Култура

Private music – kонцерт на Кокан Димушевски

Вечерва на програмата на „Деновите на македонска музика“ во Музејот на град Скопје со почеток во 20 часот е авторскиот концерт PRIVATE MUSIC на Кокан Димушевски. На концертот публика ќе има можност да ги слушне најновите остварувања на полето на електроакустичната музика, во изведба на авторот на електронски инструменти и Љубиша Кировски на виола. 

Како да се дофати недофатливото? Да се искаже неискажливото? Да се улови неуловливото? Да опише неопишливото? Празниот простор исполнет со смисла. Разделбата молчешкум. Ветувањето без цел и епилог. Како да се реши енигмата кон што стремеле мислителите од сите филозофски и естетички епохи, а да не се употреби немоќниот јазик на вербалниот израз. И да се остане, притоа, свој, сопствен, личен, уникатен. И уверлив и прифатлив и разбирлив. Мојот одговор е овој. Неопишлив, но сфатлив за сите оние што се соочиле со мистериите на универзумот и со одгласот што се крие во секој од нас. И, којшто излегува некогаш. Во некој таен час, во тишината на ноќта или пред раѓањето на зората“ – Кокан Димушевски

Истражувачкиот дух на Кокан Димушевски придонесува неговиот авторски опус да е исклучително богат и разновиден. Освен жанрите на поп и рок-музиката, тука спаѓаат радиофонските дела, музиката за театар и филм, современа електронска музика, џез музиката за големи и мали состави, камерни дела, дела за симфониски оркестар, многу музички авиза за потребите на РТВ станици, играни ТВ серии итн. Заради широчината на опфатот во секоја смисла, неговиот творечки манир неизбежно носи елементи на еклектицизам, типичен за многу автори на дваесеттиот век. Кокан Димушевски е еден од првите автори кој во Македонија започнува да експериментира со новите технологии во современото творештво. Во последниве години неговите музички интереси се свртуваат кон компонирање за таканаречените „класични оркестарски формации“ кои ги дополнува со електроника, при што компонира неколку оркестарски композиции, дела за големи камерни оркестри и помали камерни состави.

Влезот е слободен.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *