчанов – екранизација на националниот карактер како поглед на светот и како вредности, како историска судбина и семејно сеќавање, како филмско размислување.

Седумдесеттите години на минатиот век се одбележани со т.н. миграциски циклус, филмови што се најчесто онеправдани со епитетот „мали“ – „Броење на дивите зајаци“ (1973) и „Предградие“ (1975) на Едвард Захариев, „Последно лето“ (1973) на Христо Христов, „Селанецот со тркалото“ (1974) и „Матријарх“ (1976) на Људмил Кирков, „Самовилско оро“ (1976) на Иван Андонов и други. Всушност, силниот бран на овие филмови „тивко и непретенциозно“ ја зафати клучната идеолошка дихотомија малата-голема правда која подразбира дека пред „големата правда“ на светлата комунистичка иднина, драмите на обичниот човек („малата правда“) не се релевантни. Екранот ги рехабилитира вистинските човечки проблеми, а во естетиката на филмот беше извршена транспозиција на типичното чувство кон автентичноста на средината и хероите, што придонесе на меѓународните фестивали веќе да се зборува за бугарска документарна школа.

По нив дојде бранот на и до ден-денес бесмртните бугарски хитови, филмските откритија, посветени на неприлагодените, осамените и бунтовниците во минатото и сегашноста – „Машки времиња“ (1977) на Едвард Захариев, „Авантаж“ (1977) и „Мера според Мера“ (1981) на Георги Ѓулгеров, „Кратко сонце“ (1978) и „Оркестар без име“ (1981) на Људмил Кирков, „Сè е љубов“ (1979) на Борислав Шаралиев, „Да сакаш заинает“ (1985) на Николај Волев, „Вчера“ (1987) на Иван Андонов, „Јас, Грофицата“ (1989) на Петар Попзлатев. Во пресрет на кобната 1989 година, енергијата на бугарскиот филм започна да се растура меѓу собраниот бес („Маргарит и Маргарита“, 1988, на Николај Волев) и отуѓеното самоспознавање („Парчиња љубов“, 1988 и „Избегани кучиња“, 1988, на дебитантите Иван Черкелов и Људмил Тодоров). Следната филмска генерација сè уште не знаеше дека ќе ги изеде новата револуција…

Втор целосен пресврт

Само што филмот едвај успеа да ѕирне во блиското минато без качулките на таканаречениот „социјалистички реализам“ („Кладенецот“, 1991, на Дочо Боџаков, „Молчењето“, 1991, на Красимир Крумов, „Сезоната на канаринци“, 1993, на Евгениј Михајлов, „Граница“, 1994, на Илијан Симеонов) и слободата што го зафати почна да станува убиствена – настапи целосен хаос во државното финансирање речиси три години и фактичко запирање на продукцијата на филмови; стопроцентно скратување кое исфрли стотици искусни филмски професионалци на слободниот пазар во отсуство на реален пазар за нивниот труд и недостаток на продуцентски механизам за „менаџирање“ на креативниот потенцијал. Не беа само погодени филмските творци кои ја извојуваа својата професионална репутација во времето на социјализмот или оние кои дебитираа во 1980-тите години. Немаше мотивација за младите. Режисерите се изгубија во бескрајната потрага по пари. Во периодот меѓу снимањето, монтажата, озвучувањето и вадењето копии минуваа месеци – а продукциите се развлекуваа со години. Во меѓувреме, кино-салите во земјата се топеа како лански снег – од над 3.000 паднаа на под 100 – и беа преземени од холивудските продукции. Ретки беа режисерите и продуцентите кои во новосоздадената ситуација опстојуваа во сериозните играни филмови. А во нивните филмови се одразуваше мачната депресија во кинематографијата, но и на целото општество. „Камења што се тркалаат“ (1995) и „Стаклени топчиња“ (1999) на Иван Черкелов, „Задоцнета полна месечина“ (1996) на Едвард Захариев, „Дневникот на еден лудак“ (1996) на Мариус Куркински, „Забранетото овошје“ (1994) на Красимир Крумов, „Вагнер“ (1998) на Андреј Слабаков, сите беа искрени, талентирани, исклучително соодветни на времето, но и тешки уметнички филмови.

Во 2000 година комата на бугарската филмска продукција стана факт – ниту еден бугарски игран филм снимен на 35 мм не беше завршен или прикажан во кино-салите. Нишалото на бугарската кинематографија застана во најоддалечената точка на неговата рамнотежа. Тоа беше време да се заниша во другата насока. Освен тоа, и ветровите исчезнаа.

Во февруари 2000 година почнаа официјалните преговори за пристапување на Бугарија во Европската унија, желба која седмото Велико народно собрание на земјата ја објави неколку месеци по падот на тоталитарниот режим во 1989. До нашиот прием во 2007 година, бугарската кинематографија успеа постепено да ги изгради непостоечките независни продуцентски механизми, а авторите ја повратија креативната форма. Во 2003 година беше усвоен и стапи на сила Законот за филмска индустрија, со што беше обезбедено релативно одржливо финансирање на филмската продукција. Само неколку години подоцна сè почесто имавме причини да зборуваме за „новиот бугарски филм“.

Далечното трауматично тоталитарно минато сè уште беше предмет на голем дел од новите филмови. Тоа е присутно и во „Бунтот на L.“ (2006, режисер Киран Коларов), и во „Мајмуните во зима“ (2006, режија Милена Андонова), и во „Чуварот на мртвите“ (2006, режија Илијан Симеонов), и во „Превртена елка“ (2006, режија Иван Черкелов и Васил Живков), и во документарниот филм „Преведувачката на црно-бели филмови“ (2006, режија Теди Москов). Меѓутоа, мотивацијата за присуството на тоа минато веќе беше сосема поинаква, а погледот кон него – ослободен од фатализмот, карактеристичен за размислувањето на луѓето кои се освестени како жртви. „Светот е голем и спасот демне отсекаде“ (2008) на Стефан Командарев го круниса трендот, беше продаден во над 35 земји и влезе во списокот за номинации за Оскар.

Следеше плима на анти-конформистички филмови како „Катран“ (2008) на Јавор Гардев и „Источни претстави“ на Камен Калев (2009), „Чекори во песок“ (2010) на Ивајло Христов и бран бескомпромисни дебитанти во 2011 година – „Засолниште“ на Драгомир Шолев, „Патики“ на Валери Јорданов и Иван Владимиров, „Аве“ на Константин Божанов, „Лора од утро до вечер“ на Димитар Коцев-Шошо. Започна да се формира творечката физиономија на една генерација која одбива да биде дел од статус кво состојбата, која ги разгледува проблемите на новите генерации и која се свртува кон современата публика.

Со заработката на филмот „Мисија Лондон“ на Димитар Митовски, што се појави во 2010 година (400.000 гледачи), започна рехабилитацијата на квалитетот на бугарскиот филм за најшироката публика, со креативен кастинг, интелигентна драматургија, распон на улогите на актерите, модерно и понекогаш предизвикувачко насочување – „Love.net“ од Илијан Џевелеков, „Тилт“ на Виктор Чучков, „Операција Шменти-капели” од Иван Митов и Владислав Карамфилов – Влади Варгала.

Ширењето „капка по капка“ од времето на „Писмото до Америка“ (1999) на Иглика Трифонова и размрдувањето со „Мила од Марс“ (2004) на Зорница Софија доби импулс со „Светот е голем и спасот демне отсекаде“ (2008) на Стефан Командарев што по „Катран“ на Јавор Гардев се претвори во мексикански бран. Се случи незамисливото – бугарските филмови почнаа да се појавуваат во премиерната недела на повеќе од 20 филмски платна во исто време.

На ред беа рекордите на 2011 година. Рекорден беше бројот бугарски филмови снимени во една година – 10. Тие филмови имаа рекорден број гледачи – речиси 700.000, над 50% повеќе од 2010 година. Во споредба со почетокот на деценијата, публиката на бугарскиот филм се зголеми меѓу 20 и 40 пати. Рекорден број дебитанти – 8. Рекорден број филмови што учествуваат на меѓународните фестивали – од Кан, Сан Себастијан, Торонто, Москва и Карлови Вари до Њујорк, Лондон, Хамбург, Сараево, Лос Анџелес и др. – со над 50 награди.

Дел од тие филмови беа примени во елитните клубови во Кан („Аве“ на Неделата на критичарите и „Островот“ во Петнаесет дена на режисерите), Сан Себастијан („Засолниште“ во официјалниот натпревар), Москва („Патики“ во официјалниот натпревар), Карлови Вари (повторно „Патики“ во натпреварот „На Исток од Запад“).

Главните тенденции во последните години бележат бројни дебитанти, нискобуџетни филмови што се бескомпромисни на уметнички план, зголемена популарност на кратките филмови и историски продукции со сериозни буџети, како и рекордните заработувачки на благајните како тие на „Војвода“ (2017) на Зорница Софија и „Возвишение“ (2017) на Виктор Божинов.

Нискобуџетните филмови (до 300.000 евра), од кои дел се дебитантски, освен извонредниот успех на фестивалите во земјата и странство, се радуваат на топлиот прием кај гледачите. „Отуѓување“ (2013) на Милко Лазаров се закити со наградата за режија на дебитант на Федерацијата на европските критичари и критичарите од медитеранскиот регион во Венеција (2013). „Лекција“ (2014) на Кристина Грозева и Петар Валчанов ги освои сите највисоки награди на Бугарската филмска академија и награди од над 15 меѓународни филмски форуми, а нивниот втор заеднички филм „Слава“ (2016) собра награди од повеќе од 19 меѓународни фестивали. „Без бог“ (2015) на Ралица Петрова ја доби наградата Златен леопард, наградата за женска улога, наградите на Вселенското жири и независните новинари во Локарно во 2016, како и најголемите награди на националниот фестивал Златна роза. „Лузери“ (2015) на Ивајло Христов ја доби Големата награда Златен Св. Ѓорѓи, наградата на критиката, на федерацијата на филмските клубови и второ место на листата на публиката на МКФ Москва 2015. „3/4“ на Илијан Метев освои Златен леопард во конкуренција на „Режисер на сегашноста“ во Локарно 2017 г. За прв пат во 30 години Бугарија учествува во „Посебен поглед“ во Кан со „Насоки“ (2017) на Стефан Командарев. А режисерот-аниматор Тео Ушев стана национален херој со номинацијата за Оскар за „Слепата Вајша“ – канадски филм според расказ набугарскиот писател Георги Господинов и со музика од Бугаринот Котарашки.

Сè поинтересни за анализа се филмовите на бугарските млади (и не само) режисери, кои го завршиле своето образование надвор од татковината, кои живеат постојано во странство (претежно во земји од Европската Унија), понекогаш од раното детство, кои го стекнуваат своето образование таму, но избираат теми поврзани со татковината или директно се враќаат да снимаат дома – Илијан Метев, Константин Божанов, Теодор Ушев, Рузие Хасанова, Елица Петкова, Ралица Петрова, Мина Милев, Тонислав Христов, Цветан Драгнев. Авторската гледна точка во овие филмови е бугарска, но животна бленда е отворена со културните влијанија од различни делови на светот. И најинтригантни не се само кинематографскиот јазик туку животот и проблемите на Бугарија, видени низ нивните очи. Што им е поважно од татковината, што ги потиснува и одбива, и што ги привлекува? Како ќе влијаат на бугарскиот филм и како ќе го променат? Иднината ќе покаже.

Автор:Антонија Ковачева

Ивор:Окно.мк

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *