Култура

Сараевски фестивал: Бејрутскиот слам ја замолчи двеилјадната публика

Филмот на Надин Лабаки „Капернаум“, кој во Кан го освои Гран-прито на жирито, ја донесе највпечатливата и најтажна приказна за едно дете кое сака да ги тужи неговите родители и да ги спречи повеќе да носат деца на овој свет.

Еден од најубавите и највпечатливите филмови на Сараевскиот филмски фестивал, дефинитивно, е либанскиот филм „Капернаум“ на Надин Лабаки, којшто својата светска премиера ја имаше на годинешниот Кански фестивал. Она што веќе како најава го знаевме и го пишувавме е дека ова е филм за имигрантските деца на улиците на Бејрут, дека тоа е социјална приказна за овие сиромашни и запоставени деца кои се обидуваат да се снајдат на секаков можен начин, но не знаевме дека ова е филм многу повеќе од тоа, ова е филм кој не соочува сите со прашањето на одговорноста. Ова е толку болен и силен филм, во кој малиот Заин на своите плеќи ја понесува целата тежина на судбината, покажувајќи им не сакајќи и на своите родители, но и нам, каде сме сите ние кога се соочуваме со овие судбини, каде се негвоите родители кои не ја понесуваат одговорноста, но и ние, системот, опшеството, сите оние неми сведоци кои всушност гледаат, но не забележуваат што, всушност, вистински се случува.

Се додека не се случи нешто големо, се додека едно дете од 12 години не избоде некого или не се реши да ги тужи своите родители. Зошто? Затоа што го родиле и затоа што и понатаму продолжуваат да раѓаат деца, за чии судбини во суштина не се грижи никој. Тогаш, пред судот, каде што го донесоа малиот Заин во лисици, се насобраа сите можни новинарски екипи за да пишуваат за тужбата на Заин, за да пишуваат за она што е атрактивно и интересно во трката за читатели и за профит.

Но, Лабаки секако нема да застане тука, туку сакале или не, интересно за медиумите или не, таа во детали ќе ја раскаже приказната за Заин, кој всушност е едно токму од тие деца, приказната која многумина не ни сакаат да ја видат, приказната која се крие зад една ваква навидум небулозна тужба, но толку реална, толку искрена, толку вистинска, и на крајот, толку на место. Тужба која требало веќе да ја поднесат други, но тоа нели не е наша работа, не се такви законите, не го правиме ние системот, итн, итн.

Заин е едно неверојатно дете, едно од многуте во тоа семејство кое живее во тој бејрутски слам. Но, Заин е поинаков, толку паметен, толку грижлив и толку решен целиот оној недостаток на одговорност на неговите родители да го понесе тој. Приказната почнува со неговата љубов спрема постарата сестра Сахер, која се обидува на секаков начин да ја заштити и да ги спречи неговите родители да ја продадат. Кога во тоа нема да успее ќе си отиде од дома, но ќе влезе во друг кошмар, останувајќи да се грижи за бебето на една имигрантка која ќе му помогне, но која одеднаш ќе ја снема… Филмот е направен толку реалистично, толку силно и впечатливо, што на отворената сцена во киното „Металец“, кое беше полно, владееше таква тишина, што можеше да се чуе и најмалиот шум и се чувствуваше онаа тежина во воздухот.

„Капернаум“ е неверојатен филм, во кој улогите на Заин и на малиот Јонас критичарите веќе ги прогласија за најдобри улоги на деца во историјата. Лабаки, која е родена во Бејрут, направила таков филм од срце, но и со голема храброст, бидејќи многумина ниту сакаат тоа да го видат ниту да зборуваат за таа одговорност, која се однесува на сите нас, што веќе и по реакциите за овој филм можеше да се види. Па сепак, и покрај различните критики, жирито предводено од Кејт Бланшет во Кан на овој филм му ја даде специјалната награда на жирито, која дефинитивно ја заслужува. А зошто „Капернаум“, затоа што Лабаки во оваа своја вечно актуелна приказна се навраќа токму на древното место во Израел, каде што Исус направил голем дел од своите чуда, порачувајќи дека она единственото што овие деца може да ги спаси, веројатно се чудата.

Извор: Слободен печат

Автор: Сунчица Уневска

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *