Култура

Оскаровецот Роџер Дикинс е лауреат на Златна камера 300 за животно дело на „Браќа Манаки“ 2018

Британскиот оскаровец Роџер Дикинс, , (69)кинематографер на култни филмови како „Бегство од Шошенк“, „Фарго“, „Човекот кој не беше таму“, „Нема земја за стари луѓе“… и познат по соработката со браќата Коен, е лауреатот на „Златна камера 300“ за животно дело на 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој од 22-ри до 29 септември се одржува во Битола.

Името на лауреатот го соопшти директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска, на прес-конференцијаta што се одржа во МКЦ на 28 јуни.. Светскиот рекордер по номинации за Оскар, 13, Дикинс  годинава го доби Оскарот за кинематографија за филмот „Истребувач 2049“, а во кариерата има добиено уште над 100 награди и 148 номинации.

За професионалната биографија на лауреатот зборуваше уметничкиот директор на ИФФК, Благоја Куновски-Доре кој рече дека Дикинс (1949) ќе биде гостин во Битола за време на фестивалот заедно со неговата сопруга, Џејмс Елис Дикинс, исто така филмски професионалец.

Во неговата плодна кариера се издвојуваат два периода – британски – од средината на 1970-тите години кога снима филмови во кинематорафијата на својата земја, најмногу со режисерот Мајкл Редфорд, како и со режисерите Мајк Фиџис и Алекс Кокс.

Вториот период е американски, од 1990 година, кога со режисерот Боб Рејфелсон го снима својот прв американски филм „Планини на Месечината“. Следната година го снимил првиот филм на браќата Џоел и Итан Коен – „Бартон Финк“ и со нив ќе изгради најплодна соработка, станувајќи нивни партнер-кинематографер и ги снима сите нивни филмови од кои добива и најмногу (пет) од 13-те номинации за Оскар. Останатите осум номинации се со други, исто така, познати американски режисери.

„Нашата неколкугодишна упорност да го донесеме во Македонија еден од најголемите живи светски кинематографери Роџер Дикинс се оствари на наша најголема радост и тоа во годината кога тој конечно стана заслужен освојувач на Оскарот за креацијата во сега веќе новото антологиско дело од неговата богата ризница – „Blade Runner 2049“, филм креиран во соработка со канадскиот режисер Дени Вилнев, со кого претходно ги имаше и одличните остварувања „Сикарио“ и „Затвореници“, истакна Куновски, додавајќи дека покрај италијанските, британските кинематографери се најбројни лауреати во речиси четиридецениското постоење на „Браќа Манаки“.

Покрај Дикинс, кој за своето творештво има 115 светски филмски награди и 148 номинации, на фестивалот во Битола ќе има уште една ѕвезда која организаторите ќе ја соопштат на крајот на август. ИФФК „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 22 до 29 септември во Битола.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *