Култура

Пармаковска, Прља и Станојоски во финале за „Роман на годината“ за 2017

Романите „Одбројување“ на писателката Фросина Пармаковска во издание на „Или – или“, „Апокалипса.мк“ на писателот Бранко Прља, чиј издавач е „Готен“ и „Диссомнии“ на писателот Игор Станојоски во издание на издавачката куќа „Антолог“ се финалистите за престижната награда „Роман на годината“ за 2017 година која ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

„Одбројување“ е трет роман на Фросина Пармаковска која дипломирала на Филолошкиот факултет, катедра за Општа и компаративна книжевност, а магистрирала на Културолошките студии при Институт за македонска литература. Таа е авторка и на романите „Пишувајќи ги изгубените топки“ и „Вишнова хроника“.

„Апокалипса.мк“ е последниот роман на Бранко Прља, кој претходно под псевдонимот Берт Стајн ги објави романите:„3 минути и 53 секунди“ и „1 час и 30 минути“. Прља е автор на повеќе збирки раскази, а познат е и по својата работа како графички дизајнер и копирајтер.

„Диссомнии“ е третиот роман на лингвистот и писател Игор Станојоски. Станојоски дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во групата Македонски јазик со општа и компаративна книжевност. Докторирал на Институтот за словенска филологија Сосновјец во Полска. Автор е на повеќе книги од областа на лингвистиката како и на романите „Гаргара“ и „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“. 

Добитникот на наградата „Роман на годината“ за која во официјална конкуренција беа 27 романи ќе биде соопштен на 15 март, а по пат на тајно гласање за него годинава одлучува жири комисијата составена од претседателот Давор Стојановски – писател и минатогодишен лауреат и членовите: Ристо Лазаров, писател, Иван Додовски, писател и професор на Универзитетот Американ колеџ од Скопје, Анета Дучевска, професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“ и Катерина Богоева, новинар и член на Фондацијата „Славко Јаневски“. 
„Роман на годината“ 18 години претходно ја доделуваше лани згаснатиот „Утрински весник“.

Автор:

Слични статии