Култура

На „Македокс“ повеќе од 70 филмови

Деветтиот Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“ беше отворен вчера во Куршули ан со проекциите на  краткиот копродукциски филм „Вај-фај плаза Куба“ на режисерот Адријан Келтенбор, и долгометражниот документарец за мачките во Истанбул – „Кеди“ на Сејда Торун. 

Според организаторите, фестивалот ќе биде пресек на најновото и најкреативното во документарната кинематографија. До 23 август под мотото „Реалноста режира, ние правиме филмови“ ќе бидат прикажани 70 филмови и ќе има исто толку гости.

Кеди мачки

На овој фестивал ќе бидат доделени и фестивалските награди; „Кромид“, којашто се доделува за најдобар филм во главната програма, потоа „Млад кромид“ за филм од програмата Нови автори, наградата „Сечкан кромид“ ќе биде доделена за најдобар филм во програмата Кратки документарци и наградата „Кокарче“  ќе биде доделена за најуспешен филм во студентската програма. Сите влегуваат во конкуренција за Наградата за филм со најдобри етички идеи. 

Организаторите, во пресрет на ова деветто издание, потенцираа дека „бројот девет е број на мудроста, универзалната љубов, на судбината, вечноста, ангелите, универзалнните духовни закони, вистината, се смета за магичен број, женски и интровертен. Дека тој вибрира со креативност, сензибилност, мистицизам и внатрешна мудрост, високи идеали, ексцентричност, визионерство, генијалност, неконформизам“. Од таму произлезе и мотото на деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е одбрана синтагмата „Реалноста режира, ние правиме филмови“ со што тематскиот фокус на фестивалот е ставен на режијата во документарниот филм.

– Ова издание на „МакеДокс“ генерално ќе им биде посветено на режисерите на документарни филмови и затоа го одбравме токму ова мото „Реалноста режира, ние правиме филмови“. Овој концепт сакавме да го поддржиме и со две значајни филмски работилници. И двете ќе се случуваат во Музејот на современата уметност во Скопје. Работилниците за режирање реалност се замислени како рефлексија на професионалните искуства, идеи и визии на двајца признати режисери за документарниот јазик како средство за изразување, споделување знаење, сеќавање и мисли – истакнува Петрула Вељановска, селекторка на програмата „Земја во фокусот“.

– Годинава ќе имаме филмови од многу земји и ќе имаме гости од Индија до Исланд. Додадовме еден ден плус и фестивалот ќе трае осум дена, рече Петра Селишкар, селекторка на Главната програма на „МакеДокс“ на прес-конференцијата на која беше соопштена фестивалската програма. 

Програмата „Земја во фокус“ годинава е посветена на Полска што, според организаторите, се должи на тоа што во последната деценија  полскиот документарен филм значително се издвојува во однос на останатите светски кинематографии. Во 2017 година во Полска се продуцирани 40-ина документарци, некои од нив и добитници на престижни награди и прикажани на познати фестивали. 

Утре ќе бидат прикажани 12 документарци од современата полска филмска продукција под заеднички наслов „Полска во срцето“, а во пресрет на годинашниот „МакеДокс“ во саботата во МСУ се одржа „Полски пикник“ и беа прикажани десет наградени фимови од Филмскиот фестивал во Краков. 

 

Соодветно на мотото на фестивалот, двајца познати режисери на докумернтарни филмови – Војцех Старон од Полска и Пирјо Ханкасало од Финска, за време на 9. „МакеДокс“ ќе одржат две тридневни работилници за улогата на режисерот во документарниот филм. Работилниците ќе се одржат од 10 до 13.30 часот во Музејот на современа уметност  – од 17-ти до 19-ти август со режисерката и сценаристка Пирјо, а од 20-ти до 22-ри август – со снимателот и режисер Војцех. За време на фестивалот (Куршумли ан од 18-ти до 21 август) првпат во Македонија ќе се одржува работилница за фотографија со мокар колодиумски процес и сите заинтересирани ќе имаат можност да се пријават и да ги научат вештините на тој стар начин на изработка на фотографија на стаклена плоча. На вечерашното отворање на „МакеДокс“ ќе биде поставена ретка изложба на фотографии изработени со колодиумски процес или т.н. мокра плоча – фото-технологија од 19 век. 

Проекците ќе бидат во Куршумли ан, на платото пред Музејот на Македонија и во Музејот на современа уметност.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *