Култура

Режисерот Лордан Зафрановиќ гостин на Кинотека

Познатиот хрватски режисер Лордан Зафрановиќ ќе дојде во Скопје, каде почнувајќи од трети, заклучно со петти април, ќе биат прикажани неколку негови филма. Тој доаѓа на покана од Кинотеката на Македонија и Факултетот за драмски уметности.  Зафрановиќ остана трајно запамтен по филмовите Окупација во 26 слики, Падот на Итлија и добитник е на многу награди. Тој е еден од најзначајните југословенски режисери и заедно со Горан Марковиќ, Горан Паскаљевиќ, Срѓан Карановиќ, Рајко Грлиќ, а подоцна ќе им се придружи и Емир Кустурица, припадник е на таканаречената Прашка школа – движење што ги произведе можеби најдобрите југословенски филмови.

Првиот филм од циклусот Гостин со причина, кој ќе биде прикажан на 3 април, е токму Окупација во 26 слики, а освен како режисер на овој филм, Зафрановиќ се потпишува и на сценариото заедно со Мирко Ковач, Филип Давид и Стипе Гурдулиќ. Ова е еден од најконтроверзните филмови во Југославија и предизвика бурни реакции. Зборува за тројца млади луѓе – Хрват, Италијанец и Евреин, кои се најдобри другари во предвоениот Дубровник. Кога нивната држава е окупирана од нацистите и нивните сојузници, идиличниот град станува место на терор и немилосрдни масакри. Пријателите мораат да заземат различни страни во светскиот конфликт. Овој филм влезе во селекцијата на Канскиот филмски фестивал во 1979 година. А на фестивалот во Пула освои награди за најдобар филм, режија и за камерата на Карпо Година. Проекцијата на филмот во Кинотеката ќе се одржи на 3 април, во 19 часот.

На 4 април ќе бидат прикажани два филма на Зафрановиќ, и тоа „Недела“ во 18 часот и „Падот на Италија“ со почеток во 20 часот. Филмот „Недела“ првиот филм на Лордан Зафрановиќ,  се смета и за прв во Прашката школа и во главна улога се појавува Горан Марковиќ, режисер на култните „Национална класа“, „Собирен центар“, „Веќе видено“…

Филмот раскажува приказна за група млади луѓе кои цел ден лудуваат по улиците на едно јадранско пристаниште, водат љубов, се задеваат, јадат и пијат, за да на крај, украдат еден автобус и во еуфоријата на нивната деструктивност се фрлат во морето што во манир на надреализмот симболизира воскреснување. „Падот на Италија“  е филм за партизански командир кој мора да го застрела својот другар војник. Ова се случува бидејќи тој се откажал од борбата и се предал на живот полн со грев и страсти. Меѓутоа, со капитулацијата на Италија во септември 1943 година, војната се чини завршена за многу војници, а меѓу нив е и командирот. Овој филм ја доби наградата „Златна арена“ на филмскиот фестивал во Пула во 1981 година.

Последниот ден од циклусот, 5 април со почеток во 19,30 часот ќе биде резервиран за „Вечерни ѕвона“, третиот дел од воената трилогија  (Окупација во 26 слики, Падот на Италија, Вечерни ѕвона) во кој главните улоги ги играат Раде Шербеџија, Петар Божовиќ, Миодраг Кривокапиќ и Петре Прличко. Филмот е базиран на романот „Врата од утробата“ на Мирко Ковач – роман кој во 1978 година го добива најпрестижното литературно признание во Југославија – Наградата на НИН од критиката.

Пред проекцијата на 5 април филмот, ќе се одржи разговор со Лордан Зафрановиќ, ќе го води проф. д-р Наум Пановски. Во рамките на посетата на Зафрановиќ во Македонија, Факултетот за драмски уметности од Скопје организира средба во нивните простории на 3 април, со почеток во 11 часот.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *