Култура

Плакети за археолозите по повод 40 години од откривање на Виничките теракоти

По повод 40-годишнината од откривањето и промоцијата во јавноста на теракотните икони од Виничкото кале, општината Виница  реши овој јубилеј да го одбележи и со доделување на плакети на  археолозите Коста Балабанов и Цоне Крстевски, како најзаслужни за промоцијата на Виница. 

На свеченоста по тој повод беше речено дека тоа е скромно признание за  истражувачите кои со  откритието  на иконите ја промовирале Виница, регионот и Македонија во меѓународни рамки.

 Виничките теракотни икони се единствени и уникатни примероци на уметничка креација откриени во целокупниот христијански свет од периодот на раното христијанство од 5-6 век и во годините што следуваа по нивното откривање станаа најизвезуваното културно наследство од Македонија ширум светските галерии и музеи. Затоа, сме им благодарни на луѓето кои помогнаа светот да го види ова богатство што е дел од нашиот културен идентитет, рече градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

Виничкото Кале како археолошки локалитет е забележано уште во 1954 од страна на М. Грбиќ, под името „Градиште“, а подоцна, во 1958, М. и Д. Гарашанин го вовеле поимот „Кале Баир“. Интересот за неговото истражување се појавил во 1978 година, кога археологот Цоне Крстевски донел во Музејот на Македонија пет фрагменти од теракотни релјефи со иконографски претстави, дотогаш непознати, особено интересни за проучувањето на старохристијанскиот период. Така, од 1985 година се започнало со археолошки ископувања кои непрекинато траат до денес. На почетокот како заштитни, а подоцна систематски, со овие ископувања е констатирана релативната стратиграфија на локалитетот. Според археолошките наоди, особено керамичките, животот во населбата се одвивал во долг континуитет, од неолитското време сè до полниот среден век, со таа разлика што се најмногубројни архитектонските остатоци од доцноантичкото време. Откриени се остатоци од ѕидови на неколку објекти од профан карактер, со организирани тремови, „клупи“ за седење, магацински простории, ѕидани од камен и варов малтер, кои на одделни места се зачувани во висина дури до 4 м. Во едни се најдени писцина, префурниум, водоводни инсталации и друго. Објектите биле подигнати покрај одбранбениот бедем, од кој е откриен еден дел заедно со една полукружна кула. Бедемот е ѕидан од кршен камен и варов малтер, а неговата ширина изнесува 3 м. Значајно е да се спомене дека во шутот меѓу ѕидовите е најден голем број на цели и фрагментирани реплики од теракотни икони, со непроценливи археолошки, уметнички и теолошки вредносни димензии. Приближно на средината на локалитетот се наоѓаат моше лошо зачувани остатоци од ѕидови на мала средновековна црква, многу порано прекопана од „диви копачи“ – трагачи по злато. Околу црквичката е откриен голем број примероци од архитектонска пластика, и тоа колони, бази, капители, делови од канцел, транзени, подни плочи и сл., а од подвижниот материјал фрагменти од керамички садови, предмети од бронза, железо и коска, потоа накит, монети и друго. Откриен е и истражен богат женски гроб од XII век во кој се најдени 9 стаклени и 4 бронзени позлатени белезици, 11 бронзени прстени,неколку позлатени и еден предмет од коска.

Признанијата на двајцата истражувуачи им беа доделени токму на Виничкото кале каде што беа и откриени теракотните икони, а свеченоста беше дел од културната манифестација „74 години слободна Виница“.

Ова богатство треба да се чува и негува и да не се прави лажна историја. Во текот на изминатите години одредени работи беа комплетно изменети, а значајни работи со иконите не се споменуваат. Зарем треба да потсетиме дека одреден број од нив најпрво беа презентирани во Ватикан, каде прват му беа претставени на папата, истакнал археологот Коста Балабанов.

 

Автор: