Култура

Водно со години го делкаат, „Паркови и зеленило“ со „врзани раце“ за да спречува шумски штети

Додека институциите со години си играат пинг-понг со документацијата за презаштита на Водно, шумскиот фонд постојано се делка, од сите страни на Скопје. И тоа без многу потешкотии. Парк-шумата е под ингеренции на „Паркови и зеленило“, но јавното претпријатие повеќе претставува нем набљудувач на уништувањето на белодробната оаза, отколку со одврзани раце да може да спречува и санкционира штета врз шума вредна илјадници евра. Со тоа, активно да спречува и загадување, и потенцијални ерозии и поплави во градот. 

Проблематично е што 20-ина шумарски документи-записници од 2013 и 2014 година немаат конечна разрешница. Односно, шумарот забележaл сеча во заштитеното подрачје, напишал записници за сторени прекршоци, пресметал на разни локации штети од 15.000, па се до над 500.000 денари. Меѓутоа „Паркови и зеленило“ нема преземено понатамошни мерки. Овие записници немаат правна „тежина“.

Според записниците, најчесто под вид на штета е забележано „сечење дрвја“. Меѓу сторителите на прекршоци шумарот ги запишал и „ЕВН“, „Гранит“, но и неколку индивидуални лица или непознати сторители. За овој двегодишен период за „Гранит“ има 12, а за „ЕВН“ 7 записници.

Два записници за сторен прекршен во зелена површина за „Гранит“, напишани од шумар во 2013 и 2014 година, со пресметана штета

Непознат епилог за сторени прекршоци продолжува и во 2015 година. И во овој период, од 2015 наваму, зависно од локацијата, шумар од „Паркови“ во 15-ина посебни записници навел суми од 3.000 па над 120.000 денари. И тука видот на штетата обично е „сечење на дрвја“, а се среќава и „узурпирање на парк-шума“. Само два документи нашле пат до полициска станица Кисела Вода или Шумска полиција.

Ако се пресметаат штетите, само за периодот 2013-2016 врз база на овие „записници за сторен прекршок во зелена површина“ до кои дојдовме, тогаш сумата е над 5.7 милиони денари.

Плус, ова се суми од дел документи, каде износот на штетата е наведен врз база на пазарната цена на дрвото. Еколошката штета не е пресметана – изгубени и непроизведени количества на кислород, ерозија на соголениот терен, неапсорбирана прашина од шумите, изгубени климатски и екосистемски влијанија итн.

Радио МОФ го контактираше долгогодишниот активист и екологист Петар Бошевски, кој долго време истражува за уништувањето на Водно. Следи како институциите се справуваат со проблематиката. Тој собираше записници од архива на претпријатието, податоци од министерствата, општините, праќаше допис и до Управен инспекторат…

Бошевски тврди дека „Паркови“ не е во состојба да си ги врши обврските, бидејќи има врзани раце и нозе, од разни причини. Од една страна е самиот нерешен статус на Парк-шума Водно. Кога би добил нов статус (согласно категоризацијата во Законот за заштита на природата од 2004), тогаш, вели тој, заштитата сигурно би се подобрила, но и тој процес е закочен.

„Од друга страна, недопустливо е Водно, макар и со сегашниов статус, да не биде заштитено. А практично е незаштитено за цело време од прогласувањето за Парк-шума до сега. Незаштитено е бидејки има одредени фалинки во законите и прописите, кои на ‘Паркови и зеленило’ не му даваат соодветни ингеренции“, вели Бошевски.

Со тие проблеми, нагласува тој, „Паркови“ се судрува цело време, но никој не преземал ништо за да се решат. Напоменува дека „сите се помириле дека тука ништо не може да се направи, а и не им одговарало, бидејки ќе значело повеќе обврски“.

„Вака, сите си оделе по линија на најмал отпор и си одржувале традиција на дремење со скрстени раце. Вината е пред се’ во ‘Паркови и зеленило’ и во Град Скопје. Тие требале да ја алармираат јавноста дека Водно е незаштитено и да бараат решавање на проблемот. Тие одбрале да молчат и така траело со децении. Иако ‘Паркови и зеленило’ се вадат дека укажувале на проблемот, не можеа да ми покажат ниту еден документ во таа смисла“, забележува активистот.

Според Бошевски, репрогласувањето на Водно намерно било закочено за да может да се спроведат градежни активности од типот на Сончев Град, патот за Сончев Град, Македонско село и сл.

„Некој треба да одговара за тоа, како што треба да одговора и директорот (сега веќе поранешен директор) на ‘Паркови’, Душан Авировиќ за непроцесуирањето на шумарските записници, односно неподнесувањето пријави против сторители со познати генералии“, констатира Бошевски.

Од „Паркови и зеленило“ тврдат дека изготвените записници на нивните овластени лица претставуваат само документ за констатирана состојба и дејствија во Парк-шумата.

Претпријатието досега одржувало состаноци во неколку наврати со претставници на МВР, со инспектори од Шумска полиција при Министерството за шумарство, со комунална инспекција на Град Скопје, но, велат тие, се уште недостасува соодветна регулатива, овластувања како тие на шумските полицајци.

„‘Паркови и зеленило’ не е должно, ниту има законска обврска да достави пријави до МВР. Пријави до МВР се доставуваат кога се исполнети сите услови од одредбите од Кривичниот законик и кога е повикана полиција на лице место, кога е затечен сторителот на лице место без соодветна документација-одобрение, а за кое, повторно нашите шумари не се овластени да испитуваат и бараат увид“, велат за Радио МОФ.

Минатата 2017 година „Паркови“ поднеле шест пријави до МВР и седум до Шумска полиција. Не прецизираат за локација, сторител и висина на штета.

Радио МОФ веќе истражуваше за уништена шумата на месноста Рупи, над Клиниката за белодробни заболувања во Козле. Ова е случајот со парцели каде како сопственици се јавуваат Томе Костадиновски, Рубинчо Зарески и екс министерот Зоран Јолевски. Еден од ретките случаи каде „Паркови“ и Град Скопје побараа вештачење и утврдија штета од 853.200 денари. Ваквиот потег дојде откако во 2015 година Министерството за земјоделство и шумарство прво на Костадиновски му даде зелено светло за објект за обработка на земјоделски производи, а, по цела година и голем број соголени дрвја, го повлече бидејќи од документацијата не можело „да се констатира дека предметното земјиште се наоѓа во заштитена зона, бидејќи не е прибележано во Имотниот лист“.

Заштитената Парк-шума „Водно“ незаштитена од институции и узурпатори Над Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, длабоко во заштитената Парк-шума „Водно“ на местото Рупи, од минатата година планинари и мештани алармираат за голем еколошки злостор врз скопската белодробна оаза. Уништување на заштитениот дел од шумскиот фонд е регистрирано и преку вештачење нарачано од Градот Скопје, а Радио МОФ со истражување помогнато од … 

Презаштитата на Водно со години заглавена во институционален лавиринт

Град Скопје и МЖСПП со години си ја префрлаат топката за тоа кој е должен да ја спроведе презаштитата на Водно, но меѓувреме градежните апетити го „јадат“ шумскиот фонд. Границата на заштитеното подрачје се’ уште постои единствено во мислите.

Градските власти тврдат дека постои потреба за усогласување на два документи – „Правилник Студија за валоризација и ревалоризација на заштитените подрачја“ со „Студијата за утврдување на природните вредности и просторна идентификација на границите на парк-шумата Водно“.

„Град Скопје, заедно со министерството во текот на оваа година ќе пристапи кон усогласување на Студијата и очекуваме истото да биде завршено во интерес на убрзување на постапката за вреднување на парк шумата“, велат од Градот за Радио МОФ.

Од министерството, пак, добивме одговор дека Град Скопје треба да направи измена и дополна на „Студијата за утврдување на природните вредности…“, во однос на зонирањето на подрачјето и по барањата на Правилникот и да ја достави до нив. Па, потоа може да се отпочне постапка за репрогласување.

„Град Скопје има можности да реализира мониторинг активности на живеалишта и видови, како и дополнување на социо-економската компонента (податоци кои се потребни за дополнување и ажурирање на Студијата за Водно),  во рамките на тековен проект на ЕУ/УНДП за управуавње на управувањето со заштитените подрача, каде Град Скопје ќе добие директен грант“, соопштува МЖСПП.

Автор:Бојан Шашевски

Извор:Радио МОФ

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *