Култура

Малиот Принц” – книга за деца и возрасни напишана пред 75 години

Возрасните забораваат дека и тие биле деца. ”Само со срцето добро се гледа. Најважното е невидливо за очите, порачува Егзипери во “Малиот Принц” .Летањето ќе се претвори во негова пасија. Неговиот краток живот од 43 години, ќе биде исполнет со летање и пишување.

С¢ започна како цртеж на книжна салфетка во ресторан во Њујорк, кога Антоан де Сент -Егзипери, нацртал русо момче, на кое што подоцна и ќе му даде одредени човечки карактеристики, и ќе ги внесе во една од најпопуларните детски книги на светот, “Малиот Принц”.

 

Тие што го знаеја Сент Егзипери, го опишаа како човек кој во секоја прилика цртал деца на салфетки, на мени во ресторан, или на било какво парче хартија што ќе му се нашло при раце. Приказната за Малиот принц била среќна коинциденција. Еден ден, неговиот американски издавач го запрашал што црта. Одговорот бил едноставен и изненадувачки. “Ништо посебно, тоа е дете на моето срце”, одговорил Егзипери, едноставно и изненадено на прашањето. “Зошто не напишеш и приказна за ова дете?, – го прашал  издавачот. Така Малиот Принц бил роден.

Ова година се одбележува 75 години од првото издание на оваа книга, што се случи во 1943 година. (Првото издание книгата го имаше во 1943 година во САД на француски и на англиски). Она што започна како цртеж во Њујорк, во изминатите години беше продадено во 80 милиони копии во светот, преведена на 160 јазици и дијалекти. Само во Франција биле продадени 11 милиони, со што “Малиот Принц” го зазеде местото на најпопуларна книга. Оваа книга е нежна приказна за моќта на љубовта, и таа секоја година, (веќе 75 години) освојува нови детски срца.

Денес, “Малиот Принц” е неизбежна книга во секоја детска колекција, библиотека. Алегорична приказна со универзална молба или обраќање кон возрасните, со неколку длабоки идеалистички гледања за животот и љубовта.

“Сите возрасни биле деца, но малку од нив се сеќаваат на тоа”, пишува авторот Егзипери на почетокот на книгата во посветата на неговиот најдобар пријател во Франција, новинарот Леон Верт. 

Егзипери уште како ученик најголем интерес покажувал кон астрологијата и литературата. Роден е во Лион во 1900 година. Останал рано без татко, кого го памети само од фотографиите. Мајка му уште од најрана возраст се трудила да го усмери, (заедно со неговите четири браќа) кон сликарството и литературата. Уште како ученик покажувал интерес кон астрологијата и литературата. Пишувал кратки приказни во текот на студиите. По неуспехот на завршниот испит на Воената школа, Егзипери се запишува на школата за уметност. Тој не бил задоволен со студиите, па поканата да им се приклучи во воздушните сили ја примил со големо одушевување. Како и повеќето млади луѓе и Егзипери се барал себеси. Тој бил срамежлив, непокорлив, бунтовен, често го менувал своето расположение, понекогаш изгледал полн со енергија и живот, за  одеднаш да се смени во воздржан, молчалив и лут, па потоа да потоне во размислување. Токму затоа оваа покана ја прифатил со големо олеснување и почувствувал дека го нашол неговиот вистински пат: авијацијата.

Летањето ќе се претвори во негова пасија. Неговиот краток живот од 43 години, ќе биде исполнет со летање и пишување. Во текот на својата летачка кариера ќе има незгоди и паѓања со авионот, ќе се здобива со скршеници, но повторно ќе му се враќа на летањето.

Неговата прва приказна е објавена во 1926 година, во која Егзипери раскажува за летањето. Втората книга “Ноќно летање” ја објавува во Аргентина, град што тој го мразел. Во 1931 година оваа книга била наградена а Егзипери бил оценет како многу познат пилот и одличен писател. Известувал и за граѓанската војна во Шпанија. Втората светска војна го затекнува на 31 годишна возраст и тој веднаш бил мобилизиран како пилот во авијацијата. 

За Егзипери, летањето, како и опасноста што го прати, е многу повозбудливо и попривлечно, ако лета на релацијата Дакар-Казабланка на 2.765 км преку Африка, а десидентските племиња гледаат во небото, спремни да пукаат на авионот. За него опасност е само ако се случи  несреќа во пустина, или ако те фатат востаниците. Во 1935 година тоа и му се случува. Егзипери и неговиот сопатник во авионот, поминале пет дена во пустината, умирајќи од жед, додека не ги спасиле Бедуините. Оваа случка ќе биде врежана во неговиот ум и, подоцна ќе ја опише во  “Малиот Принц”.

На почетокот на книгата, Сент Егзипери се замислува себеси затечен во пустината Сахара, каде среќава младо русо момче, мал принц, кој не е од земјата. Во разговорот помеѓу двајцата осаменици во пустината, авторот го открива неговото видување во врска со глупоста на човештвото и на едноставната вистина дека луѓето, т.е. возрасните биле деца, меѓутоа кога ќе подостарат, забораваат на тоа.  

Дејствието во “Малиот Принц” е многу едноставно. Малиот Принц живее на една планета, Астероид Б612, каде има три вулкани од кои два се активни, една роза и огромни дрвја баобаби. Еден ден Малиот Принц решава да го останатиот дел од универзумот и посетува шест астероиди. На крајот ја посетил земјата, којашто има 111 кралеви, 7.000 географи, 900 илјади бизнисмени, седум и половина миллион пијаници, 311 милиони вообразени, односно два трилиони возрасни личности.  На земјата малиот Принц ја среќава и лисицата која му ја открива нејзината тајна која е многу едноставна само што луѓето ја заборавиле таа вистина. “Само со срцето добро се гледа. Најважното е невидливо за очите”.  

На прв поглед тоа е приказна за деца, но всушност тоа е приказна од дете, напишана за возрасните, за да се вратат и да погледнат во нивното детство. Книгата е насочена кон сите возрасни, коишто заборавиле дека  и тие некогаш биле деца, на детето во нив коешто треба да се разбуди.

 

Загинувањеto на Егзипери  остана мистерија

 

Откако САД решава да се вклучи во Втората Светска војна, Егзипери се приклучува на американскиот тим со нов тип на авиони. Неговата возраст од 43 години не одговарала на овие авиони со брзина од 7 илјади км. во сек. за кои лимитарачка возраст била до 35 години. Едно погрешно приземјување послужило како потсетување на американската  команда, дека неговата возраст не одговара на новиот тип авиони. Следните осум месеци тој ги користел сите врски за да се врати во екипата. Кога успева во тоа, се согласува да има пет мисии, кои што станале осум, бидејќи тој секогаш се јавувал како доброволец.   

На деветтата мисија, 31 јули 1944 година, авионот на Егзипери изчезнува некаде над Медитеранот, кога од Северна Африка полетува на воена задача. Авионот и телото на Егзипери, исто како на Малиот Принц во пустината, не биле пронајдени на земјата. Пред неколку години, француска археолошка екипа пронашла остатоци од авионот во водите кај Марсеј. Мистеријата за загинувањето на Егзипери останува неразјаснета. Можеби тој патува на планетата Б612, придружувајќи му се на Малиот Принц, живеејќи тивко и без трага.   

 

Извадок од “Малиот Принц”

Возрасните никогаш не ги интересира доволно и искрено детството. Така ако им речете дека сте виделе убава куќа со розови тули, со гераниуми на прозорците и со гулапчиња на покривот.. ., тие нема да успеат да ја замислат таквата куќа. Треба да им се рече:

“Видов една куќа од сто илјади франка”. Е, тогаш тие ќе извикаат: “Колку убава куќа!”

 

Астероиди крстени според  “Малиот Принц”

Во 2003 година еден астероид кој бил откриен во 1998 година бил наречен Малиот Принц. Уште еден астероид го добил името, Б612, по астероидот во книгата на кој што живее Малиот Принц. Постои и астероид 2578 Сант-Егзипери, наречен по авторот на “Малиот Принц”. Постои Фондација, наречена Б612, којашто работи на врската помеѓу астероидите и земјата. 

Во 1979 е направена и цртана адаптација на книгата “Малиот Принц”. Во Јапонија исто така е направена серија на цртани филмови кои се базираат на оваа книга, во кои главниот јунак, Малиот Принц често патува по земјата, помагајќи им на луѓето. Во Франција во 2002 година е напишан мјузикл инспириран и наречен “Малиот Принц”, како и опера со истиот наслов која е изведена во 2003 година на сцената во Хјустон,  САД.

Во 2005 година книгата е преведена на Тоба- јазикот на домородците во Аргентина. Ова е прва книга преведена на овој јазик после Библијата. Книгата спаѓа меѓу неколку книги што се преведени на  латински јазик. Актерот Џемс Дин толку ја сакал книгата “Малиот Принц” што голем дел од неа знаел напамет. 

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *