Култура

„Кобра“- филм за Шабан Трстена му оддаде признание на нашиот единствен олимпиец со златен медал

Скопје филм фестивал, што беше отворен на 19 април  во киното Милениум, со премиерата на македонскиот филм „Година на мајмунот“ го живее своето 21 издание Големата заинтересираност за првата фетивалска вечер, направи почетокот на проекцијата да доцни дури 40 минути Салата се полнеше бавно, делумно поради доцнењето на гледачите и создавање на гужвата на билетарата за да се подигнат билетите, а голем број посетители меѓу кои беа и новинари не успеаја да влезат во кино-салата.  Честа да го отвори фестивалот му припадна на режисерот Владимир Блажевски, кој се обрати на публиката пред проекцијата, и рече дека е неблагодарно еден автор да збори за своето дело, но, дека би било убаво да се продолжи оваа традиција македонски филм да го отвора фестивалот, а тоа да биде негов филм. За жал, реалноста е таква што седум години е временската дистанца помеѓу неговите последни два филма.

На втората фестивалска вечер, се одржа премиерата на долгометражниот документарен филм  „Кобра“, во киното Милениум, којшто зборува за нашата боречка легенда, Шабан Трстена, единствениот спортист од Македонија кој освои олимписко злато и чијшто успех никогаш не беше признаен од политичарите и општеството, којшто предизвика голем интерес.

Салата беше преполна, а голем број беа пријатели и спортски работници, познавачи на големиот спортист Шабан Трстена, меѓу кои Насе Насев,  селекторот на тогашната репрезентација на СФРЈ, во чиј дрес настапуваше Шабан Трстена, Васил Тупурковски, Ванчо Чифлиганец, спортските новинари-доајени на спортското новинарство, Атанас Костовски, Миодраг Мицковиќ, Зоран Михајлов и многу други, кои и се појавуваат во филмот.

По проекцијата Трстена се обрати на публиката и го раскажа неговоото изненадување кога му се јавиле од „Скопје филм студио“ да му кажат дека сакаат да снимаат филм за него, „бидејќи досега никој не се сети од државата на мене. Но јас сум богат човек бидејќи ги имам моите пријатели а луѓето ме препознаваат, ме застануваат и ми изразуваат почит, рече Трстена.

Филмот „Кобра“ е во режија на Игор Иванов – Изи, во продукција на Томи Салковски, „Скопје филм студио“, а сценариото е на Игор Иванов, Сашко Насев и Томи Салковски.
Истата вечер во киното „Фросина“ беше прикажан одличниот турски филм „Тексас холдем“, кој е приказна за четворица другари што се собрани да играат покер, додека надвор се случуват протести, на улиците во Истанбул. По проекцијата, екипата на филмот: Мајкл Ондер, режисер, Јозеф Амадо, продуцент и актерите Дамла Сонмез, Берк Хакман, Емре Јетим и Незих Чихан одговараа на прашањата на публиката, која беше во мал број, но беа поставени многу прашања за гостите.

Режисерот Ондер, одговарајќи на прашањето дали филмот имал цензура во Турција, рече дека подготовките на филмот пред две години, кога настаните и сеќавањата беа се уште свежи, и кога речиси никој и не помислуваше да направи филм за тоа. „Никој не побара од нас да исфрлиме некоја сцена, но вие се соочувате со вистинска цензура кога барате пари за снимање на филм“, рече режисерот Ондер. Тој сакал да се потсети на неговото искуство  од протестите и можел да се сети само на смешните работи. И на самите протести имаше многу хумор и графити, мислам дека тој дух на протестите продолжува, рече Ондер. Единствениот проблем што овој филм го имал со Владата на Турција е прикажување на цигари и алкохол во филмот, рече продуцентот.
Во саботата во киното Фросина беше прикажан првиот игран долгометражен филм, „Ава“, снимен на 35 мм трака на младата режисерка од Франција, Леа Мисуис, а потоа се одржа разговор со гледачите. Филмот првпат е прикажан на Канскиот филмски фестивал, 2017 година. Тоа е искрена приказна за женското созревање каде дејството се случува на југот на Франција од каде потекнува и режисерката, но нема никакви сличности со неа, потенцираше таа.  Продуцентката Фани Ивоне, одговарајќи на прашањата од гледачите по проекцијата , рече дека филмот се прикажал на околу 60 филмски фестивали, што само по себе зборува дека се работи за успешен филм. Замислата била филмот да има визуелен сјај, богат контраст и убава палета на бои, што се вклопува со споредната тема на филмот – губењето на видот на главниот лик, рече младата режисерка Леа Мисуис.  

Веднаш потоа беше прикажан „Стаорци на плажа„ од САД, втор филм на Елиза Хитман, снимен во 2017 година. Главниот лик, младиот Френки, се  бара во неговата сексуална ориентација, иако почнува да излегува со мажи, но истовремено фаќа девојка, сепак зборот геј му е далечен за да може да се идентификува.

Овој филм е дел од прогамата „Квир фокус“,  што годинава започна да ја реализира Скопје филм фест, со цел да се прикажат филмови што смело раскажуваат приказни со намера да креираат нов културен простор.

Скопје филм фестивал ќе трае до 26 април, денови во кои ќе се заокружи бројката од 50 филмови, предвидена за ова издание, меѓу кои се девет македонски, ќе се одржат предвидените работилници со авторите-гости, ќе се види ретроспетивата на филмови од Алфред Хичкок.

 

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *