Култура

Уживав како актер, ми беше жал како човек

Благој Веселинов е главниот лик од филмот „Исцелител“, кој никого не остави рамнодушен. Го игра ликот на Веле, грижливиот син, кој со својата механичарска плата се обидува да ги обезбеди лековите за својот болен татко. Откако во еден од возовите ќе најде марихуана решава да ја присвои за со магичниот колач што ќе го прави да ги ублажи болките на татко си. Вели дека искрено се радува што е дел од овој филм, и дека на секое ново гледање на филмот пушта понекоја солза на сцената на езерото кога Веле му се обраќа на Саздо. 

Разбивање на социјалните табуа, горкото секојдневие, пропустите во здравството, суровата реалност, трагикомичноста во која живееме е раскажана во 104-минутна драма со примеси на црна комедија. Што најсилно допре до вас од приказната на „Исцелител“?

– Распаднатото семејство и немоќта на поединецот да исплива наспроти силната желба за живот. И очајната потреба да се гризне од тој колач што исцелува. Приказната што плива во реалноста и тажната бајковита слика од нашето апсурдно секојдневие, секако ме допреа во целост. Уживав како актер, ми беше жал како човек.

По премиерите во Талин, Солун, како и прифаќањето на „Исцелител“ од најкритичната македонска публика, како гледате на филмот? И што најмногу ви го полни срцето?
– Публиката што секојдневно оди во кино да го гледа „Исцелител“ е најсилниот полнеж во моментов. Многубројните позитивни пораки што ги добивам од публика се незаменлива радост за мене. Посакувам филмот да допре до што поголем број Македонци.

Веле е позитивецот. Грижлив син, вреден механичар. Најважната битка му е да го врати здравото семејство по преживеана траума. Се обидува да ги ублажи болките на татка си. Дава рефлексија на комплексната релација татко – син. А ракот и сиромаштијата дополнително ѝ даваат тежина на семејната драма. Како го оформивте карактерот на Веле? Дали беше лесно и примамливо да се одигра ликот на снаодливиот механичар и „неомилениот“ син отфрлен од општеството и семејството?
– Секако дека беше напорен процес, 45 дена активно и фокусирано работење. Кога работите со љубов го користите терминот – слатки маки. Јас со Веле имав слатки маки. Во театарот и филмот имаме сериозен проблем што го наметнаа актери и режисери во недостиг од соодветна критика. Заборавија дека постоиме за публиката и сами станаа своја критика и публика, така нарцисоидно дојдовме до точка на топење. Во филмот „Исцелител“ го заборавивме огледалото дома.

Каква улога одигра Веле во вашиот живот?
– Веле дојде си го зеде тоа што е негово и замина, јас не се противев, интуитивно му дозволив баш сѐ. Телепатски можеме да се сретнеме во кое било време.

Филмот остава впечаток дека целата екипа уживала во снимањето, па оттука таа енергија се префрла врз публиката. Кој момент од снимањето и воопшто од „Исцелител“ е во вашиот фолдер на драги спомени?
– Културно и питомо помина целото снимање. Јас бев таму од почетокот, па до крајот, а во фолдерот на драги спомени се сите оние што учествуваа во создавањето на овој филм, секоја добронамерност беше пречекана со прегратка. Нема моменти, едноставно „Исцелител“ е драг спомен. 

Шармот на филмот ја освои публиката. Одамна се нема случено филм да дигне толку прашина во позитивна смисла. Дали бруталната искреност е тајната состојка што сите критики за „Исцелител“ се позитивни?
– Кога првпат го гледав филмот во Солун имав огромна трема, а по завршувањето имав чувство дека сум гледал модерен европски филм. Кај публиката веројатно се случува истото што ми се случи мене, филмот ги надмина нашите очекувања. Искреноста и посветеноста се доблестите на овој филм, а тоа на публиката не можеш да ѝ го скриеш, особено не на големото платно.

Филмот на Ѓорче Ставрески нурнува длабоко во актуелната стварност. Фокусот е ставен на македонското здравство. Лансира допадлив хумор. Во себе носи доза оптимизам. Нуди брановидно расположение. Охрабрува да почнеме да зборуваме за проблемите… Која е пораката што суптилно се проткајува низ дијалозите на филмот?
– „Македонската трај прај и глеј си го само својот газ“, тоа е таа реплика, која, за жал, нѐ опишува нас, тоа е злото што му се случува на нашиот ближен, ама не и нам. Во таква реалност сите сме губитници. За мене сериозна тема е колку како народ се отуѓивме. Семејството речиси и да не постои, се иситнивме на мали семејства и грчевито се обидуваме да опстанеме, пред светот секако прикажувајќи слика што не соодветствува со нашата вистинска реалност.

Што глумите периодов? Во чии „чевли“ сакате да влезете?
– Немајќи за чевли деновиве влегов во нечија кожа, гладен каснав од убаво спакуваниот отров и си ставив петарда во устата. Како актер ќе морам да го созреам овој лик, да го сомелам внатре во мене и да видам што ќе остане за пред публиката. Само така ќе можам да продолжам во новава година со „Галеб“, претстава во продукција на МНТ во режија на Н. Николич. Реалноста е сурова, но дали граѓанинот на Македонија денес е поразличен од граѓанинот во Русија додека владеел Сталин е одговорот што ќе го добиеме од Михаил Булгаков и неговото „Песјо срце“. А за тоа единствено животно, кое слепо го следи човекот, јас имам само љубов.

Автор: Сања Јачевска

Извор: ЛИК – Нова Македонија

Автор:

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *