Култура

Објавени финансираните проекти од национален интерес во културата за 2018

На прес – конференцијаta во Музејот за современа уметност, министерот за култура, заедно со претставници на комисиите по дејности, ја објави Годишната програма и резултатите од Годишниот конкурс.  Процесот е спроведен во законскиот рок од 45 дена од донесувањето на Буџетот на Р.М за 2018 година. „Морам да нагласам дека тоа беше вистински предизвик, имајќи предвид дека од една страна добивме зголемен број на пријави, а од друга страна сакавме да воведеме поголема правичност, дисперзија и застапеност во нашата селекција“, рече Алаѓозовски.

За илустрација, посочи министерот, во ликовната, музичката, фолклорната и драмската дејност, во 2016 година беа пристигнати 1556, во 2017 година 1593 проекти, а на годинашниот конкурс пристигнаа 2066 проекти – 500 проекти повеќе, или над 25% пријави повеќе! Тоа покажува дека е зголемена довербата во институцијата и успешноста во популаризацијата на конкурсот во јавноста. „И покрај зголемениот број, или 5018 пријави вкупно, Министерството одобри над 50 % од сите пристигнати апликации, што ја демонстрира нашата заложба да им излеземе во пресрет на уметниците и културните работници во најголема можна мера“, рече Алаѓозовски.

Во таа смисла, прва цел беше да се отстранат аномалиите што со години се провлекувале низ селектираните програми, а кои јавноста ги критикуваше силно.  „Јасно и недвосмислено кажуваме – во програмата веќе не постои партиска, идеолошка или каква било друга негативна селекција“, дециден е министерот за култура. Програмата овозможува простор за сите уметници и за сите манифестации што имаат повеќегодишна традиција. Зад одлуките за неизбор стојат автономно конкурсните комисии и нивните образложенија за неисполнување на критериумите и потфрлање на квалитетот, посочи тој.

„Би сакал да ја потсетам јавноста дека ние ветивме и ја остваруваме транспарентноста во целиот конкурсен процес и во објавувањето на резултатите. Таа е драстично зголемена во однос на минатото. За време на конкурсниот период, обезбедивме 2 јавни консултативни средби и 1 консултативна сесија онлајн за потенцијалните апликанти, на кои присуствуваа и учествуваа стотици апликанти. За првпат Министерството за култура покрај списокот на одобрени проекти со побарани и одобрени суми,се објавени и составите на комисиите. Со ова се демонстрира  транспарентноста и отчетноста пред граѓаните како врвен риоритет на ресорното Министерство.

Анализата на резултатите од конкурсот покажува дека годинава имаме далеку порамномерна и поправична дисперзија на средствата од минатите години, во однос на етничката, географската, родовата застапеност, застапеноста на маргинализирани заедници, застапеноста на различните дејности и застапеноста на проектите што доаѓаат од вонинституционалниапликанти. „Со ова, ја демонстрираме и во пракса посветеноста кон нашите културни политики, кои целат кон изградба на едно општество за сите граѓани,  децентрализација на културата и пристап до културата за сите граѓани подеднакво“, рече Алаѓозовски, кој исто така посочи дека од овој циклус е воведена целосно нова конкурсна апликација за интердисциплинарни проекти, со што и во пракса се демонстрира заложба за приклучување на македонската култура кон современите и иновативни светски трендови.

„Врвен приоритет меѓу сите програми е заштитата на културното наследство. Сите загрозени фрески, икони, историски објекти, како на пример црквата во Курбиново, Скопскиот акведукт, фреската Св.15 Тивериополски маченици, се планирани или за директна конзервација или за изработка на основен проект, што е прв чекор во нивното санирање и заштита. Заштита им беше потребна и на многу објекти на културата низ целата земја, поради долгогодишно отсуство на грижа и финансии. Обезбедивме средства за санација на сите загрозени објекти на националните установи. Со посебна програма од 60 милиони денари, ќе спроведеме акција за реконструкција на покриви во над 20 објекти“, потенцираше министерот за култура, осврнувајќи се на некои детали од програмите по дејности.

„Во музичко – сценската дејност обезбедивме средства и за фестивали на алтернативните жанрови – рок, електронска и светска музика, а поддржавме и повеќе џез манифестации покрај веќе етаблираните фестивали.  Знаејќи ја лошата економска кондиција на општините и долговите што тие ги наследија, поддржавме многу манифестации, чијшто директен или индиректен организатор се самите општини, како Опен фест, Бит Фест, Д-Фестивал и други. Многу културни манифестации и истакнати уметници, кои со години беа игнорирани, првпат влегуваат во програмата или за првпат добиваат достоинствена поддршка.

Зголемени активности се предвидуваат и за меѓународното претставување на важните меѓународни саеми на книга. Министерството за култура од оваа година го активира целосно Секторот за книга при Министерството и го презема меѓународното претставување и презентирање на издавачката продукција и литературата од нашата земја, преку концептуално презентирање на автори и дела од Македонија прилагодено на тематските фокуси на саемите, што ќе ги зајакне меѓународните претставувања на македонската книжевност и издаваштво.

Табелите со поддржаните проекти преку годишната програма и Годишниот конкурс може да се пронајдат и сочуваат на следниот линк:

http://kultura.gov.mk/index.php/odnosi-so-javnost/soopstenija/3536–2018

Автор:

Слични статии