Култура

Денови на македонска музика

Вечерва, во Македонската филхармонија , ќе се се одржи првиот концерт на манифестацијата Денови на македонска музика. На програмата се дела од Сони Петровски: Три псалми за хор и оркестар, Панде Шахов со Концерт за кларинет и оркестар и Филип Иванов Концерт за виолина и ркестар. Под раководството на диригентот Борјан Цанев, ќе настапат солистите Игор Иванов, Александар Иванов и камерниот хор Херувими. 

Фестивалот „Денови на македонска музика“ е манифестација со 41-годишна традиција посветена на промоција на современата македонска музика. Организаторот на фестивалот, Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ е формиран во 1947 година и оттогаш е главен промотер на светската и македонската уметничка музика во земјата, на тој начин придонесувајќи кон зголемување на интересот и сознанијата за нови начини на музичка експресија и креација.

Покрај презентација на македонските музички дела, еден од неопходните аспекти на фестивалот е презентација на светски ансамбли кои ја промовираат македонската музика, а истовремено и културата или контекстот од кој потекнуваат. На овој начин, фестивалот поттикнува значајна меѓукултурна размена и создава инспиративна база за сите учесници, музичари и композитори од земјата и надвор, како и за македонската публика.

Фестивалот се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија, а финансиски е поддржан е од Министерството за култура на Република Македонија.

Програмата на фестивалот покрива широк спектар на концерти од сите музички жанри, работилници, дебати и презентации, за кои фестивалот традиционално соработува со најзначајните институции како Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Македонската радио телевизија и Факултетите за музичка уметност во Скопје и Штип.

Изминатите години бројни реномирани музичари и ансамбли учествуваа на фестивалот. Меѓу нив се: Athelas Sinfonietta (Данска), Питер Шепард Скарвед и Кројцер квартет (Велика Британија), Arcata Stuttgart и Патрик Штруб (Германија), Мориц Муеленбах (Швајцарија), Квартет Диотима (Франција), Artwork Ensemble (Германија) Stefan Schultze Large Orchestra и schultzing (Германија), Московскиот ансамлб за современа музика (Русија), Archaeus Ensemble (Романија), Saxofonquadrat (Германија), LP Дуо (Србија), Новиот Лондонски камерен хор, Ричард Бернас (Велика Британија), Ankara Wind Quintet (Турција), Trio Ardenza (Бугарија), триото Ars Musica (Словенија), Reconsil Ensemble (Австрија), Munchenerkammerorchester (Германија) и многу други.

Фестивалот се случува секоја година крај на март/почеток на април. „Деновите на македонска музика“ се широко покриени од медиумите. Речиси сите концерти се снимени од страна на Македонска радио телевизија, додека публиката е широка и разновидна. За својот квалитет, Фестивалот во 2013 година се закити со наградата „Виртуози“ во категоријата „Најдобра манифестација за 2012 година“. 

 

Слични статии