Култура

„Зборува Скопје“- за 55 годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1963

Скопје во периодот од 22 до 26 јули со повеќе од дваесеттина културни настани ќе ја одбележи 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1963 година.  Музејот на Град Скопје, Графити галеријата во ГТЦ, КИЦ, Музејот на современата уметност, платото пред МКЦ ќе бидат сцените на кои во определениот период ќе бидат реализирани бројни културни содржини преку кои скопјани ќе се потсетат на минатото но и   ќе фрлат поглед на иднината на градот во кој живеат. Почетокот на манифестацијата денеска ќе биде одбележан со враќањето на буквите од пораката на Јосип Броз Тито на источната страна на Музејот на град Скопје  во далечната 1963 година. Пораката долго беше сведок на историската солидарност што Скопје ја доби од светот по разорниот земјотрес и беше препознатлив и нераскинлив дел од Музејот и градското јадро.

„Самата манифестација наречена „Солидарноста се враќа дома“, започнува со откривање на буквите или текстот, изјавата на Јосип Броз Тито, кажана на 27 јули, доаѓајќи веднаш по земјотресот во посета на Скопје. Тој говорел за катастрофата која што се случила, но пред сè за солидарноста и помошта која ќе биде пружена на градот да се врати во нормала и да застане на нозе како што сме сведоци години потоа дека тоа и навистина се случи“, вели Фросина Зафировска, в.д. Директорка на Музеј на Град Скопје.

Во рамките на одбележувањето на 55 години од земјотресот во Скопје е предвиден  работниот камп „Скопје на нашите дланки 1963 – 2018“  којшто е органиран од страна на Здружението за волонтерско работно и едукативно ангажирање.

А, манифестацијата „Зборува Скопје“ во овие четири дена ќе ги обедини ликовната, театарската, филмската и мултимедијална уметност и граѓански активизам концептуално поврзан со земјотресот, но и со културната историја на метрополата.

Така „Тивка реконструкција на земјотресот“, перформансот на Билјана Радиноска и „Сонува Скопје“, краткометражен филмски колаж на Дина Дума, се делата на нашите млади уметници што ќе бидат дел од централниот настан на 25 јули што ќе се одржи во Графити галеријата на ГТЦ. Потоа ќе следува концертот „Разговор со смисла“ на Mammoth & Yashem, по него и настапот на Тодор Караколев и конечно овој дел ќе биде крунисан со импровизации на музичари од новата скопска алтернативна сцена.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *