Култура

Наградените композитори од поништениот конкурс реагираат: дали на Алаѓозовски не му се допаднаа некои имиња од наградените композитори?

Композиторите чии дела беа избрани на Конкурсот на Министерство за култура за откуп на нови композиции од 2017 година, реагираат откако Министерството одлучи да го поништи конкурсот.

Нивната реакција ја пренесуваме во целост:

„По објавувањето на соопштението (29.03.2018) на Министерството за култура, во кое се известува за поништувањето на Конкурсот за откуп на нови композиции за 2017, должни сме да реагираме поради следниве пропусти:

Соопштението содржи информации, ирелевантни за самото поништување. Цитирани се неколку делови од пропозициите (роковите за поднесување на пријавените дела, но и потребата за поднесување на пријавите под шифри), кои немаат никаква врска со поништувањето на конкурсот. Вметнувањето на овие цитати е пи-ар трик на Министерството, со намера да се создаде впечаток дека авторите кои се наградени го компромитирале процесот.
Соопштението непотребно ја подучува јавноста околу разликата помеѓу објавувањето на одлуките на тричлената комисија (назначена од Министерот) и објавувањето на решенијата на Министерот. Со ова вербално талкање се создава привид за некаква темелна контрола на процесот, и е уште еден пи-ар трик, за кој нема место во едно официјално соопштение. Истовремено, недостасува вистинската причина зошто Министерот не постапил по препораките на истакнатите професионалци, кои самиот ги назначил како членови на комисијата?
Соопштението избегнува да наведе јасно: какви сеадминистративните пропусти и кој ги направил? Со тоа потполно ја промашува својата цел. Од најавата за дисциплинските санкции кон вработени во Министерството се наѕира дека пропустите се направени внатре во Министерството. Сепак, одговорен за планирањето, координацијата и квалитетот на работата на Министерството е токму Министерот за култура. Од преземањето на должноста на 31.05.2017, Министерот имаше време да ја планира и координира работата на Министерството, за веќе по истекување нарокот за пријави на 31.10.2017 да располага со доволно човечки и технички ресурси за да се справи со пријавените дела. Зошто Министерот не го направил тоа (а го направил темелно во други сегменти од работата на Министерството)?
Споменувањето на организирање повторен конкурс (и напомената дека наградените автори од поништениот конкурс ќе можат да конкурираат по втор пат) е вметнато како уште една пи-ар мерка, со која Министерството сака да покаже дека се грижи за ситуацијата на наградените автори. Но, соопштението го игнорира фактот дека анонимноста на делата кои се наградени во поништениот конкурс е веќе повредена од самото Министерство (поради објавата на резултатите на 18.01.2018, истите дела се неупотребливи во повторениот конкурс).
Соопштението воопшто не се осврнува на претрпената штета на авторите, чии дела се наградени во поништениот конкурс. Министерството не им се обрати ниту да ги извести за доцнењето на процедурата на вреднување, ниту да ја објасни скандалозната пишман-објава, ниту да ги извести за споменатите пропусти. Одговорите дадени на поединци (во различни етапи во текот на долгото исчекување на резултатите) се контрадикторни. Досегашните информации создаваат јасна слика за бесрамно фабрикување причини за оваа груба и арогантна повреда на правата и интегритетот на петнаесет композитори, чија повеќемесечна макотрпна работа е обезвреднета.
Во отсуство на објаснување зошто се случиле административните пропусти и зошто Министерот не ја почитува препораката на комисијата, можеме само да претпоставиме дека на Министерот не му се допаднал списокот со наградени автори, и планира во повторeниот конкурс да се ангажира „административно“, за да се дојде до список, кој нему му се допаѓа. За таква интервенција, во држави со функционална демократија и воспоставен правен поредок Министерот одговара пред сите релевантни инстанци.

Поради очигледниот недостиг на релевантни причини за поништувањето на конкурсот, го повикуваме Министерот да ја преиспита одлуката и да ги преземе обврските, пропишани во конкурсот.“

Јана Андреевска
Андреј Блажевски
Валентина Велковска-Трајановска
Кокан Димушевски
Филип Иванов
Илија Илиевски
Горан Начевски
Ана Пандевска
Бојана Петровиќ
Сони Петровски
Драган Стојковски
Тодор Трајчевски
Благој Цанев
Панде Шахов

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *