Култура

Пет стихозбирки во трка за наградата „Браќа Миладиновци” на СВП

Најзначајната награда, што се доделува на Струшките вечери на поезијата за најдобра македонска збирка на песни, „наградата „Браќа Миладиновци“ ќе биде доделена во текот на траењето на оваа манифестација, а изборот ќе биде направен од пет поетски книги. Наградата ја доделува фестивалот Струшки вечери на поезијата за најдобра поетска книга на македонски јазик меѓу две фестивалски изданија.

Директорот на СВП, Мите Стефоски, денес на прес-конференцијата, на која беше соопштена програмата на 57.СВП,  рече дека во конкуренција за оваа награда се нашле 41 книга.  Изборот од петте наслови бил направен од претходно селектираните 10 наслови: Зоран Анчевски – Небесна пантомима; Андреј Ал Асади – Под дервишовото сиќе; Ана Димишковска – Пресадување на ружата; Јордан Даниловски – Гласови; Јовица Ивановски – Остави ме да си доиграм; Јосип Коцев – Сега е најдолгото никогаш ; Филип КлетниковСтојач на работ; Јосип Коцев – Сега е најдолгото никогаш; Дарко Лешоски – И тогаш Јаков му дари на Јосиф шарена облека; Сузана В.Спасовска – Пеперутка од пепел; Јован Стрезовски – Ништо не е конечно.

Годинава во трка за наградата, во најтесниот избор се влезени следниве пет стихозбирки: „Небесна пантомима“ од Зоран Анчевски; „Под дервишовото сиќе“ од Андреј Ал Асади; „Гласови“ од Јордан Даниловски; „Остави ме да си доиграм“ од Јовица Ивановски и „Пеперутка од пепел“ од Сузана В. Спасовска.

 

Одлуката на жирито за наградата ќе биде соопштена во рамките на претстојните СВП, кои ќе се одржуваат од 22-ри до 27 август.