Култура

Почина Вера Бранѓолица – основоположник на македонската балетска сцена

Денеска, на 82-годишна возраст, почина балерината Вера Бранѓолица, родена Божиновска, една од основоположниците на балетската сцена во Република Македонија. Родена е во Скопје, 1936 година и од нејзината 14 годишна возраст ја започнува нејзината плодна кариера во балетот, во којашто има остварено многу улоги во нејзината матична куќа – Македонската опера и балет. Нижо и средно балетско училиште завршува во Скопје во класата на Ѓорѓи Македонски и Нина Кирсанова. Од 1949 до 1976 година таа е член на Балетот при МНТ. Како истакната солистка, изрзаено музикална и со извонредно чувство за драматуршко обликување на улогите, таа има одиграно многу улоги во безброј балетски претстави меѓу кои: Кармен во „Кармен“ од Жорж Бизе, улога со која ја заврши својата професионална кариера, Воденичарка во „Трирогатата шапка“ од М. Де Фаља, Тамара во „Тамара“  од М. Балакирјев, Дадилка во „Ромео и Јулија“ од С. Прокофјев, „Танц на Кадетите“, цигански танц во операта „Травијата“, Дон Кихот  и многу други.

 

од лево: Ц.Шулевска, О.Дорошева-Муратовска, Вера Бранѓолица, Л.Илиќ-Лашкова и Л.Баталакова

 

Вера Бранолица со нејзиниот сопруг, композиторот Љубомир Бранѓолица

 

Посмртните останки на Вера Бранолица ќе бидат изложени во капелата на Градските  гробишта во Бутел, утре (среда 21 март) од 14.30 до 15.30 часот. Погребот ќе се изврши во 15.30 часот.

Комеморација во чест на Вера Бранѓолица ќе се одржи во Македонската опера и балет во четврок – 22 март, со почеток во 12.30 часот.

Автор:

Слични статии